Проверки кај деца од второ до петто одделение се вршени последниве месеци во Кавадарци, при што повеќе од половина биле во одлична кондиција, но имало и потхранети, имало и со деца со поголема тежина. Сепак, ваквите резултати не отстапувале многу од регионалните и европските стандарди.
Ова беше кажано денеска во просториите на Општина Кавадарци, каде беше соопштено дека успешно се реализира проектот за мерење и следење на физичкиот развој кај учениците во училиштата во Кавадарци. Проектот го реализира Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ во соработка со Општина Кавадарци, а биле опфатени 1.460 ученици од второ до петто одделение.
„Проектот има за цел следење на физичкиот развој на децата, информирање на родителите за евентуални проблеми и откривање на спортските предиспозиции. Податоците од мерењата веќе ги добија учениците и родителите, а денеска податоците беа доставени и до училиштата“, беше информирано на настанот.
Според нив, функционалноста, здравствената состојба, срцевосадовиот систем биле во одлична состојба и добра кондиција, а децата можеле да изведуваат физички активности.
Р. Л.