Министерството за образование и наука реагираше на обвинувањата на раководството на гимназијата „Кочо Рацин“ дека МОН предложил укинување на паралелка на македонски јазик за сметка на воведување на паралелка на албански јазик.
„Неточни се обвинувањата на раководството на СОУ „Кочо Рацин“ за наводно укинување на паралелка на македонски наставен јазик, за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година. Конкурсот за упис во средно образование за учебната 2024/2025 година предвидува идентичен број паралелки, односно места за ученици како и минатата учебна година. Станува збор за 4 паралелки на македонски и 2 паралелки на албански наставен јазик и истите се дефинирани согласно реалните потреби на општината“, рекоа од МОН.
МОН реагираше на соопштението на наставничкиот совет дека власта продолжува со сегрегација на учениците во велешката гимназија, единствено по етничка основа и без никаква реална потреба.
Од СОУ „Кочо Рацин“ велат дека дека спротивно на анализите на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес за реалните потреби и доставениот предлог-план за упис на ученици во прва година во учебната 2024/25 година, МОН предлага укинување на една паралелка на наставен македонски јазик, со што директно го ускратува правото на учениците деветтоодделенци кои следат настава на македонски јазик.
Наставничкиот совет смета дека во објавениот Конкурс на МОН е нанесена неправда и е неприфатливо решение, поради што истиот донел Одлука за исправка и усогласување на Конкурсот со Предлог-планот на Гимназијата „Кочо Рацин“ за упис на ученици во учебната 2024/25 во прва година, според кој треба да се запишат 204 ученици во 6 паралелки и тоа:
- 4 паралелки со изведување на настава на македонски јазик или 136 ученици со минимум 60 поени;
- 1 билингвална (македонско – англиска) паралелка или 34 ученици со минимум 60 поени;
- 1 паралелка со изведување на настава на јазикот на заедницата – албански јазик или 34 ученика со минимум 60 поени.
O. K.