Технолошки удар: Како новинарството се (за)губи во социјалните мрежи

Автор: Гоце Трпковски*

Од трагедијата во Кочани известуваа мал број редакции, а информациите доаѓаа главно од профили на Фејсбук, вели Слободанка Јовановска, уредничка на „Независен весник“, потсетувајќи се на пожарот во кабарето „Пулс“ на 16 март. Додека медиумите се будеа тоа неделно утро, информациите, фотографиите и видеата од кобниот настан веќе беа стигнати до најголемиот дел од јавноста.

Социјалните мрежи се технологија стара повеќе од 20 години, и во своето време целосно го изменија начинот на информирање, нудејќи брзина и директна интеракција, кои традиционалните медиуми не можат да ги постигнат. Можат само да препишат од нив и да реобјават, како што правеа во оваа и во многу други ситуации.

Новинарството во целиот свет, со години се обидува да си го најде своето место во актуелниот комуникациски контекст. Односот меѓу професионалното новинарство и социјалните мрежи е тема што со години се проучува во светската комуниколошка наука.

Една неодамнешна објава на индискиот универзитет УПЕС, на пример, детектира по четири позитивни и негативни ефекти од интеракцијата меѓу мрежите и новинарството. Добивањето информации во реално време, брзината на информирањето, интеракцијата со публиката и можноста да се стигне до што повеќе читатели и гледачи се позитивните. Наспроти нив стојат борбата со наплив на дезинформации и лажни вести, притисокот да се биде брз наместо точен, интеракцијата со ехо-комори и ефектот врз менталното здравје на новинарите од изложеноста на вербални напади од публиката.

БИРН анализираше како овој судир меѓу старото и новото време се одразува врз македонскиот медиумски контекст на расцепкани редакции, хиперпродукција на пиар-содржини од властите, конкуренција од инфлуенсери, борба за кликови и препишување „со мали измени“, благодарение на алатките на генеративната вештачка интелигенција.

Големи социјални тимови

Кога премиерот Христијан Мицкоски ќе објави дел од дневните активности на својот официјален профил на Фејсбук, ќе го пренесат барем пет-шест онлајн-медиуми. Тоа може да се види со брзо пребарување на социјалните мрежи и на медиумските содржини.

Од поставувањето камен-темелници на локални градинки и училишни сали, преку пречекувањето гости во кабинетот, до честитањето на изборот на новиот папа, информациите често се реобјавуваат онака како што се напишани на профилот на првиот човек на Владата, и се илустрираат со истите фотографии што може да се видат на истата платформа.

Мицкоски не е единствениот случај. Се пренесуваат и објавите на Фејсбук за тоа што кажал министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, за средбата на министерот за транспорт, Александар Николовски, со поранешниот турски министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Кога првите луѓе на државата се во странство, пак, вршат редовен пренос од своите активности таму, а сите содржини завршуваат во медиумите, како што беше примерот со патувањето на Мицкоски во Вашингтон, за време на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Објава од Facebook профилот на премиерот Христијан Мицкоски

Социјалните мрежи ги претворија медиумите во индиректни пренесувачи на информациите за носителите на власта, а профилите на функционерите и институциите служат како „медиум“ меѓу политичарот и јавното гласило.

„Праксата, медиумите да црпат информации од профили на социјалните мрежи ја увезовме од светот пред десетина години, откако многу светски политичари го одбраа Твитер како платформа за обраќање кон јавноста“, вели Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите (СЕММ).

На почетокот, додава таа, оваа пракса изгледаше „фенси“ и значеше лесно достапни изјави и ставови на политичари, аналитичари и експерти од профили означени како официјални. Но, во меѓувреме, оние што ги произведуваат информациите многу вложија во својата продукција.

„Политичарите составија цели тимови, мини-медиуми во своите кабинети за полнење на нивните профили, со текст, фотографии и видеа, ангажираа пиар-гуруа, сниматели и монтажери, за да осигураат дека во јавност ќе се појави нивната најмоќна фотографија, а настанот на кој присуствувале е претставен како најуспешен“, додава Георгиевска.

Таа вели дека кога тоа се пренесува без новинарска интервенција, ќе биде повеќе пи-ар отколку новинарство. Но, тука има друг проблем – кој ќе ја направи интервенцијата. Додека пиар-тимовите во институциите се окрупнуваа и се претвораа во мини (и не баш мини) продукциски куќи, просечните редакции се ситнеа.

Зависност од готови извори

Податоците од неодамнешното истражување на Синдикатот на новинарите и медиумските работници и на РЕСИС покажаа дека во локалните и регионалните медиуми нема ни по двајца новинари во просек. Не е задоволителна состојбата ниту во онлајн-медиумите. Истражувањето покажа дека се попишани 681 работна позиција во интернет-медиумите, околу 260 се редовно вработени новинари и медиумски работници. Бројот на портали што се пријавува за реклами за време на избори, пак, се движи од 170 до 230. Кога ќе се поделат овие бројки, произлегува дека во просек во еден онлајн-медиум работат одвај тројца, а одвај еден е вработен новинар.

Некои редакции немаат ни двајца новинари | Фото: clasesdeperiodismo / Foter / CC BY-SA

„Проблемот е што во исто време, со продорот на интернетот, домашните редакции се раситнија до толку што голем дел од медиумите и медиумските работници се само селектори и некритични пренесувачи на информации создадени од новопечените издавачи. Без капацитет да објаснуваат, откриваат, раскажуваат, анализираат, контекстуализираат“, вели Александар Димитриевски, уредник во редакцијата „360 Степени“.

Македонските редакции испуштија драгоцено време за да се приспособат на новите технологии, и сега е тешко да го фатат чекорот, додава Ели Пешева, поранешна новинарка и уредничка, денес комуникациска директорка во маркетинг-агенцијата „Њу момент“.

„Се доведоа во сериозна зависност од „готови“ извори поради недостиг од финансиски и човечки ресурси“, смета Пешева.

Но, ресурсите и големината на редакциите не мора да бидат проблем, вели уредникот на македонската редакција на „Дојче веле“, Борис Георгиевски.

„Проблемот е нивната решеност – дел да се додворат, а дел да профитираат од пренесувањето на тие вести“, додава тој.

Неновинарска конкуренција

Додека медиумите сè повеќе се навикнуваа на готови информации, главни продуценти на нови и оригинални содржини станаа луѓе што ги користат социјалните мрежи како своја основна платфорема – поткастери, инфлуенсери, јутјубери… Одамна не е потребен класичен медиум за да се стигне до широка публика.

„Социјалните мрежи, а претходно и блоговите и платформите за споделување видеосодржини, овозможија буквално сите да можат да го користат и да го уживаат своето право на слобода на информирање. Тоа, се разбира, го прошири во бескрај бројот на актери што се занимаваат со јавно информирање, што не значи нужно и новинарско информирање“, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

Неновинарското информирање, пак, подразбира слободно ширење дезинформации или пропаганда, бидејќи овие алтернативни извори не се обврзани да почитуваат никакви стандарди, за разлика од професионалното новинарство.

Македонските медиуми тешко се справуваат со конкуренцијата од интернетот

Како што објаснува долгогодишниот новинар и уредник Сашо Орданоски, клучната разлика е во уредувачкиот пристап што се практикуваше кога традиционалните медиуми доминираа, во кој секоја информација поминуваше низ три фази. Прво, од илјадниците информации, медиумите избираа неколку десетини, до стотина, што публиката треба да ги види. Потоа ја поставуваа информативната агенда, така што дополнително селектираа десетина најважни вести. И трето, тие вести ги контекстуализираа, со што влијаеја врз општата дебата во јавноста. Сето тоа, додава Ордановски, го вршеа новинари и уредувачки тимови професионално остручени за ваквите информативни процеси. Но, тоа време заврши.

„Денес уредниците ја губат битката против алгоритмите“, заклучува тој.

Губењето на таа битка, меѓу другото, значи и спуштање на стандардите за информирање, како што посочија повеќето соговорници со кои разговаравме. Дел истакнаа дека ова не е прашање што може да го реши самата новинарска заедница, туку е потребна и поддршка од институциите.

„На ова треба многу бргу да се фокусираме сите, медиумите и невладиниот сектор во оваа индустрија, како и регулаторната агенција за медиуми, за да воспоставиме дијалог околу одговорноста на сите што се опфатени со проширената дефиниција за медиуми“, вели Георгиевска од СЕММ.

* Гоце Трпковски е новинар од медиумот „Призма“.

Оваа анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE