Search
Close this search box.

За шест месеци истекува договорот за  субвенционирање јавен превоз во Свети Николе, мештани од седум села бараат да продолжи

Автори: Евгенија Тасева* и Ристе Панов**

За шест месеци истекува договорот за субвенционирање на јавниот превоз во општината Свети Николе. Околу три илјади мештани од повеќе селски средини уште сега бараат нов договор за продолжување на превозот, што значи живот за жителите од неколку села. Имено, во октомври оваа година завршува договорот за финансиско субвенционирање од Општина Свети Николе на лиценцираниот превозник за локален општински линиски превоз на патници, модел кој за прв пат беше воведен речиси пред пет години. Со овој модел, кој досега успешно функционираше, се врши превоз од седум поголеми села – Мустафино, Ерџелија, Кадрифаково, Амзабегово, Црнилиште, Пеширово и Горобинци, кон градот Свети Николе и обратно, и тоа два пати неделно.

Од светиниколската локална самоуправа одговорија за Локал Актив, дека барањето на засегнатите жители ќе се исполни, Општина Свети Николе ќе го продолжи и во наредните години субвенционираниот општински јавен линиски превоз.

За осум пати е поефтин јавниот превоз

За вистински да почувствуваме што точно значи обезбедениот и поефтин јавен превоз за жителите од неколку населени места во општината Свети Николе, решивме да не ни раскажуваат тие, туку самите да се увериме зошто сакаат и натаму да го користат овој благодет што сега го имаат.

Во сабота наутро, застанавме пред продавницата во центарот на село Мустафино. Го чекавме комбето да пристигне, за да не однесе до градот Свети Николе, каде беше саботен пазарен ден. Билетот во двата правца со јавниот превоз од Мустафино до Свети Николе и назад, чини вкупно 100 денари. Таму дознавме дека друга алтернатива за да го реализираме истото патување е со такси. Прашавме во такси компании и ни беше побарано, за иститот превоз во двата правци, да платиме 800 денари. Излезе дека за осум пати е поефтин јавниот превоз за релацијата од село Мустафино до град Свети Николе и обратно, за должина од 30 километри во двата правци. Нормално, одлучивме да патуваме со комбето.

Одиме на доктор и да пазаруваме во Свети Николе

Разговаравме со патниците во комбето кои го користат јавниот превоз. Сите што ги сретнавме беа согласни дека превозот мора да продолжи и по завршувањето на постоечкиот договор за превоз, помеѓу Општината и превозникот. Дури, нашите соговорници побараа, доколку има можност, да се воведе уште еден, трет ден за превоз, во текот на неделата. Исто така, и растојанието од пристигнувањето во градот и враќањето назад, да биде пролонгирано за дополнителни 2-3 часа, како би имале можност да завршат повеќе работи во Свети Николе.

Ги прашавме луѓето да ни кажат, за какви потреби го користат и што мислат за вака организираниот и овозможен субвенциониран превоз.

– Мора да биде присутен превозот. Ние сме стари луѓе, превозот ни треба за до доктор, за лекови и од пазар да купиме нешто и да се вратиме назад, рече еден повозрасен патник.

Друг, рече дека треба да продолжи превозот и после септември, бидејќи сите немаат автомобили и мораат да го користат јавниот превоз. Според него, превоз треба да има барем три пати во неделата.

Патници од село Мустафино

– Најчесто превозот го користиме за плаќање сметки во градот, да појдеме да завршиме некоја обврска во општинската зграда, до аптека да отидеме да земеме лекови, да отидеме до матичен лекар. Сите матични лекари ни се во градовите, тука не доаѓа матичен доктор во селото. Нема ни медицинска сестра. За една инјекција, мора да платиме 500 денари за такси, за да отидеме до градот, се надоврза трет патник на муабетот.

Еден од нив, откри дека патува со такси само ако има итна и неодложна потреба за такво нешто.

– Ова со превозот со комбе е добро и повеќе ми одговара, ептен ако имам итна обврска одам со такси. Со досегашниот превоз, вака како што е организиран, можеме да завршиме некои брзи ситници, нешто да се испазарува за период од околу два часа, колку што е временското растојание од доаѓањето во градот, до враќањето. Според  мене, би требало уште еден час да се продолжи тоа растојание, покасно да биде тргнувањето од градот, коментираше патничка на оваа мошне актуелна тема за нив.

Сите се согласија дека обезбеден јавен превоз треба да има. Оти, како што подвлекоа, ако нема комбе, треба за такси да плаќаат. Изразија оптимизам, дека и после шест месеци ќе може да патуваат заеднички, да разговараат, да бистрат политика и да се шегуваат

Без субвенции нема економска исплатливост, а без тоа нема и јавен превоз

Субвенционирањето на општинскиот линиски превоз во Општина Свети Николе треба да продолжи и од октомври, вака изјави за Локал Актив и Тоде Цековски, сопственик на ТД „Циле Транс“, лиценциран превозник на јавен општински линиски превоз за oпштината Свети Николе. Бидејќи, како што нагласи, од аспект на превозник, без субвенции не е исплатливо да се вози на овие линии, бидејќи трошоците за обезбедување на услугата се големи.

– Ако наплаќаме само по пазарна цена, картата за превоз би била неколкукратно повисока и би изнесувала од 100 до 150 денари. За разлика од сегашната субвенционирана цена за билет, што изнесува од 30 до 50 денари, во зависност од релацијата. Патниците не можат да си дозволат да плаќаат до толку скап билет, констатираше тој.

Цековски ни појасни дека цената на превозот зависи од многу фактори.

– Цената на нафтата е качена, платите за вработените се качени, не може да се најде шофер кој ќе вози за помалку од 40 до 50 илјади денари плата. Понекогаш има патници, а понекогаш оди празно комбето. Некогаш кога има повеќе патници, веднаш повикувам друго наше возило да дојде да ги земе дополнителните патници,  истакна Цековски.

Јавниот превоз е значаен приоритет за жителите од селата

Јавниот превоз е значаен приоритет за жителите од селата, рече Ирина Поцкова, претседателка на здружението на граѓани ,,Граѓанска иницијатива на жени” од Свети Николе. Таа потсети дека, пред да биде воведен постоечкиот модел на обезбеден и субвенциониран јавен превоз, немало превоз кон ниту едно од 33-те населени места во општината.

Еден од поважните утврдени приоритети на жените од 10 села од општина Свети Николе била потребата од воведување субвенциониран јавен превоз, покажале тогашните резултати од истражувањето, пред да се воведе сегашниот модел на решение за овој проблем.

– Жените се потпишуваа на петиција, работевме со фокусни групи и пополнуваа картички со утврдување на приоритети што ги доставивме до Општината. Резултатите покажаа дека се бара субвенциониран општински превоз, а сега истото тоа го бараат и жените од Општина Лозово, за да се воведе како модел во нивната општина, додаде  Поцкова.

Воведување општински линиски превоз за патници, сега бараат и жителите од село Сопот, кое според последниот Попис на населението, има 58 жители.

Со мали пари се решаваат големи проблеми

Со мали пари, за субвенциониран редовен јавен превоз до неколку села, Општината Свети Николе решава големи проблеми на населението од неколку села, коментираа некои од соговорниците на Локал Актив.

Во светиниколската локална самоуправа, се интересиравме колку пари од локалниот буџет се издвојуваат за оваа намена – општинскиот превоз.

Оттаму ни кажаа дека минатата година на избраниот превозник по јавниот повик, Општината му исплатила 319.725 денари. За периодот од јануари до март 2024 година, локалната самоуправа исплатила 130.935 денари. Средствата биле наменети за надомест за гориво на превозникот.

– Локалната самоуправа на превозникот му исплаќа фиксно утврдена сума пари, од реализиран превоз од секоја линија посебно. Има вкупно три  линии во кои се опфатени седум села и се оди два пати неделно. Значи, Општина Свети Николе со сума од 24 до 27 илјади денари месечно, зависно од реализираните линии во месецот, го спроведува субвенционираниот општински линиски превоз на патници, ни одговорија општинските служби.  

Дејан Владев, градоначалникот на оваа општина, која е дел од Вардарскиот плански регион, беше дециден за Локал Актив дека жителите од седумте села што и досега транзитираат во овој дел на светиниколската територија со ваков превоз, треба да бидат спокојни, затоа што и понатаму ќе се продолжи со субвенциониран превоз, по истекот на првично договорениот рок.

Општина Свети Николе

– За оваа буџетска година се зголемени средствата. Така, лани предвидените 400 илјади, годинава се зголемени на 500 илјади денари, во ставката јавен локален превоз на патници. Ова значи дека општината ќе продолжи и во наредните години со моделот на субвенциониран јавен општински линиски превоз, а тековно ќе се подготвуват документите за тендерирање. Покрај постојните линии, Општината планира да го прошири превозот со уште една линија кон село Сопот, што воедно беше и барање на жителите од ова населено место, додаде градоначалникот Владев.

Локал Актив продолжува да ја следи ситуацијата на теренот, интересен за посета и од оние што некогаш се иселиле оттаму, или нивните наследници кои се навраќаат на дедовите огништа во потрага по своите корени. Но подрачјето е интересно и за авантуристи, љубопитни да видат што тоа нуди ова парче земја богато со историја, култура и традиција. 

Меѓу неизвесноста кај мештаните и уверувањето на општинарите, во воздухот на комбето од Мустафино до Свети Николе, го почувствувавме  мирисот на надежта дека и за неколку месеци, повторно со друштво ќе можат да се поминат тие триесетина километри. Сега, главна тема меѓу луѓето се претседателските и парламентарните избори. Тогаш, којзнае што друго. И нормално, како придружник на секое групно патување. Мајтапот. На туѓа, но и на своја сметка.

*Евгенија Тасева е активистка на Организацијата на жени од Свети Николе.

**Ристе Панов е новинар на Локал Актив

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE