Автори: Стефанија Арсова* и Ристе Панов**
Донесена е првата пресуда за демнење во Свети Николе, осуден е светиниколец кој демнел сограѓанка. Стручни лица упатени во проблематиката, за Локал Актив Вардар рекоа дека ова е доказ оти жртвите на демнење не треба да молчат, туку да пријавуваат кога некој ги вознемирува и им го загорчува животот. Истражувајќи на оваа тема, со нив разговаравме за новото кривично дело ,,демнење” и првите пресуди, што се подразбира под поимот демнење, каков профил на лица се демначите и кои се последиците за жртвите на тие што демнат.
Новото кривично дело ,,демнење” беше воведено речиси пред една година, со измените и дополнувањата на Кривичниот законик од февруари 2023 година. Досегашната примена на законот, според податоците до кои дојдовме, покажа дека во најголем број случаи, жртвите се жени. Демнети биле и мажи, а сите демначи се припадници на машкиот пол. Најчесто, ова кривично дело настанувало кога демначот се обидувал да оствари, или воспоставувал контакт со жртвата, против нејзината волја. Во принцип, демначот бил во заблуда дека жртвата го љуби.
Случај „Викторија“
„Нон – стоп ми пишуваше на месинџер недолични работи, некои затемнети фотографии што не ги ни отворaв. Гледав што пишува, но не сакав да ги отворам фотографиите, за да имам доказ пред полиција и да видат дека го игнорирам и дека не одговарам на неговите пораки. Кога се обратив до полиција, не реагираа. Ми рекоа дека тоа било преку социјални медиуми и не било закана по живот со убиство или нешто слично. Потоа ми беше хакиран фејсбукот, ги немав доказите со неговите пораки и се откажав. На вториот профил во интернет просторот, повторно ме најде и повторно почна да ми пишува… Мене тука ме фати паника, поради моето девојче, семејството и поради мене самата. Бидејќи полицијата не изреагира, се сетив да се обратам на Организацијата на жените во Свети Николе, а потоа тие се обратија во полиција и тие ми помогнаа.”
Ова е дел од сведоштвото на анонимна светиниколчанка, жртва на демнење, потврдено со судска пресуда од Основниот суд во Свети Николе. Сведоштвото е документирано во видео снимено од Организацијата на жени од Свети Николе. За да се заштити идентитетот на жртвата, случајот го нарековме ,,Викторија”, што на латински јазик значи победничка. Затоа што, како што нагласија стручните лица со кои разговараме, оваа жена успеа да извојува една животна битка и да излезе како победник, да покаже дека жените можат да се изборат и демнењето да го победат правно, со донесена прва пресуда за кривичното дело ,,демнење” во овој суд.
„Виновен е за демнење“, гласи првата судска пресуда
„Виновен е“, гласи пресудата на Основниот суд Свети Николе, за кривичното дело ,,демнење”, со условна осуда за обвинетиот демнач со казна затвор од три месеци, доколку во рок од една година не стори ново кривично дело. Ова е прв случај за ,,демнење” што беше решен во декември мината година, под надлежност на судот во Свети Николе.
Даниела Панева, правна советничка и претседателка на Организацијата на жените на општина Свети Николе, беше активно вклучена во целиот овој процес и помагаше на жртвата на демнење, за да има успешна разрешница на целиот судски случај.
Во изјава за Локал Актив, таа појасни дека дека демнењето како кривично дело е дефинирано во Кривичниот законик, но спремноста на жртвата да го пријави пред надлежните органи е тешка одлука.
„Важно е да се пријави проблемот, да се охрабри жртвата на демнење и да се поддржува во целиот процес. Мора да се има обезбедено докази за водење на кривичната постапка. Жената жрвта од случајот „Викторија“ беше силно охрабрена, морално поддржана од услугите на ОЖО Свети Николе, со став дека не е сама на патот до правдата, со тешка одлука да продолжи, знаејќи дека ќе има ревиктимизација за неа. Со донесената пресуда преку овој случај, сакаме да ги мотивираме сите потенцијални жртви на демнење да не молчат, да знаат дека не се сами и дека тука сме секогаш да им помогнеме, рече Панева.
Покрај жени, жртви на демнење се и мажи
Покрај жени, жртви на демнење се и мажи, додека сторители демначи се само мажи. Доминира демнењето преку физичкото следење и комуникација, за разлика од демнењето преку интернет, што е помалку застапено. Ова го покажуваат податоците што Локал Актив ги доби од секторите за внатрешни работи на Велес и Штип. Од овие два сектора при Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија побаравме податоци и информации поврзани со делото ,,демнење”. Податоците ги побаравме за периодот од 17 февруари 2023, до први март 2024 година, или од почетокот на важењето на законските измени со кои беше воведено новото кривично дело, со член 144-а од Кривичниот законик.
СВР Велес информираше дека во општините Демир Капија, Неготино, Кавадарци и Велес, се пријавени девет случаи на ова кривично дело. Од нив, преку интернет комуникација пет, а преку физичко следење четири случаи. Жртви на кривичното дело биле шест лица од женски и четири од машки пол, а сите девет сторители биле од машки пол.
Под СВР Штип се повеќе одделенија за внатрешни работи на МВР во Источна Македонија. Од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Штип се поднесени три кривични пријави за сторени пет кривични дела ,,демнење”, при што сите жртви биле жени, а сите сторители мажи, од кои еден го повторил делото. Во сите случаи, станува збор за физичко следење.
Од страна на органите за внатрешни работи во Берово, Виница и Свети Николе, поднесена е по една кривична пријава за демнење. Во два случаи се работело за машко лице што физички следело лице од женски пол, а пријавата на ОВР Свети Николе била за следење преку интернет.
Од ОВР Делчево се поднесени три кривични пријави за сторени три кривични дела против тројца сторители. Двајца од нив го извршиле демнењето со физичко следење, а еден со следење преку интернет. Сите жртви се жени.
ОВР Кочани има поднесено четири кривични пријави за сторени шест кривични дела на демнење против шест сторители од машки пол, од кои еден го повторил делото. Тие кривичното дело го извршиле со физичко следење, а како жртви се евидентирани едно лице од машки и четири лица од женски пол.
Вкупно 51 кривична пријава за демнење во обвинителствата низ државата
Вкупно 51 кривична пријава за демнење биле примени досега во основните јавни обвинителства низ државата, говорат податоците кои, на наше барање, ни ги доставија од Републичкото јавно обвинителство. Постапувајќи по нив, во 12 случаи јавните обвинители поднеле обвинителни предлози, а во шест случаи, предлог за издавање казнен налог. За тие 18 предмети, постапката продолжила пред надлежен суд. Во девет предмети, по проверка на сите наводи, било донесено решение за отфрлање на пријавата.
– Во 24 случаи, постапката по поднесената кривична пријава уште е во тек, ни одговорија од ЈО на РСМ.
Во основните јавни обвинителства во Гостивар, Кичево, Дебар, Крива Паланка, Берово, Радовиш, Гевгелија и Куманово, во досегашниот период, не примиле кривични пријави за ова кривично дело.
Демначот се обидува да воспостави контакт со жртвата против нејзината волја
Начинот на кој демначот го прави ова кривично дело е таков, што тој најчесто се обидува да воспостави контакт со жртвата против нејзина волја. Ова ни го кажа проф. д-р Наташа Тодоровска, вонреден професор од областа казнено право при Факултетот за правни и политички науки, на Американскиот универзитет на Европа – ФОН. Таа ни даде образложение за новото кривично дело ,,демнење”, предвидено во член 144-a на Кривичниот законик.
– Делото во основниот облик предвидува дека сторителот повторено неовластено ја следи, прогонува, или на друг начин се меша во личниот живот на жртвата. Или, со неа воспоставува или настојува да воспостави контакт, што жртвата не го сака. Сето тоа го прави со движење во просторот каде се наоѓа жртвата на демнење, со злоупотреба на користењето на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација. Или, на друг начин психички ја злоставува, вознемирува или застрашува. Со тоа предизвикува чувство на несигурност, вознемиреност или страв за сигурноста на жртвата, или сигурноста на нејзино блиско лице. Во сите овие случаи сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Доколку дејството е насочено кон лице со кое сторителот бил во интимна врска или дете, се предвидува казна затвор од шест месеци до пет години, подвлече Тодоровска за Локал Актив.
Професорката укажа и дека за ова дело е карактеристична намерата на демначот да создаде чувство на страв, вознемиреност и несигурност кај жртвата.
– Најчесто жртвите ги знаат сторителите, а демначите се обидуваат да воспостават контрола и моќ врз нив. Демначот го прави ова кривично дело на начин што најчесто се обидува да воспостави контакт со жртвата против нејзина волја. Директно, на пример, со чекање пред живеалиште, на работа, со оставање цвеќиња, подароци, пишување графити и постери со препознатливи пораки и мотиви. Потоа, преку други личности, на пример, со контактирање на пријатели, колеги, роднини на жртвата или преку средства за комуникација, со испраќање разни видови пораки, мејлови, адресирање преку социјалните мрежи и друго. Последниот начин е особено предмет на интерес, поради современите форми на комуникација, појасни Тодоровска.
Професорката нагласи дека, за да се санкционира сторителот на ова дело, неопходно е да се докаже дека демначот имал за цел зближување со одредена личност. На пример, дека барал адреса од заеднички пријатели на социјалните мрежи, или пак барал информации за работното место, начинот на живот и други сознанија за личноста што ја демне. Исто така, додаде таа, при докажувањето на кривичното дело, нема да биде доволно ако се докаже само едно дејствие преземено на овој начин. За неговото докажување, потребно е да се соберат информации дека делото се вршело во определени временски интервали и, во одредена смисла, на агресивен начин или на начин што може да влијае врз сигурноста и безбедноста на жртвата.
Демначот во заблуда дека жртвата го љуби и оти треба само да воспостави контакт
Психологот и гешталт советувач Емина Петкова, демнењето го дефинираше како континуирано и долготрајно следење и желба за воспоставување комуникација, несакана од другата страна. Таа појасни дека демначот изразува постојано несакано внимание, воспоставува или се обидува да воспостави контакт со жртвата, ја следи, испраќа несакани пораки, непокането се појавува во нејзиниот дом, на работното место, ги знае навиките и вообичаените активности на жртвата, нејзината рутина во животот.
– Доколку се направи психолошки профил на демначот, може да се забележат различни карактеристики на таквата личност. Може да се појави патолошки нарцизам, моментот кога ќе биде одбиено лицето го доживува како многу силна закана по своето его, по својата личност и бара одмазда за тоа. Или пак, станува збор за гранично пореметување на личноста, тоа се лица кои се карактеризираат со промени на личноста во однос на нивната емоционална нестабилност, имаат нејасна и нарушена претстава за себе и за сопствените цели, кажа Петкова за Локал Актив.
Таа нагласи дека кај демначот може да се забележи еротоманија.
– Тоа е заблуда дека другото лице што го избира како жртва, чувствува љубов кон него. Демначот е во заблуда и убеден е во тоа дека жртвата на демнење навистина го љуби и потребно е само да се воспостави контакт. Кога жртвата ќе се обиде да се заштити и да побегне, и да побара сигурност и безбедност, демначот тоа ќе го почувствува како директен напад врз сопствената личност. Во суштина, демначите заеднички ги отсликува нестабилноста, склоноста кон агресивно, импулсивно однесување. Често, тоа е последица од тешките животни околности што ги имале, особено во раното детство, откри Петкова.
– За жртвата, демнењето претставува трауматско искуство. Таа треба да биде во една сигурна средина, со прифаќање и емотивна топлина, од страна на блиските и стручните лица, кои можат да дадат поддршка и насоки за надминување на траумата. Личноста најпрвин треба да се ослободи од чувството на вина и лична одговорност за тоа што ѝ се случува. Да се спротивстави, јасно поставувајќи граници, да пријави во институциите што ќе ѝ обезбедат заштита и да побара стручна помош од областа на менталното здравје, децидна беше Петкова.
Светиниколчанката од нашата сторија ја имаше таа среќа и ја доби неопходната поддршка. По судската пресуда, престанало демнењето и вознемирувањето.
– Сега се чувствувам слободна, спокојна и можам нормално да функционирам. Апелирам до сите, особено до жените жртви на демнење, да пријават, да не молчат и да трпат, бидејќи тоа е успешниот начин за да се изборат и да го победат демнењето што им се случува, е нејзината порака.
Локал Актив се надева дека оваа порака ќе стигне до што е можно повеќе луѓе. Со единствена цел, да се отфрли стравот, дека таму некаде зад аголот, или можеби зад тастатурата, некој демне.
* Стефанија Арсова е активистка на Организацијата на жени од Свети Николе.
** Ристе Панов е новинар.