Волонтери од Велес извлекоа околу 120 тони штетни материи од површината на езерото Младост, во обид да го одржат во живот

Во езерото Младост од викендов има околу 120 тони помалку растителна маса и алги во распаѓање,  измешани со остатоци од фекално потекло. На јужниот дел од езерото, таму каде што се влива Отовичка река, е сконцентрирана материјата во вид на кора, со корени во форма на дебели конци на мала површина, затоа што ветерот дуваше од северен правец. 

Според процените на стручните лица од волонтерскиот тим, се работи за вкупна количина од околу 300 тони материја. 

Првите 60 тони ги собраа граѓанските волонтери на иницијатива на Здружението на спортски риболовци Бабуна

Фотографија на Олгица Наумовска

„Да се надеваме дека северниот ветер нема да го промени правецот. Доколку се случи да дува од јужна страна, ќе отиде трудот на педесетина волонтери и езерската површина повторно ќе мора да се чисти. Како концесионер на рибниот фонд во езерото, ние сме загрижени за флората и фауната во водата. Решение мора да се најде, но сега приоритет е да ја извадиме и преостанатата количина од оваа материја, истакна претседателот на Здружението на спортски риболовци Бабуна, Даниел Наумоски. 

Вторите 60 тони ги извлекоа две цистерни на биогасната електрана во Сарамзалино, што е сопственост на „Фероинвест“. При ова извлекување асистираа ветераните од спортското риболовно друштво. 

Од службата на компанијата известија дека по медиумските објави за загадувањето, донесена е одлука фирмата да се стави на располагање на велешките граѓански организации. 

Нивните инженери во биогасната електрана утврдиле дека штетната материја на површината на езерото, може да се употреби во производство на биогас. Волонтерите од ЕД „Вила Зора“, ОО на Црвен Крст Велес, кајакарски клуб „Бабуна“, „Клуб 28“ и ЗГ „Акцијаши ветерани“ велат дека материјата мириса на измет, кога ќе се промеша. 

Резултатите од официјално избраната лабораторија за испитување на квалитетот на водата на езерото кое за потребите на Општина Велес го вршеше лабораторијата „Фуд Лаб ДОО“ од Скопје како и на Центарот за јавно здравје дека водата може да се користи за капење и дека нема да влијае врз здравјето на граѓаните, станаа проблематични откако вонредната контрола – што  ја направија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, на барање на Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес, што стопанисува со водата на езерото – укажува на сериозно ниво на загадување на езерото.

Во извештајот, како што веќе објави Локал Актив – Вардар, се вели дека водата во вештачкото езеро Младост крај Велес е со лош квалитет и ризична за здравјето на капачите и за опстанокот на живиот свет. 

О.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE