Традиционалниот меѓународен повеќедецениски фестивал на изворен фолклор ,,Тодорица”, со учество на домашни и странски изведувачи, ќе се реализира во сабота во Свети Николе, во организација на локалната самоуправа.
Информациите до кои дојде Локал Актив, говорат дека кај младите има интерес за изучување на народните ора и танци. Околу 120 деца и младинци ги вежбаат чекорите од традиционалните ора. Но, за жал, за разлика од порано, во Свети Николе сега речиси и да нема изведувачи, нема оркестар со народни инструменти, а нема интерес ниту за пејачи на изворните народни песни.
– Околу 120 деца и младинци ги изучуваат традиционалните ора во фолклорниот ансамбл „Јанко Глигоров“ при Домот на културата. Имаме некои иницијативи од поединци за пејачи на изворни песни, додека за свирење на народни инструменти нема заинтересирани. Вложуваме во подобрување на условите, лани ја реновиравме просторијата во која се вршат пробите на ансамблот со поставување нов под, огледала и друго, појасни Николче Тренчев, директор на Домот на култура „Крсте Мисирков“ во овој град.
Во моментов, еден основец и тројца средношколци од оваа општина, учат свирење на народни инструменти и изворно пеење, во државното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Професорот Сашко Петрев од тоа училиште, укажа дека Свети Николе е меѓу ретките општини каде нема основно музичко училиште, за да може талентираните ученици без да одат во соседните градови, да учат да свират на гајда, тапан, кавал, тамбура или изворно пеење и друго.
– Со згаснувањето на вокалното трио „Ѕуница“, згасна и изведувањето на изворното вокално пеење наречено ,,бурдон”, карактеристично како двогласно пеење на изворни песни, бидејки никој не пројави интерес за да продолжи“, додаде Македонка Миланова, поранешна членка на вокалната пејачка група од Свети Николе.
На годинешниов фестивал за изворен фолклор „Тодорица 2024“, што ќе се одржи оваа сабота на 23 март, ќе настапат 12 културно уметнички друштва на изворни песни и ора од земјава и странство, а најдобрите ќе добијат и награди.
За празникот ,,Тодорова сабота” во Свети Николе, ќе настапат и популарни македонски изведувачи на забавна и народна музика, вклучени во музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“. Посетителите ќе имат можност во рестораните да го вкусат локалниот специјалитет, светиниколска пастрмајлија, или да купат производи од традиционалниот панаѓур.
Р.П