Search
Close this search box.

Возрасни принудени да се возат со школски автобус, околу 1.500 жители од Азот немаат јавен превоз до Велес

Автори: Олгица Наумоска* и Орце Костов**

Околу 1.500 жители од селата во областа Азот, немаат превоз до градот Велес и назад. Но, проблемот го чувствуваат и сите вљубеници во природата, кога сакаат да го посетат еден од најубавите природни реони во земјава, што важи за срцето на Македонија. Тешко се стигнува до овој крај со висока концентрација на кислород и реткости што пленат со својата убавина, меѓу нив и водопадите на реката Бабуна и неколку стари манастири, ако човек нема автомобил на располагање. 

Превозот на учениците не е секогаш достапен за други лица

Жители од областа Азот рекоа за Локал Актив дека им е многу тешко да стигнат до населбата Чашка што е административен центар на Општина Чашка, под која припаѓа овој реон, или пак до најблискиот град, Велес. 

– Мештаните од селата Богомила, Оморани, Мартолци, Теово, Согле и Богомила целосно се отсечени бидејќи приградска автобуска линија нема со години, а возовите по пругата Велес – Богомила – Прилеп, што со децении беше крвоток на регионот, почнаа да се бројат на неколку прсти, појаснија тие. 

Во меѓувреме, иако возрасни, биле принудени да гo користат школскиот превоз за да стигнат до Велес. Но, превозот за учениците не секогаш им бил достапен. Затоа, стравуваат дека по завршувањето на школската година ќе им се укине и оваа алтернатива за одење во градот.

-Со превоз се снаоѓаме скоро никако, еден воз имаме во пет часот наутро. Ако нема воз, се снаоѓаме со комбињата на една компанија која превезува ученици. Комбињата се наменети само за нив, а ние сакаме да имаме превоз каков што секаде има. Да имаме линии во вторник, петок, сабота, имаме луѓе кои одат на работа, од Богомила, од Согле, од Нежилово. Како ќе дојдат на работа во Велес. Се снаоѓаме, ама тоа не е решение, не личи јас кај децата да се качам и да им кашлам или да им го земам нивното место. Решение е државата или општината да ни обезбедат превоз, рече жител на селото Оморани. 

Другите засегнати од проблемот, кои не сакаа да зборуваат пред камера, се пожалија дека секојдневното патување на работа им е отежнато или многу скапо, па апелираа да се изнајде решение што е можно поскоро. Патувањето до Велес или до Прилеп дневно ги чини околу 1.000 денари. 

Повозрасните лица се пожалија дека мораат да бараат помош за превоз од роднини или пријатели, за да можат да ги вршат редовните лекарски контроли и да купат лекови, затоа што таксисти им барале и по 1.500 денари во еден правец. 

Според сознанијата на овие луѓе, жителите од овие села немале редовна автобуска линија до Велес, оти не била исплатлива за економските оператори. 

Состојбата со превозот, посебно со железничкиот, го уништи планинскиот и алтернативниот туризам

Игор Смилев, планинар и екологист кој секој викенд како домаќин поминува во планинарскиот дом Папрадиште, нагласи дека состојбата со превозот, посебно со железничкиот, го уништила планинскиот и алтернативниот туризам. 

– Еден начин да се пристигне до нашиот дом во Папрадиште е со автомобил, а вториот благословен начин на превоз беше железницата, како насекаде во светот. Железницата, како главна аорта во крвотокот на една земја, во најдобрите времиња овозможуваше шест возови да запираат во Богомила и со еден брз трансфер се доаѓаше до планинарскиот дом, потсети тој.

Смилев со емоции зборуваше за разочарувањата поради ваквата ситуација. 

– Состојбата нè скрши како битија, затоа што она што се случи со Македонски железници е незапаметено во светски размери. Не паметам земја која толку лесно се откажала од железничкиот превоз и го уништила, како нашата држава. Од шест возови што ги имавме пред неколку години, паднавме на еден или ниеден воз, сподели тој со нас. 

Оваа ситуација се одразила и на планинарскиот дом.

– Како домаќин на домот одев секој викенд, сега еднаш во месецот, или еднаш на два месеца. Пресреќен сум, доколку некој од нашите гости ме смести во неговиот автомобил и како питач сум. Прво преговараме со гостите дали има место за домаќините, потоа за гостите.  Бројот на планинари е намален, во првите три месеци за 35 проценти, а интересот е зголемен. Ако трендот продолжи, крајот на 2024 година ќе биде ист како во 2004 година, кога гостите почнуваа да нè учат, образложи Смилев.  

Во овој реон на Чашка, додаде тој, егзистираат четири планинарски домови, неколку хостели, еден мотел и куќите што приватно се изнајмуваат. 

– Не секој користи кола, не секој сака да вози, и јас голем дел од животот го потрошив на користење јавен превоз.  Што да речат луѓето што имаат потреба од медицинска помош, а во ближните села како Оморани, Богомила, Нежилово, Ореше, Согле, ги има околу 1.500 луѓе? Тие мора да одат на лекар, а амбулантата во Чашка е на 40 километри од нив, како и Велес, на 55 километри. Богата земја не е земја во која сите имаат автомобили, туку, во која богатите користат јавен превоз. Ние сме ужасно сиромашна земја, коментираше Смилев.

Општина Чашка: Решението е во субвенционирање на билетите за превоз

Од Општина Чашка, за Локал Актив открија дека Општината планира повторно да објави јавен оглас за доделување меѓуопштинска линија на релација Богомила -Велес – Богомила. 

Железничката станица во Богомила - фотографија на Игор Смилев

– Општина Чашка, согласно законските надлежности, планира во наредниот период  повторно, по трети или четврти пат, да објави јавен оглас за доделување на меѓуопштинската линија број 16, Богомила-Велес-Богомила. Во претходниот период, по објавувањето на објавата за прибирање понуди, за распределба на линии за превоз на патници на територијата на Општина Чашка и Велес, за наведената линија не се јавуваше ниту еден економски оператор. Такви објави имаше во 2008, 2012, 2016 и во последната, 2021 година. Согласно објавите, линиите се доделуваат за период од четири години, појаснија од Општината. 

 На последните четири објави за доделување линија, ниту еден економски оператор не пројавил интерес да воспостави автобуска врска помеѓу селата во Азот и Велес. 

Според Министерството за транспорт и врски, кое само издава одобренија и согласност за вршење меѓуопштински превоз, општините, во случајов Велес и Чашка, можат да се здружат и заеднички да го организираат превозот на патници, преку потпишување спогодба. 

-Согласно член 23 од Законот за превоз во патниот сообраќај, една или повеќе општини со седиште во село, можат со општина со седиште во град кон која гравитираат, заеднички да го организираат меѓуопштинскиот линиски превоз на патници. При склучување на спогодбата, имаат обврска да го запазат временскиот интервал на станиците на заедничката траса на одобрените возни редови за меѓуопштински линиски превоз, информираа од Министерството, за Локал Актив

Од Министерството потврдија и дека се работи на новиот Закон за превоз во патниот сообраќај, што наскоро ќе оди во Собрание и со кој треба да им се помогне на општините, да воспостават меѓуопштински линии со автобуси, што ќе можат да запираат на некатегоризирани автобуски станици, со што можеби ќе се зголеми интересот и на автобуските превозници, за аплицирање за линијата во регионот Азот. 

Од Општина Чашка рекоа дека немаат анализирано дали новиот Закон за превоз во патниот сообраќај може да им го олесни проблемот на општините, но решението на овој акутен проблем на жителите од регионот, тие го гледаат единствено во субвенционирање на економските оператори. 

– Општина Чашка смета дека ваквиот и слични проблеми со превозот на патници, а имајќи ги предвид досегашните искуства од оваа област, би се решил единствено со субвенционирање на економските оператори, од страна на централната или локалната власт, во делот на билетите. Од едноставна причина, што, на економските оператори не им е финансиски исплатлива линијата во која има мал број патници, а има големо растојание. Од друга страна, билетот пазарно би бил со многу повисока цена, ако економскиот оператор ја стави одрживлата цена на билетот за конкретната линија, а притоа би немал патници, или истите би барале поевтин алтернативен превоз, појаснија од Опшината.

А возот може и воопшто да не дојде

Додека да се најде трајно решение, коментираа нашите соговорници од областа Азот, жителите од овие населени места можат само да чекаат да намине еден од двата кинески воза, што Македонски железници ги поправија после цели пет месеци. 

Село „Ореше“

– Двата патнички воза за Битола беа укинати на 24 ноември 2023 година и, оттогаш на оваа релација сообраќаше само еден патнички воз. Тој од Битола за Скопје тргнуваше рано наутро во 3:13, а се враќаше од Скопје на пладне во 14:30 часот. Од 22 март повторно сообраќа патнички воз од Скопје за Битола, кој поаѓа во 6:53, а во Битола пристигнува во 10:30 часот. Истиот патнички воз се враќа за Скопје, со поаѓање од Битола во 18:24 часот. Од 27 март се врати и третиот патнички воз, што од Битола за Скопје поаѓа во 12:48 часот, а од Скопје кон Битола тргнува во 20:04 часот, рекоа тие.

Притоа, беа децидни дека мора да имаат редовен обезбеден јавен превоз.

– Затоа што, докторите и банките и други разни служби, не примаат странки според принципот „кога имаш воз, тогаш дојди”. А возот, може и воопшто да не дојде, воздивнуваат жители од прекрасниот Азот. 

Олгица Наумоска е активистка на еколошкото друштво Вила Зора од Велес.

** Орце Костов е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE