Велешанец од својот дом и двор создал депонија со смет и отпад, соседите реагираат, но не и општината

Граѓанин на Велес, на улицата „Камка Тоцинова“, над 10 години во сопствениот двор создава депонија од смет додека сопствениците на триесеттина куќи во неговото опкружување не успеваат да ја убедат локалната власт да постапи согласно закон и да им создаде хигиенско здравствени услови за живот. Ваква приказна раскажаа четворица Велешани од населбата Керамидна.

Според Билјана Вељановска, која има дом веднаш до дворот депонија, состојбата летово станала неиздржлива бидејќи куповите со смет и отпад во дворот биле најголеми.

„Ниту дополнителната заштита со мрежа покрај оградниот ѕид не успева да не спаси од глувци и други видови на глодари кои од дворот на соседот ни доаѓаат во нашиот дом. За да се заштитиме со години купуваме хемиски препарати и прскаме како во нашиот, така и во дворот на соседот за да се спасиме од глодари и инсекти. Се сомневаме дека освен во дворот, така и во куќата можеби се или ќе се создадат дувла на змии. Освен во нашиот двор, не е безбедно за моите и за децата на соседите да играат пред влезните порти, на ширинката која е собирно и погодно место за нивна игра. Најнеподносливо е во лето, по врнење на дожд, кога се шири неподнослива смрдеа од дворот затрупан со стара неупотреблива дограма, штици, греди, пластични садови, најлонски ќесиња и вреќи во кои е собран смет, ќерамиди, бакарни, железни, порцелански предмети како и друг вид на очигледно собран од контејнери и донесен смет“, рече Вељановска.

Нејзиниот сосед Тодорче Димовски во изминатата деценија исто така се штител од глодари и змии со хемиски препарати. Тој во повеќе наврати се обидувал да го реши маалото од сметот и несовесниот сосед со пријави во Општина Велес.

„Досега само еднаш, оваа пролет, има дојдено комунален инспектор на Општина Велес кој му издал на овој сосед некаков документ и го задолжил, како што инспекторот ми пренесе, да го изнесе не само отпадот од дворот, туку и од внатрешноста на куќата. Соседот ги собра само пластичните шишиња и најверојатно ги продаде. Останатиот смет и отпад еве гледате дека е во дворот. Тој секојдневно носи и остава нови ќесиња и вреќи со отпад и само трупа нова количина. Јас повторно се обидов да направам интервенција со нова пријава, но како и во изминатите над 10 години немаат ефект моите пријави кај комуналниот инспектор и локалната власт“, додаде Димовски.

Не само овие двајца туку и останатите соседи се револтирани, како од неодговорниот сосед, така и од локалната власт која не постапувала согласно закон и не им обезбедувала хигиенско здравствени услови за живот.

„На пеколни жештини доволно е едно мало невнимание, фрлање на опушок, за да се предизвика пожар. Погледнете како сме густо населени, една до друга куќа, ќе не запали сите во овој дел на улицата. Ние не го спориме моментот на негово обезбедување на финансиски средства за живот доколку соседот го селектира и продава отпадот, иако сметаме дека законски тоа не треба да биде така, но доста ни е веќе од носење на нови и нови количини на смет, без да го расчисти дворот, како и од непостапување на комунални инспектори или игнорирање од градоначалници“, рече соседот Драган.

„Во ќошот од дворот затрупан со смет и отпад, има далековод оддалечен само пет метри од трафостаница којашто со струја ја напојува целата населба Керамидна. Се молиме да не дојде до пожар затоа што последиците ќе бидат фатални, прво по животот а потоа и катастрофални по имотот на граѓаните во населбата“, рече Миле Николовски.

Овие граѓани бараат надлежните да превземат законски мерки и да го исчистат дворот на нивниот несовесен сосед, а тој да си плати за чистењето кога веќе над една деценија не успеваат да воведат ред на улица „Камка Тоцинова“.

Инаку, овој дел од улица „Камка Тоцинова“ е само една во населбата Керамидна во Велес каде куќите се изградени плански. Тие, како и куќата на несовесниот Велешанец, се нови градби и во голем дел од нив има чисти и убаво уредени дворови. Општината на жителите во оваа населба им ги бетонирала улиците за кои што очигледно е дека жителите се грижат со одржување на хигиена. Истото не може да се констатира од глетката во дворот, приземјето и скалите на катот на куќата, кои се затрупани со смет и се мини депонија. 

У. Ј.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE