Млади новинари решија стар проблем со голем вир пред училиштето во Ерџелија

Млади новинари решија стар проблем со голем вир пред училиштето во Ерџелија, што му создаваше главоболки на целокупното население.  Веднаш по формирањето на школскиот новинарски клуб во месец ноември 2023 година, тие алармираа за долгогодишниот проблем. Алармот стигна до Општина Свети Николе и беше направен градежен зафат, што ги спаси мештаните од непријатности. 

 – На главната улица од која жителите влегуват во село Ерџелија, во делот од улицата, на местото пред главниот влез на училиштето, после врнежи од дожд се создаваше голем вир. Оваа насобрана атмосферска вода претставуваше голем проблем за движењето на возилата, пешаците беа оневозможени да се движат и често со вода беа напрскувани од автомобилите при нивното движење, а особено голем проблем беше влегувањето на учениците во училиштето. Проблемот постоеше повеќе години, поради подигнати високи ивици на тротоарите, потрупаните одводни канали и асфалтирањето на улицата, слеаната дождовна вода немаше каде да истекува, раскажаа локални жители за Локал Актив

 Ученичкиот новинарски клуб во основното општинско училиште ,,Даме Груев”, е именуван ,,Бела надеж”. Учениците, во улога на новинари, имаат за цел да информираат за актуелни теми и да донесат позитивни промени во локалната средина во која живеат. Клубот го предводи наставничката – ментор,  Маја Давкова. 

Ученици членови на новинарскиот клуб „Бела Надеж“ заедно со наставникот - ментор Маја Давкова

– Со учениците направивме анкетен прашалник и спроведовме анкета меѓу жителите, за тоа кои се, според нив, приоритетните проблеми за решавање во селото. Вирот беше на врвот на листата со приоритети. Со резултатите од анкетата се обративме до локалната самоуправа. Учениците беа активни и гласни, го актуелизираа проблемот и зедоа активно учество во јавната расправа по предлог-Програмата и  Буџетот на Општината за 2024 година, појасни наставничката. 

Во моментов во селото се гради нова улица, што исто така беше меѓу приоритетите во анкетата. Младите новинари сега спремаат еко-акција за Денот на екологијата, 21 март. Ќе собираат отпад, а континуирано работат и на подигнување на еколошката свест и што помасовна вклученост на населението во еко-акции. 

– Се чувствувам исполнета кога јас и клубот придонесуваме да ги менуваме работите во средината во која живееме, рече ученичката Викторија Бојковска. 

Ученикот Бојан Манев нагласи дека сакаат со гласност да привлечат внимание за локалните проблеми и потреби. 

– Во нашето општество недостасува организирање на граѓаните и иницијативи, додаде  ученичката Нина Михајлова. 

Новинарскиот клуб е формиран во рамки на проектот „Младите размислуваат“,  поддржан од УСАИД.

Р.П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE