Поранешна негувателка од градинка од Велес е осудена на условна казна поради тоа што им давала на децата кои ги чувала да пробаат електронска цигара.
„Обвинетата В.И. од Велес е прогласена за виновна за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување“, соопшти Основниот суд Велес.
Со правосилна пресуда од 20 јануари 2025 година, потврдена и од Апелациониот суд Скопје, на В.И. ѝ е изречена условна казна затвор во траење од една година, што нема да се изврши доколку во рок од три години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Покрај условната осуда, обвинетата доби и забрана за вршење професија, дејност или должност како негувател во траење од пет години, исто така сметано од денот на правосилноста на судската одлука.
Инцидентот се случил на 29 септември, кога негувателката останала сама со група деца во занимална. Според изјавите на родителите, таа им ја понудила електронската цигара, а дел од децата, од љубопитност, ја пробале. По инцидентот и реакцијата од родителите, негувателката беше суспендирана од работното место.
О.К.