Прв пријавен сомнеж за труење на домашни животни од отровниот плевел Solanum elaeagnifolium во село Караорман

Здружението Ековита информира за првиот пријавен и документиран сомнеж за труење на домашни животни во штипското село Караорман поврзано со инвазивниот плевел Solanum elaeagnifolium — (позната и како „сребренолисен зрнец“), за кој што Локал Актив Вардар пишуваше во сторијата објавена неодамна.

„Според изјава од фармерот од Караорман, за околу 30 минути по пуштањето во нивата кај околу десетина животни се појавиле нетипични симптоми, а едно угинало. На лице место констатиравме густи жаришта на плевелот Solanum elaeagnifolium; Го запознавме фармерот со отровниот плевел и му дадовме насоки да избегнува пасење на вакви површини и да не внесува контаминирана биомаса со плевелот во храна,“ изјави Кристина Тодорова, дипл. инж. агроном, координатор на Ековита.

Според Ековита, во Караорман состојбата е загрижувачка, бидејќи плевелот е широко и упорно распространет на заразените места, а корнењето не дава траен резултат поради длабок и разгранет коренов систем со оглед на тоа што растението брзо се обновува. При орање, кореновите фрагменти се сечат и даваат нови изданоци, што резултира со „редови“ на плевелот по нивите, а по жнеењето на житото се забележуваат бујни поникнувања и силен развој во и покрај рабовите на нивите и пасиштата. Фармерите известуваат дека лани плевелот бил на мали површини и опасноста не била позната, а годинава е значително раширен.

Поради присуство на растението во житни парцели, поголемиот дел од плевелот е ожнеан, исушен, балиран и складиран заедно со сламата. Ова претставува потенцијален ризик од следни труења во зима, ако контаминираната слама се користи како храна или постилка.

Од Ековита препорачуваат да се изолираат и јасно да се означат сомнителни бали, да не се користете за храна или постилка, да не се носат животните на паша на жариштата, да не се коси или балира биомаса со плевел, а бобинките (растението има виолетови цветови и жолто-портокалови бобинки при зреење) се висок ризик поради семето. Од таму исто така препорачуваат рачно да се вади плевелот и безбедно да се отстрани, а употребата на хербициди да биде под контрола на агроном, при симптоми веднаш да се контактира ветеринар и да се информираат општинските служби. И доколку се појават нови локации да се испратат фотографија и GPS-точка до Ековита.

Од неготинското здружение апелираат и до институциите итна, координирана контрола на жариштата (управување со патни рабови/канали; интервенции пред плодоносење), привремена забрана за паша на ризични површини до санација, протокол за сомнителна слама (привремено повлекување од употреба, безбедно складирање и стручно постапување), јавна информативна кампања за препознавање на растението и управување со ризикот.

С. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE