Автори: Тодорче Ѓорѓиев* и Орце Костов**
Во 1924 година – точно пред 101 година – во Прилеп било формирано првото планинарско друштво во Македонија – „Златоврв“. Од таа година ова друштво за време на викендите, организирало искачувања на Пелистер и на Солунска глава.
Речиси три децении подоцна – во 1951 година – на иницијатива на велешките планинари и на Планинарскиот сојуз на Македонија (ПСМ), било формирано планинарското друштво „Солунска глава“, кое со помош на ПСМ почнало да го гради планинарскиот дом „Чеплес“, во кој во 1952 година бил организиран слет на планинари од цела Југославија.
Во 1972 година, на 1.194 метри надморска височина, на планината Бреза, со доброволна работа на планинарите од Велес, помогнати од повеќе фирми, бил изграден планинарскиот дом „Бреза“. Овој дом денес е целосно разурнат.
Во 80-тите години од минатиот век, биле оспособени неколку напуштени селски училишта и пренаменети во планинарски објекти, меѓу кои и два во близина на Велес: „Клепа“, на 600 метри, на планината Клепа и „Браќа Јаневци“ на 630 метри надморска височина – во село Ораов Дол.
Исечените „Брези“ на македонскиот планинарски спорт
Според анализата Статус, предизвици и перспективи на управувањето со планинарските објекти во Република Северна Македонија, чии автори се Снежана Трпевска, Живко Темелкоски и Горан Николоски „Најголем дел од планинарските објекти во нашата држава биле изградени во периодот по Втората светска војна, поточно, од 1950 до 1958 година. Во периодот од 1991 година до денес, не само што не е изграден ниту еден нов планинарски објект во државата, туку неколку планинарски домови биле опожарени: „Копанки“, „Дервен“, „Китка“, а други биле препуштени на забот на времето и се урнале до темел: „Бегово“, „Висока Чука“ и „Бреза“.
Според оваа анализа, во Македонија има 61 планинарски објект. Од вкупно 61 објект на планина: 18 се функционални планинарски домови и засолништа, 14 имаат функција на планинарски објекти; 7 се користат за засолнување, а 22 објекта ја загубиле својата функција како планинарски објекти.
Меѓу нив се и планинарските домови во регионот на Општина Чашка и Општина Велес, поточно во регионот Азот и на најголемиот планински масив во Македонија, Мокра.
Иако последнава една и пол деценија планинарењето близу Велес, Богомила, Чашка, и Папрадиште привлекува сѐ повеќе граѓани, поради состојбата на планинарските домови, ретко кој од нив се одлучува да престојува неколку денови на планина.
Некои се заглавени во судски спорови, некои чекаат нови сопственици или закупци, други се заборавени, во некои нема струја и вода, некои се обновени од планинарски друштва и ентузијасти, некои се целосно руинирани. Во регионот на Чашка и Велес се бројат на прсти оние домови кои се во солидна состојба и колку толку функционираат, макар било тоа само за викенди.
Локал Актив Вардар анализира кои планинарски домови функционираат во општина Чашка и Општина Велес, зошто некои од нив се без сопственици, зошто некои чекаат закуп или се целосно руинирани и што тоа значи за локалното население и за планинарскиот и здравствениот туризам.
Каква е состојбата со домовите – зошто верски објекти нудат подобри услови за преноќиште?
Планинарскиот дом „Браќа Јаневци“, општина Чашка се наоѓа во Ораов Дол, село во областа Азот во Општина Чашка, кое е оддалечено 30 километри од Велес и на 12 километри од железничката станица во село Теово. Овој објект се наоѓа на надморска височина од 560 метри и е во непосредна близина на селската црква. Порано бил селско училиште – откако училиштето останало празно, било пренаменето во планинарски дом. Денес е управувано од планинарското друштво „Кадиица“ од Велес.
Домот има еден кат и приземје. Во приземјето на објектот се сместени кујната и трпезаријата со прибор и опрема, една поголема просторија за остава и за чување на дрва, како и една помала просторија во која се чуваат прибор и некои поважни работи за функционирање на домот, како и два реновирани тоалети и една мала просторија за туширање. На катот има 4 соби со 36 кревети. Домот е во добра состојба и ги задоволува минималните потреби за сместување планинари кои од тука можат да се движат до врвовите Кадиица, Љута и до селата Габровник, Богомила и Теово.
Планинарскиот дом е во сопственост на Општина Чашка, но по донесената Одлука за издавање под закуп, склучен е договор за закуп и утврдена е месечна закупнина со Здружението на граѓани Планинарско друштво Кадиица 2022, како што не известија од правната служба на Општина Чашка.
Планинарски дом „Мокрени“, општина Чашка – Поранешниот дом на културата во село Мокрени, во областа Азот, е објект на 600 метри надморска височина и функционира како планинарски дом со кој порано управувало спортското планинарско друштво „Металург“ од Велес. Во објектот имало 32 кревети, струја и вода, кујна и голема просторија – трпезарија. И овој објект оригинално бил училиште, а подоцна бил пренаменет во дом на културата и во таква состојба бил предаден на планинарското друштво, кое потоа го трансформирало во планинарски дом. Во моментов има 30 кревети, кујна со голема трпезарија, бања и тоалет. Во селото има десетина постојани жители, а бројот се зголемува во текот на летните месеци. Од овој дом има обележани пешачки патеки до Богомила, Теово, црквата Свети Спас, Габровник и врвот Биса.
Првниот статус на овој дом е нерешен бидејќи за него нема сопственик. Правната служба од општината за Локал Актив Вардар потврди дека Општина Чашка води постапка пред надлежните органи со која бара да ѝ биде дадено корисничко право или запишано правото на сопственост.
Манастир „Св.Ѓорија“ – Ореше, Општина Чашка – Орешкиот манастир Св. Ѓорѓија е обновен манастир во азотското село Ореше. Сместен во пазувите на планината Даутица, на оддалеченост од околу 3,5 километри од селото Ореше, во месноста Манастиришта. Иако ова е манастир, конаците на манастирот се достапни за љубителите на природата. Манастирот располага со 12 соби со капацитет до 4 лица, со сопствен тоалет и туш, а воедно на располагање се ставени и старите конаци со неколку соби и десетина легла. Манастирот располага со една одделна просторија, која е поделена на 2 дела со целосно опремена кујна и дневна соба во која можат да се сместат до 100 лица.
Од манастирскиот комплекс има неколку патеки кои ги користат планинарите до Орешки водопад, Куртовица, Папрадиште, Даутица, Солунска Глава и планинарскиот дом Чеплес.
Планинарски дом „Папрадиште“, Општина Чашка – На надморска височина од 1000 метри, во густа шума и во прекрасен планински предел, се наоѓа селото Папрадиште. Исто како и во претходните две села и во ова село се наоѓа дом кој е пренаменет од селско училиште што престанало да работи во 1974 година. По цели 30 години негрижа, во 2005 година група планинари, членови на еколошкото здружение „Грин Пауер“ од Велес, покренале иницијатива и го земале домот под 20-годишна концесија од Општината Чашка.
Во старото училиште се правени повеќе промени, но сепак тоа го задржало својот автентичен изглед – се менувал инвентарот, се менувале кровот и олуците, бил поставен колектор за топла вода и од училиште на распаѓање станало објект за пример и примерно работење и само-одржливост што донесе и многу посетители. Овој планинарски дом располага со капацитет од 35 легла сместени во 5 простории, кујна и две дневни соби, два тоалета и туш кабина.
20-годишниот договор за стопанисување со домот на здружението Грин Пауер истекол во октомври 2024 година – и Општина Чашка си го врати во владеење. Домот се очекува да добие нов концесионер.
“Советот на Општина Чашка, неодамна донесе Одлука повторно да го даде под закуп овој планинарски дом и во тек е ангажирање на овластен проценител за утврдување на пазарната вредност на објектот и месечната закупнина и негово издавање под закуп“, одговорија од Општина Чашка на нашето прашање, што ќе се случува со домот откако завршил претходниот период на концесија.
Во однос на барањата на планинарите од Грин Пауер, Општина Чашка да му го врати домот на досегашниот домаќин кој, како што велат од ова здружение, 20 години добро се грижел за објектот – од општината ни одговорија: „Општина Чашка како сопственик согласно позитивните законски прописи ниту може ниту смее со претходните „домаќини – како што ги нарекувате – да продолжи договор без спроведена постапка за јавно наддавање“.
На прашањето што обврска би имал тој што ќе оперира со домовите, кои се критериумите за повикот, колку би го чинело закупувачот или општината за да ги заживее и дали општината би имала економска сметка сама да го направи тоа, од локалната власт одговорија:
„Одлуките кои ги носи Советот на Општина Чашка, меѓу другото, содржат времетраење на договорот за закуп, намена за користење на објектот кој се издава и слично, а по претходна утврдена почетна пазарна вредност и утврдена месечна закупнина се објавува оглас за електронско јавно наддавање и согласно постигнатата цена се склучува договор за закуп, така што не можеме да знаеме однапред колку би го чинело закупувачот – тоа се утврдува по завршувањето на законски утврдената постапка, согласно Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост“.
Планинарски дом „Чеплес“ – Се наоѓа на 1435 метри надморска височина на планината Даутица, во рамки на планинскиот масив Јакупица. Домот се наоѓа во шума од високи букови дрвја, има широк тревнат отворен простор и извонреден поглед кон врвовите на Јакупица. Домот е изложен на исток и има долг сончев период во текот на денот. Граден е од тврд камен и кал. Катот е граден од плот (плитар) малтерисан со кал. Кровната конструкција е од дрво покриена со поцинкуван лим. Има подрумска просторија, приземје и кат. Домот има шест соби за спиење. Има 56 кревети, но со групното сместување може да се сместат околу 100 планинари. Домот редовно се одржува, има електрично осветлување, довод на вода од сопствен извор – Нортонов бунар (пумпа). Надвор од домот има чешма со природна вода, исправна за пиење. Изградена е нова зграда со соби за сместување како продолжение на градбата каде што се наоѓа кујната, односно планирано е да биде кујна со посебна трпезарија за новиот дел од домот во кој има 9 соби со 30-тина легла.
До 2013 година сопственик на домот била Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ) и тој бил даден на користење на планинарското друштво Солунска Глава, но таа година не биле поднесени документи за легализација на имотот, па домот бил впишан во сопственост на Општина Чашка. За случајот се водел судски спор. За овој случај од правната служба на општина Чашка ни го доставија следниот одговор:
„Планинарскиот дом Чеплес е приватизиран во 2013 година, по претходно донесена Одлука за давање согласност за отуѓување на недвижни ствари во катастарска општина Папрадиште 60.46. Била спроведена постапка преку објавен Оглас за продажба на недвижни ствари сопственост на Општина Чашка по пат на усно јавно наддавање (Планинарски Дом „Чеплес“). Потоа склучен е договор за купопродажба со физичко лице – така домот од 2013 година, не е во сопственост на Општина Чашка “.
До овој дом се пристапува со пешачење од 4-5 часа по добро одржувани и обележани патеки. Со возило до „Чеплес“ се доаѓа исклучиво од Нежилово и се вози еден час по земјен пат во добра состојба и во должина од 11 километри. Од „Чеплес“ може да се пешачи до изворите на реката Бабуна, до месноста Долна Бабина дупка, може да се искачи врвот Солунска Глава (2540 метри надморска височина) за околу 3.5 часа пешачење, во добри временски услови во летниот период.
Планинарски дом „Бреза“, општина Велес – Во оваа општина нема ниту еден планинарски дом бидејќи единствениот претходно постоечки, наречен „Бреза“ е разурнат и е целосно надвор од употреба. Граден во 1972 година со средства од тогашните моќни велешки фабрики и даден за стопанисување на планинарското друштво „Солунска глава“ – се наоѓа на падините на планината Голешница која е дел од масивот Мокра и е под врвот Бреза по кој и го добил името. Се наоѓа на само 17 километри од Велес и со надморска висина од 1200 метри, сместен во близина на букова шума и папрат, претставувал место за одмор на велешани, а и на планинари од околните земји и од земјите од бивша Југославија.
Проблемите околу домот започнале во воениот конфликт во 2001-та кога во овој предел имало борби – дупки од куршуми се и денес видливи по зградата. Оттогаш е заминат и домарот, а со неговото заминување домот беше цел на крадци кои го изнесоа инвентарот за неколку години. Погледот од планинарскиот дом восхитува затоа што оттаму може да се видат аеродромот во Петровец, Овче Поле, рафинеријата Окта, делови од Велес и езерото Младост.
Колку домот бил популарен зборува и последниот графит напишат на ѕидовите, кога во 2000-тата година тука се одржал младински еколошки камп за волонтери со гости од цел Балкан, организиран од Еколошко друштво Вила Зора.
„Ова што го имате вие никој во светот го нема. Долу во Велес има пустинска клима, а само на 17 километри имате планинска клима“, му рекол еден германски новинар на велешкиот новинар Стоилко Андреевски додека двајцата престојувале во домот едно лето кога температурата во Велес била 37 степени целзиусови.
„Без грижа на совест, без чувство дека тој објект за жителите од загадениот Велес од отровите од Топилницата значеше живот, во 2000 година домот бил разурнат. Кој го разурна планинарскиот дом Бреза? “, праша Андреевски во една своја новинарска репортажа.
Поради близината, инфраструктурата, водата и електричната енергија, околу него никнаа мали викендички и се загради просторот од планината за изградба на нови викендички. Поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски пред пет години рече дека иако ПД „Бреза“ и околината катастарски спаѓаат во Општина Велес, таму се граделе објекти со дозвола на друга соседна општина – Зелениково.
Сегашниот градоначалник Марко Колев, пак, не одговори зошто не функционира планинарскиот дом во Бреза, дали општината има интерес за инвестирање или евентуално интерес за давање под концесија на домот. Планинарскиот дом Бреза, кој некогаш беше викенд-прибежиште за велешани, денес е претворен во руина што најдобро ја покажува незаинтересираноста на локалната и централната власт за инвестирање и развој на ваквите капацитети.
Волонтерите кои маркираат патеки немаат засолниште
Планинарите имаат голема потреба овие планинарски домови да бидат ставени во полна функција. Оние домови кои сѐ уште функционираат имаат очајни услови ако се направи споредба со домовите во Хрватска, Бугарија и Словенија, во поглед на градбата, сместувањето и нудењето активности.
Виктор Бојковски, претседател на здружението Грин Пауер, кое го стопанисуваше домот во Папрадиште и кој е еден од организаторите на 2070 километри долгата рута Македонска планинарска трансверзала, вели дека во реонот недостасуваат повеќе средени планинарски домови и поголеми рурални сместувачки капацитети и дека не може ваков голем планински реон да развива туризам со еден до два планинарски домови.
„На времето, во велешко функционирале многу планинарски домови. Денес за жал сликата е поинаква и функционираат само домот Чеплес, мотелот и ресторан во с. Нежилово (кои се во приватна сопственост), манастирските конаци во манастирот Св. Ѓорѓија во с. Ореше и пензионерскиот дом во с. Богомила (непостојано)“, објаснува Бојковски.
Тој смета дека потенцијалот за развој на планинскиот туризам во реонот на општините Велес и Чашка е голем, затоа што најголем дел од територијата на овие општини е ридско-планинско земјиште, со просечна надморска височина некаде околу 800 метри и со највисокиот врв во централниот дел на Република Македонија, врвот Солунска глава, со 2540 метри надморска височина.
Планинарската инфраструктура е добро развиена во овој регион и со тенденција да биде уште подобра, благодарејќи на волонтерскиот ангажман на неколку планинарски друштва и здруженија од Велес, кои несебично и без надомест работат на трасирање, маркирање и одржување на планинарските патеки.
„Во тој контекст би го спомнал и проектот Македонска Бесконечна Трансверзала ‘Самиана’, која во должина од 2070 километри минува низ цела територија на Македонија, а без малку од околу скоро 200 километри и на територија на општините Велес и Чашка, затоа што почетна и крајна точка на левото и десното крило на трансверзалата, која е во форма на симболот на бесконечност, се наоѓа токму во с. Капиново, општина Чашка“, вели Бојковски.
„Но, замислете со кој предизвик се соочуваат претходно наведените волонтери кои маркираат, а воедно и сите останати планинари рекреативци. Наместо да имаат планинарски дом како почетна точка и логистички центар за своите материјали и од каде што континуирано би можеле да работат на маркирање и расчистување на патеките, тие треба понекогаш за една патека да поминуваат ист пат неколку пати, затоа што не стигнале во текот на денот да завршат со работа. Проблемот е во тоа што се губи време додека се дојде до почетната точка на патеката, па да се стигне до последното маркирано место и да се продолжи понатаму со маркирање и повторно да се вратат назад по истиот пат, за да си одат дома, затоа што нема каде да преноќат“, вели Бојковски.
Доколку би имало повеќе планинарски домови сето ова беспотребно изгубено време ќе се скрати и ќе се посвети повеќе време на нови трасирања на патеки како и подобрување на целокупната планинарска инфраструктура, додава Бојковски.
Тој смета дека многу рекреативни планинари кои сакаат да го поминат целиот викенд на планина се откажуваат од идејата и се одлучуваат за некоја пократка еднодневна акција, токму поради фактот што немаат каде да преноќат. Бојковски, како лекар, смета дека отворањето на сите планинарски домови во двете општини би донело повеќеслојна корист:
„Најпрво би го издвоил здравствениот бенефит кој ќе им овозможи на луѓето да се рекреираат и да го продолжат својот престој на чист воздух и на поголема надморска височина, особено во последниве години кога аерозагадувањето е на највисоко ниво. Исто така, планината се препорачува на многу луѓе со здравствени проблеми, на кои престојот на чист воздух многу им значи за подобрување на нивната општа состојба. Следно, би го посочил е економскиот бенефит за локалното население, затоа што со посета на овие планински места и простори од поголем број туристи и планинари, ќе се поттикне локалниот рурален економски развој. Па така, локалното население од овие предели ќе може да ги нуди и продава своите локални земјоделски, сточарски и други производи од домашно потекло на самото место, без да има потреба да ги носи на пазар во соседните градови. Со тоа локалната економија ќе биде повеќе поддржана, вели првиот човек на Грин Пауер.
Тој додава дека локалните претприемачи ќе можат да размислуваат да подигнат сопствени помали сместувачки капацитети, кои ќе ги понудат на туристичкиот пазар кога ќе се зголеми бројот на планинари и туристи. На крај, вели: „сето ова ќе придонесе локалното население да остане на овие простори и со тоа да се намали миграцијата село-град и да се зачуваат и помалите села како самостојни економски единици“.
Секретарот на Клубот за планинарски спортови Азот, Горан Трајков вели дека засега нема услови за комбинирање на планинарскиот туризам со здравствен туризам, не само поради тоа што немаме домови, туку поради тоа што и тие што функционираат немаат ниту услови ниту капацитет за такво нешто.
„За здравствен туризам не сме подготвени во моментов, затоа што во огромен број домови нема капацитет да се опслужи голем број гости, нема домови каде што може да има храна, да има пансион, да им се пружа помош на стари лица. А и домовите немаат пристап за организиран транспорт”, вели Трајков.
Нула буџет за обнова на домови
Игор Смилев, еден од најактивните планинари од Велес и советник во Општината, учествуваше во маркирањето на таканаречената Македонска бесконечна трансверзала. Тој смета дека Македонија е единствена земја на Балканот која има државен буџет од нула денари за обнова или реконструкција на планинарски домови кои се во нејзина или општинска сопственост.
„Македонија е без буџет за одржување или маркирање нови планинарски патеки и единствена без организирана државна спасителна служба. Планинарските домови се аортата на планините и личната карта на една држава. За жал на македонската планинарска лична карта одамна ѝ е поминат рокот на важност и никој не сака да ја обнови“, за Локал Актив Вардар вели Смилев.
Според него, постоењето на здрави и функционални планинарски домови преку организирана државна стратегија за неколку години ќе ја направило Македонија светска планинарска дестинација со повеќе илјади странски гости годишно и раскошен потенцијал за развивање на алтернативниот туризам. Во прилог на оваа стратегија оди и создавањето на најголемиот планинарски проект во историјата на земјава – Македонската бесконечна трансверзала ‘Саммиана’ која е предвидена да привлече странски елитни планинари за трансферзално одење со траење од повеќе недели и да поминува низ домовите, селата, манастирите и низ сите позначајни културни и природни знаменитости.
„За жал планинарските домови се бројат на прсти со што уште во старт е отежнато функционирањето на оваа бесконечна трансверзала. Но, и овој проект на иднината кој сѐ уште е на доброволна основа е заборавен буквално од сите државни авторитети. Во периодот кој следува ќе направиме сѐ овој проект да стане составен дел на државната стратегија за развој на руралниот туризам, на планинарството како неговиот најважен и најсуштински дел“, дополнува Смилев.
„Sammiana“ е кружна непрекината планинарска патека која минува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
*Тодорче Ѓорѓиев е активист од КПС Азот.
**Орце Костов е новинар.