Барања за обезбедување доволно вода за наводнување во Тиквешкиот регион

Регионалното здружение Тиквешки лозароовоштари упати повеќе писмени барања до АД Водостопанство, подружница Тиквеш, Кавадарци, за успешен старт на наводнувачката сезона за земјоделските култури.

„Во цела Тиквешија да се исчистат каналските линии и да се поправат неисправните пумпи, да се направи каналската доводна линија до пумпите во Ваташа во должина од 850 метри. Во К-1 Бошава да се поправи каналот и да се исчисти К-2 Бошава, за да бидат спремни за наводнување на 15 април, кога треба да почне сезоната за наводнување“, е едно од барањата.

 Од Здружението бараат и да се донесе вода за наводнување во сушните реони.

„За месноста Овчка Река – Белград, има готов проект од 2016 година, да се изврши негово ревидирање и да се одобрат средства од државата за изградба на таа инвестиција“, пишува во барањата.

Од Тиквешки лозароовоштари апелираат да се склучуваат договори за наводнување пред почеток на сезоната. 

„Производителите на грозје и овошје, како впрочем и сите земјоделци, да добиваат навремено и доволно вода за наводнување, за да немаат главоболки во наводнувачката сезона и да не трпат штети ако има прекини и недостаток од вода за наводнување“, вели претседателот на Здружението, Дане Јошев, во изјава за Локал Актив Вардар.

Од подружницата на Водостопанство во Кавадарци, велат дека интензивно работат на чистење и уредување на каналите за претстојната наводнувачка сезона и нагласуваат дека ќе направат максимални напори благовремено да има вода за наводнување и доволно за сите земјоделци.

„Исчистена е околу 40 километри каналска мрежа на хидромелиоративниот систем Тиквеш, од каде се наводнуваат земјоделските имоти во петте  општини – Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Останува да се исчистат уште околу 130 километри до 15 април. Од овој систем се наводнуваат околу седум илјади хектари земјоделски култури, зависно од сезоната“, појаснија од подружницата.

Р.Л

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE