Шеесет и осум години од тектонската несреќа во Моклиште – аргумент за тоа зошто е важно пошумувањето 

Денеска Кавадарци обележува шеесет и осум години од тектонската несреќа во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа. Во несреќата загинале 11 луѓе и повеќе од 1.200 овци.     

Историчарот Мики Камчевски, наставник по историја, за Локал Актив Вардар потсети дека несреќата се случила меѓу 6 и 7 часот утрото  на  5 септември 1956 година, во месноста ,,Градот“, на околу 9 км. Југоисточно од Кавадарци. 

„За неполни петнаесет минути, според сведоштвото на неколкумина очевидци на овој ужасен настан, се одронил огромен комплекс земјена маса. Како последица на ова големо поместување, земја и камења покриле простор во должина од 1000 и во широчина од 400 метри“, раскажа Камчевски. 

На одделни места натрупаната земја достигнувала до стотина метри длабочина. При оваа природна катастрофа животот го загубиле жители од неколку села.  Покрај загинатите имало и неколкумина повредени лица од Крњево и од Ваташа. „Потребно е да се знае и фактот што целиот тој простор е без било каква вегетација. На целиот тој простор била поместена земјишна маса од 12 до 15 милиони кубни метри земја“, рече Камчевски.

По овој повод во 2011 година, на 55 годишнината од оваа трагедија Општина Кавадарци – локална самоуправа и МЗ од Ваташа на местото на несреќата поставија спомен плоча, што ќе остане да сведочи за овој трагичен настан.

С.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE