Авторки: Милица Пауновска * и Убавка Јаневска **
За некој кој прв пат би дошол во Неготино, веројатно првиот впечаток би бил дека е мирно и спокојно место за живот, град со плански изградени редици на куќи и дворни места, надополнети со колективни станбени единици, плоштад со кеј и со мовчиња, асфалтирани пространи улици и тротоари, со дрвореди, како и добро позиционирани локации на административни објекти на локални и државни административни, образовни, социјални, културни и спортски институции. Оние што подобро го познаваат градот, можат да потврдат дека тоа е плод на долготрајното урбанистичко планирање на развојот.
Подобрите познавачи на градот, пак, би рекле дека така беше до пред некоја деценија, бидејќи претходниот добро реализиран и организиран плански развој во поново време започнал да ги трпи првите негативни промени на сопствениот урбан лик. Реконструкцијата на коловозите на градските улици, особено на тротоарите на кои цементот го заменуваат бехатон плочки и нови ивичници, создаде сериозни проблеми за граѓаните со попречености. За оваа маргинализирана група, чиј број според податоците на Министерство за социјална политика, демографија и млади за Неготино изнесува речиси 100 граѓани, градот е е предизвикувачка локална заедница во која со децении тлее тивка борба за пристапност.
Тротоари од Али експрес, потребни „оф роуд“ инвалидски колички
Еден од нив е четириесетгодишниот Дарко Видони, лице со дијагноза „параплегија“. Болеста му ги одзела долните екстремитети, поради што не може да оди и користи инвалидска количка, како во домот, така и надвор од него. Овој неготинец смета дека ако не може неговата инвалидска количка да го однесе преку ивичниците на тротоарите до аптеките во градот, кои главно воопшто немаат пристапни рампи, или до ЈЗУ Здравствен дом Неготино, кој има делумна пристапност, тогаш Неготино не може да биде пристапен град.
„Имам потреба од користење на здравствени услуги и во итната помош на Здравствен дом Неготино. Еднаш, докторот не се ни симна од амбулантата долу, за да ме види и прегледа, туку испрати друго лице да ме фотографира. Јас имам потреби и од купување на лекови во аптека. Освен една, чија пристапна рампа има стрмен и тежок нагиб, и по неа мојата инвалидската количка мора да ја турка силен и добро развиен придружник, сите останати се недостапни“, рече Видони.
Тој смета дека во градот непристапни се исто така и зградите на локалната самоуправа во која се сместени подрачните единици на министерствата.
Инвалидската количка го носи Дарко Видони само до приземјето, но не и до било кој од горните катови на зградата, каде се издаваат услугите на министерствата. Видони има своја проценка и за ретко изградените пристапни рампи во градот. Тој за нив вели дека „таму каде што ги има изгедаат како да се порачани од Али експрес“, додека за поставените ивичници на реконструираните тротоари смета дека се „само за лица кои користат софистицирани инвалидски колички“, но не и за просечните, македонските, кои Фонд за здравство ги обезбедува за сите лица со попречености, без притоа набавките да ги направи според потребите на видот на болеста којашто им ги одзела долните екстремитети.
„Потребни се ‘оф роуд’ инвалидски колички за да се качиш на неготинските тротоари или да се симнеш на коловозите. Сметам дека и тротоарите се градени колку да ги има. Јас како лице со физичка попреченост можам да влезам само во приземјето на Општината, додека за мене не се достапни сите општински органи и не можам да користам ниту една услуга на министерствата“, додаде Дарко Видони.
Ваквата слика на состојбата, кај Видони веќе формирала мислење дека тој не е пожелен граѓанин во сопствената држава.
Објект на Центар за социјални работи нема прописна пристапна рампа
Дарко Видони е само еден од вкупно 94 лица со попречености кои живеат во Неготино. Според ЈУМ Центар за социјални работи Неготино, од нив 37 се деца.
„По извршениот увид во евиденцијата на Центар за социјални работи Неготино ви ги доставуваме бараните податоци за вкупно 94 лица со попречености кои живеат во Општина Неготино во 2024 година. Од нив 37 се деца и 57 се возрасни. Возрасни со телесна попреченост се 33 лица. Деца со телесна попреченост до 26 години се 18 лица. Возрасни со оштетен вид се 22. Деца со оштетен вид, до 26 години, се 2 лица. Возрасни со ментална попреченост се 2. Деца со ментална попреченост до 26 години се 17 лица“, пишува во одговорот на оваа државна институција по поставените прашања од Локал Актив Вардар. Лицата со попреченост со коишто разговаравме велат дека ниту општинскиот објект на Центар за социјални работи (ЦСР) Неготино нема изградено прописна пристапна рампа.
„Таа што се користи за влез, од задната страна на објектот, можеби е минорна бариера, наспроти внатрешноста на институцијата со надлежност да дава услуги и на лица со попречености низ тесни ходници и канцеларии, во коишто е незамисливо маневрирање со инвалидска количка“, велат тие.
Во официјалното известување се вели дека ЦСР Неготино во своите програма и буџет за 2025 година, ќе планира и ќе бара средства за поставување на функционална и безбедна рампа.
Во изминатите три години, заклучно со 2024 година, до Комисија за спречување и заштита од дискриминација има стигнато вкупно 43 пријави од лица со попречености, кои биле прифатени и била поведена законска постапка за решение. Но, ниту едно лице со попреченост од Неготино не се пожалило по основ на неможност за пристап до институции, недоволно нивелирани тротоари или потреба од лифтови во локални или државни институции.
„Воедно Ве известуваме дека во функција е задниот влез на установата. На влезот има известување дека за лицата со попреченост во функција е влезот од задниот дел од зградата. На задниот дел од зградата има известување дека е влез за лица со попреченост“, гласи одговорот на институцијата, на поставените прашања од Локал Актив Вардар.
Четворица пожарникари на раце сосе инвалидска количка ја носеле за пасош
За сите овие системски пропусти досега никој не им дал можност на лицата од оваа категорија да говорат, ниту на нивните семејства. Ако тие што се платени со нивни пари ги слушаат, тогаш до евиденцијата низ бројки ќе напишат дека за најголемиот дел од лицата со инвалидски колички животот ни малку не е лесен. Односно дека живеат се голем број на бариери и предизвици. Можеби ќе ги забележат и нерешливите проблеми што дополнително ги оптоваруваат семејства на овие лица, граѓани со еднакви права како и сите останати кои живеат без лифтови, пристапни патеки и со високи ивичници на улиците, што за нив се голем товар. Родители, браќа и сестри или блиски роднини на оваа категорија граѓани на средби, дискусии и трибини, организирани од граѓанските организации, се сѐ погласни за системските децениски пропусти и за глувоста и слепоста на носителите на одлуки.
Една од нив е и Светлана, мајка на девојката со попреченост, Драгица Иванова Гага, која во мај ќе наполни 30 години. Светлана не може сама да ја изнесе надвор од домот својата ќерка со инвалидската количка, која боледува од церебрална парализа. Светлана од пред три години користи помош на лична асистентка. За оваа мајка приоритетна потреба е добивање на поудобна и пософистицирана инвалидска количка за своето дете. Иванови не можат лично да ја купат затоа што не можат да ги заработат потребните пари за нова, поудобна и поедноставна за транспорт инвалидска количка. Тие се приморани својата девојка да ја транспортираат во количка што законски ја дава Фонд за здравство.
„Бараме да се зголеми додатокот што го даваат за Драгана. Институциите да се поангажирани за добивање на опрема, за редовна физикална терапија, за инвалидски колички и некои други помагала коишто ни се потребни без да доплаќаме. Износите на доплата се високи и не можеме да ги најдеме“, рече оваа мајка на лице со попреченост.
И додека Светлана говори за едни, личната асистентка на Драгана, Данче Илиева, зборува за сосема други предизвици. Илиева истакна нова непристапна институција за лицата со попречености во Неготино, Управата за издавање на лични документи на Министерството за внатрешни работи, која нема пристапна рампа.
„Првиот од двата негативни примери којшто можам јас да ги посочам од мојата лична асистенција е чекањето од една година за Драгица да извади лична карта. Како што знаеме, државата кажува дека за овие лица вработените од Управата доаѓаат дома да ги фотографираат но, ние со Драгица чекаме многу долго. Исто така, имавме лошо искуство кога ја однесовме Драгица да ја фотографираат во истата институција за да извади пасош. Благодарение на помошта на четворицата пожарникари, коишто на раце заедно со количката ја дигнаа и носеа Драгица, јас и таа успеавме да се качиме и влеземе во просторијата на оваа јавна установа во Неготино. Државата мора многу повеќе да стори за потребите на лицата со попречености“, рече личната асистентка.
Од Сектор за внатрешни работи Велес (СВР) во одговор на новинарските прашања на Локал Актив Вардар, вината за неизградената пристапна рампа прво ја префрлија на Општина Неготино за потоа да покажат подготвеност за партнерската изградба одстрана на двете институции. Но, во нивниот став го нема најважното – рокот во кој пристапната рампа ќе биде изградена за лицата со попречености во Неготино.
„Ве известуваме дека објектот на Управните служби Неготино, кои се дел од Отсекот за управни работи Велес, се во сопственост на Општина Неготино. Ова прашање како такво се поставува неколку години по ред и треба сериозно да биде разгледано и решено во најкраток можен рок од страна на локалната самоуправа во Неготино. Министерството за внатрешни работи потполно се согласува дека рампа за пристапност на лицата со попречености во Отсек за управни работи Велес за Неготино е потребна, поради што во најбрз можен рок согласно предвидениот буџет, ќе се пристапи кон негова реализација во соработка со Општина Неготино“, соопштија од СВР Велес.
Листата на неопходно потребни пристапни рампи пред институциите се зголемува при секоја прошетка низ Неготино. Статус на „тврдина на бариера“, според нашите соговорници, има и подрачната служба на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Овој недостаток на пристапност, освен непријатност, претставува немоќ за остварување на основно човечко право на достоинство, велат тие. Како што споделуваат со нас, за влез во зградата на оваа државна институција постојано им била потребна помош од близок роднина или пријател. Затоа, како што нагласија, го губеле чувството на независност и секој пат барале помош од семејството. Ваквата состојба ги наведувала на помислата дека се семеен товар. Тоа пак ги поразува, ги прави безвредни и ги доведува до состојба на депресија.

Зградата на неготинската Пошта е следна на листата што ни ја споделија овие луѓе, кои што се мачат со пристапноста. Тие раскажуваат дека без разлика дали имаат потреба од испраќање писмо или добивање на пратка, токму пристапна рампа и пристапен влез кои не се изградени, се несовладлив предизвик за нив, што ги засилуваат чувствата на исклученост и на беспомошност. За овие луѓе, ваквите проблеми, се претвориле во секојдневна битка.
Центарот за култура како позитивен пример
Според граѓанските здруженија што работат на оваа проблематика, ништо поразлична во Неготино не е ни зградата на државниот Фонд за здравство. Пред неа има изградена рампа, но и изграден праг на влезна врата, што претставува значајна бариера за граѓаните во инвалидска количка. Тој праг е физички предизвик и психолошки деморализатор. Граѓанските активисти наредната бариера во локалната заедница ја лоцираат и пред филијалите на банките, кои како да не сметаат дека лицата со попречености им се од интерес за клиенти.
Иако и за нив лицата со попреченост имаат одредени забелешки кога е во прашање вистинската пристапност, од Националната установа Центар за култура Ацо Ѓорчев велат дека тие се единствен светол пример во овој поглед во градот.
„Објектот има функционална пристапна рампа и ги отстрани сите прагови што се наоѓаа на самиот влез, како и пред фоајето, со цел да се овозможи непречен пристап до внатрешноста на објектот, кино салата и тоалетите. Во изминатите години значително е залагањето за создавање на инклузивна клима во институцијата, со цел да се обезбедат услови и можности за целосна инклузија на лицата со попреченост. Вреднувањето на различностите, промовирањето на еднаквост и недискриминација, како и креирањето на можност секој да може подеднакво да учествува во културниот живот, е една од нашите главни цели во работењето. Во однос на дејностите во кои работи нашата институција, меѓу кои драмска, визуелна, фолклорна, филмска, остварени се многубројни проекти во кои директно се вклучени и лицата со попреченост.

Лицата од Дневниот центар Порака се редовни посетители на сите настани во Центар за култура и се директно вклучени во секој проект каде што можат да придонесат секој на свој начин,“ одговорија од оваа национална културна институција.
Повеќедецениска борба со институции без резултати
Oвие предизвици без решенија за лицата со попречености експертите ги сметаат за скоро три децениска борба со институциите без поголеми видливи резултати.
Далиборка Златева, како претседателка на велешкото граѓанско здружение на лица со церебрална парализа и други попречености, смета дека не само во Неготино, туку и во останатите општини во државата, состојбата е иста. Златева не сака да верува дека бесцелно се потрошени 28 години на подигање на јавната свест за изградба на пристапни рампи, за нивелирање на тротоари и спуштање на ивичници на улиците во градовите, како и за маркирање на паркинг места за возила на инвалиди.
„Општинската администрација е таа што планира градби и реконструкции. Сметам дека е потребно уште при подготовката на проектите да се излезе на лице место, а не да се планира од канцеларија. Точните проценки се прават кога во техничката документација влегуваат точно измерените вредности. Нема потреба од импровизации. И да станува збор за само една непрописно изградена пристапна патека, за еден тротоар или за еден лифт, тоа значи дека нема олеснување, туку напротив, создадена е компликација во пристапот на лицата со попреченост, како на улица, така и во институција. Тажно е денес да говориме за неостварени права на лицата со попречености, ако нашата држава ја ратификувала Конвенцијата за правата на лицата со попречености донесена на Генерално собрание на ООН во 2006 година. Документот ги обврзува сите – и општинските и државните институции – да покажат разбирање и да работат на создавање живот без бариери во локалните заедници,“ изјави Златева.
Таа апелира да покажат емпатија сите граѓани, фирми, локални и национални власти, како преку поддршка на граѓанските организации кои се постојано гласни, така и на семејствата на лицата со попречености, чии проблеми со задоволување на материјалните и на нематеријалните потреби на нивните деца се сериозни.
Според проценките на дипломираните архитекти кои проектираат и изведуваат пристапни рампи пред институции во општините и во државата, една прописно изведена рампа вкупно чини околу 500.000 денари. Станува збор за изведба на бетонска рампа за лица со попречености чија законска предмер пресметка е со димензии 30 х 1.2 х 0.15 метри. Највисока кота на рампата изнесува 1.5 метри, додека во изведбата се користат два столба со попречен пресек 0.25 х 0.25см и темели за столбовите и рампата. Рампата има прописен пад од 5%.
Во изминатите три години, заклучно со 2024 година, до Комисија за спречување и заштита од дискриминација има стигнато вкупно 43 пријави од лица со попречености кои биле прифатени и била поведена законска постапка за решение. Но, ниту едно лице со попреченост од Неготино не се пожалило по основ на неможност на пристапат до институции, недоволно нивелирани тротоари или потреба од лифтови во локални или државни институции.
Според одговорот на новинарските прашања на Локал Актив Вардар од страна на Комисијата, во вкупниот број на поднесени преставки, само неколку се однесуваат на областа на пристап до добра и услуги кои биле во надлежност на локалната самоуправа, односно се однесувале на скратено право на користење само најавни паркиралишта. Меѓу нив нема граѓани на Неготино.
** Убавка Јаневска е новинарка.
* Милица Пауновска е граѓанска активистка на здружението И ЈАС СУМ.