Search
Close this search box.

Скрининг-програмата за рана детекција на рак на дојка може да спаси многу животи – но ѝ недостасува ефикасност

Автори:  Даниела Панева* и Ристе Панов**

Во Македонија постои така наречената скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка. Предвидено е прегледите да бидат бесплатни и да се закажуваат на интернет  дури и кога нема симптоми за постоење на болеста.

Секоја жена на возраст од 45 до 69 години – но и оние жени кои што се помлади од оваа граница, но имаат семејна историја со канцерогени заболувања – можат да си закажат преглед преку програмата. За преглед, според оваа програма, можат да се пријават и жени кои немаат здравствено осигурување.

Жените можат да се пријават на веб страницата, а доколку сами не можат тоа да го сторат, може да побараат помош  и од матичните лекари.

Услов е жената која се пријавува за скрининг да нема правено мамографски прегледи на дојка во последните две години. Временскиот период меѓу два прегледа, отвори проблеми за многу жени кои живеат под ризик од малигни заболувања, како што неодамна објави редакцијата на Локал Актив Исток.

Како Наташа од Свети Николе направи скриниг?

Наташа од Свети Николе, 50  годишна жена која досега немала правено мамографија, сакаше да се пријави на скриниг програмата за која не знаеше дека постои. Бидејќи Наташа нема познавање од информатичките технологии, ние како редакција и помогнавме да се пријави за скрининг.

Најпрво ги внесовме нејзините лични податoци и контакт на веб страната за скрининг, а од системот беше прашана дали во изминатите две години ималa направено мамографски преглед, дали претходно била оперирана од карцином и дали има  вградено импланти на дојка.

Потоа следуваа прашања за нејзините генетски предиспозиции – на пример дали некој член од нејзиното семејство имал рак на дојка. Одговорот на сите овие прашања, во системот ја отвора опцијата за избор на општина за скриниг. Пациентката може да бира меѓу девет здравствени центри. Во моментот скринингот се врши во Велес, Скопје, Кавадарци, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.

Наташа го одбра Штип како најблиско место до нејзиното живеалиште. По аплицирањето, во табелата се појави информација дека таа е уредно пријавена и дополнително дека дополнително ќе биде известена за терминот за скрининг преку СМС контакт.

Слика од Пријава на веб страната за Скриниг на рак на дојка
Скриншот од пријавата за скрининг (1)
Слика од завршено пријавување на веб страната за Скриниг на рак на дојка
Скриншот од пријавата за скрининг (2)

Речиси еден месец од пријавувањето, Наташа го направи мамографскиот преглед во ЈЗУ Клиничка болница Штип, а една недела претходно, пред снимањето беше известена за датумот и местото за прегледот. Но, иако Наташа направи бесплатен скриниг во Штип, таа се соочува со проблемот со превоз од Свети Николе, за да отиде на закажаниот термин до Штип. Мораше сама да го плати превозот, а како проблем се јавува и тоа што превозните релации се ретки.  

Според Програмата за рано откривање рак на дојкаУправата за електронско здравство при Министерството за здравство, има улога да врши електронска евиденција и покана на жените за скрининг мамографија. Жаклина Чагороска, раководител на Одделение во Управата за електронско здравство, за Локал Актив Вардар објаснува дека по извршеното мамографско снимање, жените добиваат СМС порака со информација за резултатите од прегледот.

Според Управата за електронско здравство повеќе од половината жени кои закажале термин аплицирајќи преку скрининг- програмата за рано откривање на малигни заболувања кај жените, не се појавиле на преглед. Исто така жените од целната група за скрининг-програмата, не се доволно информирани дека можат да извршат бесплатен мамографски преглед.

Пораката содржи информација дали прегледот е во ред и кога треба повторно да се направи преглед. Според новата програма, резултатите ги анализираат двајца искусни доктори радиолози, субспецијалисти по радиологија на дојка. Тие одлучуваат дали е потребно понатамошно испитување.

Доколку е потребно, податоците за пациентките се внесуваат во посебен дел од системот Мој Термин, по што пациентките се повикуваат и се закажуваат за дополнителен преглед во најбрз можен рок. Комуникацијата со пациентките ја врши установата каде е извршено снимањето или радиологот кој го извршил снимањето преку телефонски повик или СМС порака.

Покрај тоа, жените од целната возрасна група можат сами да се пријават на сајтот, а Управата испраќа покани со веќе прецизиран термин врз основа на податоците од системот Мој Термин. Во 2023 година, кога започна новиот начин на пријавување, на овој начин се пријавиле околу 6.200 жени, а речиси ист број се пријавиле и во првото полугодие на 2024 година.

Освен скрининг програмата, постојат и други начини за закажување преглед за рак на дојка за пациенти од различна возраст

Жаклина Чагороска, раководител на Одделение во Управата за електронско здравство, истакнува дека во 2023 година Министерството за здравство донесе Патоказ за начинот на спроведување прегледи на дојка за пациенти од различна возраст. Од септември 2023 година, започнато е закажување прегледи во Кабинети за дојка, најчесто преку матичниот лекар со пополнување прашалник.

Одговорите на прашалникот ги упатуваат пациентките во соодветни групи: жени со или без симптоми, жени кои се оперирани или третирани од рак на дојка, жени со импланти, како и мажи со симптоми на рак на дојка. По пополнувањето на прашалникот, пациентката може да закаже преглед во Кабинет за дојка, кој се наоѓа во сите установи кои имаат мамограф и ехо на дојка.

Радиолозите утврдуваат каков преглед треба да се направи: мамографија, ехо на дојка, биопсија, магнетна резонанца или преглед кај торакален хирург. По направениот преглед, пациентката нема потреба повторно да оди кај матичниот лекар, бидејќи радиолозите сами креираат упати за дополнителни прегледи.

Кај 80% од заболените од рак на дојка немаат симптоми

Од мај оваа година, направени се измени – матичниот лекар го креира упатот до одредена фаза, пополнувајќи прашалник, и пациентките се ставаат во соодветна листа на чекање. Приоритет имаат жените со симптоми и жените кои биле оперирани или третирани од рак на дојка.

„Kaj околу 80% од оние пациенти на кои им е дијагностициран рак на дојка немаат симптоми, а кај останатите 20% има симптоми и тоа најчесто, за жал, се во понапредна фаза на болеста. Симптоми кои што се јавуваат се промените на дојката,  промена на надворешниот изглед на дојката,  вовлекување на брадавица, промена на структурата на кожата, при допири на дојката се чувствува поразлична структура во дојката и слично. За тие што немаат симптоми, единствен начин да се открие е преку мамографското снимање. Затоа се многу важни навремените прегледи и редовно да се прават на секои две години.“ вели доктор Зоран Панев, специјалист по радио и ехо дијагностика од Кабинетот за дојка при Здравствениот дом во Свети Николе.

Слободанка, Снежана и Стојанка се лекувани жени од карцином на дојка. Жени кои 20 години членуваат во групата за самопомош во која контактираат жени заболени и лекувани од рак на дојка при Организација на жените на општина Свети Николе. Тие се едногласни за важноста на навременото  откривање на ракот на дојката. За нив најважни се превентивните прегледи и раната детекција. За Локал Актив Вардар  кажаа:

„Приметив една тврдина на десната града и не чувствував никакви болки. Мажот ми ме натера да одам да се прегледам, јас не сакав, си велев дека ќе помине само од себе, а не се ни сомневав дека имам нешто малигно, бидејќи никој од мојата голема фамилија немаше  заболено од рак. Направив ехо и мамографија, а потоа и брис ми земаа. Докторот ми кажа дека сум во четврти стадиум, иако не го знаев значењето на стадиумите. Храбро  поднесов се, без стрес и нервози. Пред тоа никогаш немав одено на превентивни прегледи и не сум обрнувала внимание. Никој во фамилијата немал ваков проблем за да ми посочи за да внимавам и да се прегледам и јас. Затоа  сега јас препорачувам на сите жени  дека е важно да одат на превентивни прегледи“, вели Слободанка.

За своето искуство, раскажуваат и Стојанка и Снежана.

„Јас претходно не почувствував ништо, бев без болка и затоа не одев на прегледи. Потоа, случајно одејќи на преглед кај гинеколог ми открија дека имам рак на дојката. Докторите ми го извадија и ми го продолжија векот“,  вели Стојанка.

„Сосем случајно открив. Јас имав навика да правам самопрегледи на дојка и сосема случајно осетив и открив некоја неправилност. Тоа ми беше знак дека нешто не е во ред. Отидов на матичниот лекар и потоа следуваше операција. Мислам дека жените воопшто не се запознати или не се интересираат за превентивните прегледи. Скрининг програмата е многу важна, кога некој ќе добие покана, тогаш чувствува и обврска да оди  на тој преглед“, вели Снежана.

Повеќе од половина пријавени жени што закажуват термин за скрининг не одат на преглед

Чагороска, за Локал Актив Вардар вели дека според капацитетите со кои се располагало, во 2023 година имало закажано околу 10.800 прегледи со скрининг програмата.  Но, од нив, на мамографско снимање се појавиле само 4.600 жени. За првите 6 месеци од оваа година имало пријавено 11.600 прегледи, а на терминот се појавиле само 6.111 жени.

Се намалува старосната граница на дијагностицирани со рак на дојка
Во последното издание на ,,Национална студија за рак на дојка во Република Северна Македонија за 2022 година“, изготвена од Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, се вели дека во 2022 година биле регистрирани 1154 нови случаи на заболени од рак на дојка, што е зголемување во споредба со претходните две години. Од вкупно заболените, 1150 (или 99,65%) биле жени, а 4 лица се мажи. За периодот од 2015-2022 година, вкупниот број на регистрирани изнесува 10.721 лице. Половина од дијагностицираните жени со рак на дојка биле помлади од 63 години, додека 25% од нив биле постари од 72 години. За овој осумгодишен период континуирано се намалува просечната возраст на ново дијагностицирани жени. Најмладата жена дијагностицирана со рак на дојка била на 20 години, а имало и регистриран заболен маж, на возраст од 25 години. Во 2022 година од рак на дојка починале 364 лица, што е највисок морталитет во последните 8 години.

„Наш предизвик е да најдеме начин како жените што закажуват термини да потврдат дека навистина ќе дојдат на снимање. Доколку не планират да дојдат на преглед, барем да ги ослободат термините, затоа што зафаќат термини на други што сакат да одат на преглед, а се трошат и предвидуват ресурси, се ангажира медицински персонал во нивниот термин. Овој предизвик мораме заедно да го решиме со министерството, со комисијата и граѓанските организации за да најдеме решение, да жените доаѓаат на закажаните прегледи“, подвлекува Чагороска.

Локал Актив Вардар, по случаен избор, разговараше со вкупно 23 жени од Свети Николе и сите тие потврдија дека не се запознати со скрининг програмата и не знаат дека постои начин за лично пријавување за превентивен мамографски преглед преку веб сајт. Ова отвора многу прашања за тоа како можноста за бесплатен преглед се комуницира со јавноста:

„Не сум запозната со измените за пријавувањето, скринингот најверојатно се прави преку матичен доктор. Јас сум активна на социјалните мрежи и редовно следам телевизија, никаде не сум сретнала таква информација дека постои можност лично да се пријавиме преку интернет. Јас имам над 40 годнини и сакам да се пријавам за скрининг, но не знам на кој начин и каде сама да се пријавам електронски. Матичните доктори би требало да ни помогнат“, вели една од жените со кои разговаравме.

Нашето истражување покажува и дека заболените и лекувани лица исто така не се препознаени во законите и здравствените политики на државата.

Организација на жените на општина Свети Николе, во 2023 година, направи истражување за потребите и проблемите во здравствениот систем, наменето за жените  од општина Свети Николе. Целта на анализата била да се идентификуваат клучните предизвици со кои се соочуваат жените од општината заболени и лекувани од малигни болести вклучително и малигни заболувања на репродуктивните органи.

Истражувањето покажало дека во постоечката регулатива во Македонија, жените се препознаени во многу мал дел од законите, политиките и стратегиите на државата  поврзани со малигни болести. На пример, според истражувањето, во законите не се предвидуваат конкретни мерки, за проследување на пациенти заболени од малигни болести со мерки за финансиска и психолошка поддршка. Потоа, во Македонија нема истражувања за причините за зголемувањето на овие заболувања и има  недостаток на потребните лекови за терапија на пациентите кои се наоѓаат на позитивна листа.

На заболените и оздравените жени им е потребна психолошка и социјална поддршка

Благодарејќи на превентивните прегледи што ги правела, Билјана Димова од Свети Николе, пред петнаесетина години, открила дека има карцином на дојка. Откако се справила со болеста, последниве десет години таа е вклучена во повеќе акции кои им помагаат на што поголем број жени да прават превентивни прегледи за рак на дојка и кои на заболените им обезбедуваат психолошка поддршка.

Сега таа е проектна координаторка на иницијативата „Заедно да превенираме и да се бориме против ракот на дојката 2024 година“. Таа за Локал Актив Вардар вели:

„Сега жените можат сами да се пријават на веб страната на Министерството за здравство, меѓутоа има многу повозрасни жени што не знаат да работат со компјутер и интернет, ниту пак имаат компјутер. Телефоните им се застарени или немаат интернет за да можат да се пријават“, посочува таа.

Организацијата на жени и Групата за самопомош во октомври секоја година  организираат кампања за подигнување на јавната свест за карциномот и значајноста за превенцијата, насловена „Розева прошетка“, во која учествуват локалната самоуправа, други граѓански и политички организации. За жените организираат психолошка, социјална и едукативна поддршка.

„Држиме работилници за самите жени кои веќе се оперирани и кои не знаат што понатаму , затоа што многу малку им се пружа некаква помош и знаење за тоа што после операцијата и како сето тоа да го надминат , затоа што проблемот не е само до заболената жена, тоа е проблем на целото семејство. Препорачувам до сите жени, на секои две години да прават превентивни  мамографски и ехо прегледи. Ако не можат сами да се пријават, да одат кај матичниот лекар или ние преку Организација на жени можеме да  го пријавиме“, вели активистот Билјана Димова.

Предизвици на скрининг програмата

Во согласност со Програмата за рана детекција на малигни заболувања од 2022 година на Министерството за здравство, Институтот за Епидемиологија и био-статистика со медицинска информатика, на Медицински факултет на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, има изготвено „Евалуација на програмата за скрининг на рак на дојка во Република Северна Македонија“, во која се препознаени слабости и во која се дадени препораки, за подобрување.

Во евалуацијата се посочува кон потребата да се зголеми опфатот на скринингот за учество на повеќе жени од целната група за да биде овозможен опфат од 70% од потенцијалната годишна целна популација. Според студијата, ова би се овозможило  со вклучување на поголем број мамографски центри, со зголемување на обучениот кадар и со дополнителна опрема во здравствените установи.

Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените во светот и кај нас. Во просек, секоја осма жена во својот животен век ќе се соочи со оваа болест. Но, со рана детекција и откривање на болеста во рана фаза, шансите за фатален исход се намалуваат и до 30%. Мамографијата може да го детектира карциномот во негова пред-клиничка фаза. Во Македонија има 13 институции со право на изведување на мамографско снимање и четири институции кои имаат само право на интерпретација на мамографски снимки.

Потоа, се препорачува да се најдат начини за да се овозможи еднаков пристап кон скрининг програмата за жените од целната група, кои немаат вештини или услови за електронско пријавување. Препорачано е и да се воведе така наречен PACS систем кој би ги поврзал мамографските центри, за да има брз увид во претходните мамографски наоди на жената и можност за стручна консултација од кое било место.

Подигнувањето на свеста кај  жените за значењето на редовните прегледи и раното откривање на карциномот е сѐ уште еден од најголемите приоритети.


 

Ристе Панов, е новинар.

** Даниела Пaнева, активистка во Организација на жените на општина Свети Николе.

 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE