Автори: Ристе Панов* и Даниела Панева**
Шестооделенецот Милан и неговата сестра, четвороодделенката Анастасија, оваа учебна година требаше да ја завршат во едно од двете основни училишта во Свети Николе. Но, тоа не се случи. Нивните родители, Филип и Христина Велковци, минатиот септември, токму пред почетокот на новата учебна година, беа решиле да се отселат од Македонија, гледајќи подобра иднина за своето семејство во Германија. Училишните столчиња на Милан и Анастасија, така, останаа празни.
Таткото Филип, за Локал Актив вели дека причината за нивната одлука е иднината на нивните деца: „Овде во Германија има поголеми можности и услови за унапредување и секако подобри услови за школување во Германија. Сега децата почнаа да одат во германско училиште, на почетокот им е тешко сега имаат нови предмети, нови другари и средината им е нова, но тие брзо ќе се адаптираат на условите и ќе го научат германскиот јазик“, вели таткото Филип Велков.
Но, Велковци не се единственото семејство што за кус период се отселило од ова мало гратче. Ваква одлука, оваа учебна година, направиле и родителите на уште 13 други деца. Во двете основни училишта во Свети Николе, паралелките се мали – во нив вообичаено има само нешто повеќе од дузина ученици. Така, излегува дека едно цело одделение ученици заминало од Свети Николе во странство само последнава година.
Во Свети Николе, од основното општинско училиште „Гоце Делчев“, оваа година биле отпишани вкупно 13 ученици. Од нив, осум ученици се отпишани поради заминување во странство, а пет, поради тоа што нивните семејства се отселиле на друга локација во рамките на Македонија. Во странство си заминале сите пет ученици, кои се евидентирани како отпишани во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“.
Праксата на отпишување од светиниколските училишта поради семејната одлука да се живее на подобро место – најчесто надвор од Македонија, но неретко и во рамките на земјата – ќе продолжи. Филип Велков ни посочи дека многу од семејните пријатели со кои одржува редовна комуникација, размислуваат да се отселат исто така, а бројни се показателите кои укажуваат на тоа дека ова не е само негов личен впечаток, туку дека се работи за загрижувачки тренд.
Кога вие би биле млад човек од Свети Николе - каде вие би ја гледале својата иднина?
Локал Актив побара информации од училиштата, поврзани со трајното заминување на ученици од воспитно-образовниот процес, за периодот од месец септември лани, до јуни годинава. Од основното општинско училиште ,,Гоце Делчев“, биле отпишани вкупно 13 ученици. Од нив, осум ученици се отпишани поради заминување во странство, а пет, поради тоа што нивните семејства се отселиле на друга локација во рамките на Македонија. Во странство си заминале сите пет ученици, кои се евидентирани како отпишани во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“.
Дополнително, во средношколската установа „Кочо Рацин“ од шест вкупно отпишани, само еден ученик заминал во странство на првото полугодие. Сите ученици кои заминале во странство, фамилијарно се преселени во Германија. Оваа учебна година од двете основни и едното средно општинско училиште заминале 18 ученици, додека во учебната 2021/2022 година, 13 ученици се отпишале и се преселиле во странство.
Разговаравме со дваесетина млади светниколчани, на возраст од 19 до 24 години. Ги прашавме каде се гледаат себеси во иднина и дали својот понатамошен животен и професионален развој го планираат во татковината, или надвор од неа. Повеќето од нив за Локал Актив отворено рекоа дека имаат желба да ги напуштат местата каде што живееле нивните предци, и да бараат подобри можности за личен напредок во некоја друга држава. Некои од нив пак, иако дефинитивно не решиле да заминат, заборуваат многу јасно за тоа што недостасува таму каде што сега живеат – како оваа дваесетгодишна жена со која разговаравме:
„Можеби би се отселила. Луѓето се отселуваат поради неисправен државен систем, неангажираност на институциите и балканскиот менталитет. Кога би имало заработка како единка од над 1000 евра, за да имам пристоен живот и да ми биде ценет трудот [како и трудот] на секој вработен, тогаш би останала во Македонија. Овде сега ме врзува само фамилијата, пријателите и блиските“.
Како причини за одлуката да се иселат, групата млади светиниколчани со кои разговаравме ја наведуваат политичката нестабилност, лошиот здравствен систем, неорганизираното образование и слабата економија, вклучително и ниските плати, високата корупција и партизирани нефункционални институции што прават нагласено чувство на неправда.
Од тие со кои разговаравме, нешто помал беше бројот на оние кои се решени да останат и тука да се обидат да го најдат она што го сметаат за добар живот. Тие што одлучиле да останат, искрено одговараат дека овде ги врзува фамилијата, блиските и пријателите, природните убавини и чувството на припадност како што велат, „на ова парче земја во кое им се корените“.
А и тие што остануваат во Македонија, не остануваат неминовно во малото гратче
Во Свети Николе нема нови поголеми индустриски капацитети, повеќето од работоспособните светиниколчани одат да работат во соседните градови, особено во странските компании во слободните економски зони, во кои има обезбеден бесплатен превоз и избор на мени од топол оброк.
Христијан, е млад работник од Свети Николе и тој патува до Куманово за да работи во една од поголемите странски компании. Тој е задоволен, особено од тоа што, како што вели, може кариерно да се унапредува, па така тој од контролор е унапреден во раководител на контрола на квалитет. Тоа значи и поголема плата, а дополнително се плаќаат ноќните смени, работата во празници и викенди, кои не се задолжителни како работни денови за вработените“, вели Христијан.
Злате, кој со Локал Актив го сподели своето искуство во една странска компанија во ТИРЗ Скопје, која годинава го намалила бројот на вработените па тој останал без работа вели: “Кога работев таму во мојот сектор монтажа минималната плата за работа во прва смена, без дополнителните викенд , празнично, ноќно и прекувременото работење земавме нето околу 36.000 денари, со овие дополнителни часови доаѓав најмногу и до 60.000 денари нето. Сега барам работа повторно во странските компании, поради подобрите услови“
Според Државниот завод за статистика, во општина Свети Николе, 37% од вкупно активните претпријатија припаѓаат на секторот земјоделство. Земјоделското производство на Свети Николе претставува 53% од вкупните активни земјоделски претпријатија од целиот Вардарски регион. Но ефектот на иселувањето во оваа гранка е силен. Според земјоделскиот инженер Илија Стоилев, од 800 регистрирани земјоделски субјекти пред 10 години, сега има евидентирано 217 кои се индивидуални земјоделци и околу 107 правни субјекти. Ова значи, тренд е, интересот за оваа гранка на производство на храна и занимавање со земјоделство значително да се намалува.
Најмногу невработени светиниколчани се луѓе 60 годишна возраст
Во Агенцијата за вработување се води евиденција за две категории граѓани. Првата се таканаречените пасивни невработени лица, а втората категорија се лица кои бараат работа. До мај 2024 година, имало 737 пасивно невработени лица, од кои 397 се мажи и 340 се жени, а под други лица кои барат работа се евидентирани дополнително уште 756 лица. Значи, има вкупно 1.493 баратели на работа и невработени лица од општините Свети Николе и Лозово.
Од Центарот за вработување Свети Николе пак, што е надлежен за овие две општини, го дознавме бројките за април оваа година. Тој месец имало евидентирано 755 пасивно невработени лица. Од нив, 444 од урбана и 311 од рурална средина. Најмногу вакви невработени има во возрасната категорија од 60 години и повеќе – 207 лица. Вкупно 126 невработени се на возраст од 55 до 59 години. На третото место по невработеност, се оние од 50 до 54 – годишна возраст, се работи за 73 лица.
Овие бројки говорат дека повеќето пасивно невработени се од повозрасната популација. Според образовната структура на невработените, без образование, со основно и со непотполно средно образование се 395 лица, со средно образование 288, со високо образование 68 невработени, две лица од невработените се магистри на науки.
Далекусежните локални ефекти од систематското отселување
Со оглед на тоа што расте бројот на оние кои трајно се иселуваат, или заминуваат во странство на сезонска привремена работа, се обидовме да добиеме претстава за тоа каков е ефектот од овој тренд врз Свети Николе.
Меѓу сите оние кои ставаат катанци на сопствените имоти и бараат подобар живот надвор од државата, има многу кои ги напуштаат и своите ниви дома. Тоа веќе се чувствува во Свети Николе, каде земјоделството е доминантна стопанска гранка, а се чувствува и ширум Македонија којашто станува засилено зависна од увоз на скапи земјоделски производи.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика за бројот на активни претпријатија според сектори, во општина Свети Николе, 37% од вкупните активни претпријатија припаѓаат на секторот земјоделство. Земјоделското производство на Свети Николе претставува 53% од вкупните активни земјоделски претпријатија од целиот Вардарски регион. За ефектот на иселувањето врз земјоделството врз Вардарскиот регион и земјата воопшто, разговаравме со Илија Стоилев, земјоделски инженер, познавач на состојбите во земјоделскиот сектор и условите во овчеполскиот регион. Тој ни посочи дека има сериозен тренд на намалување на бројот на регистрирани индивидуални земјоделци.
„Од некаде од околу 800 регистрирани пред десетина години , сега има евидентирано 217 субјекти кои се индивидуални земјоделци и околу 107 правни субјекти кои се во друга форма на организирање со претежно земјоделска дејност. Ова значи, тренд е, интересот за оваа гранка на производство на храна и занимавање со земјоделство значително да се намалува“, за Локал Aктив вели Стоилев.
Според него, уште една од причините за ова, е и тоа што, како што самиот вели, имаме еден руиниран систем за наводнување од ХС „Брегалница“ што веќе станува дисфункционален и во делот на овчеполието практично не доаѓа вода за наводнување. Ова значи дека и за тоа кои би решиле да останат и да се занимаваат со земјоделство ова и инфраструктурно станува тешка мисија. Како што истакна Стоилев, потребна е сериозна реконструкција на овој систем, бидејќи земјоделците трпат сериозни штети во делот на нивното производство.
„Сметам дека постојат државни мерки што имаат недостатоци. На пример, со мерката Млад земјоделец – се доделуваше грант од 20.000 евра во денарска противвредност, за опрема што треба да се користи во земјоделството. Недостатокот на оваа мерка [се гледа во тоа што е предолга] временската рамка од објавувањето на самиот јавен повик до моментот на реализација и исплата на средствата. Тоа трае премногу долго , некогаш трае и повеќе од две години. Друг недостаток е тоа што тие средства треба апликантот прво сам да ги набави и сам да си ја плати целата опрема, а потоа да чека долг период, за вложените пари, да му бидат вратени од државата. Тој млад човек и земјоделец доколку однапред ги има тие финансиски средства, може да ги инвестира и во друг сектор“, нагласи Стоилев, укажувајќи дека е неопходно, брзо спроведување на програмите и мерките во земјоделството од страна на државните органи, финансиските средства за поддршка побрзо да стигнуваат до самите земјоделци, за тие да можат да ги реализираат своите планови.
„Ќе нема ниту кој кафе да ни свари“
Истражувањето на Локал Актив, покажа дека иселувањето на населението го чувствуваат и малите но и поголемите фирми од Свети Николе, особено преку недостатокот на работници. Втора дејност во општината е трговијата, па следат преработувачката индустрија и други.
Последните податоци за деловните субјекти на Државниот завод за статистика, покажуваат дека, според големината на трговските друштва, со 90% доминираат микро претпријатијата што имаат до 10 вработени, потоа следуваат малите претпријатија.
Зоран Јакимовски, сопственик на пица ресторанот „Ти Амо“, ни потврди дека угостителскиот сектор силно ги чувствува последиците од иселувањето на кадри, особено на оние за ангажман во кујна или други работни позиции.
„Малите фирми од малите места многу тешко доаѓаат до работници, особено до квалификувани лица. Многу од нив се иселија или одат на привремена работа во странство. Изборот за вработување е ограничен или го нема, па угостителите во помалите општини се принудени да го прилагодат и да го намалат работното време на рестораните според можностите и капацитетите со вработени. Цените на понудената храна и пијалаци од рестораните и кафаните во помалите општини се ниски, бидејќи толку дозволуват куповните можности и стандардот на оваа население, за да може да троши. Овие ниски цени создаваат и помала заработка, за да се покријат големите трошоци за кирија, струја, вода, за инвестиции во ентериерно уредување, опрема, за подобри плати на вработените и слично, подвлече Јакимовски.
Машините за шиење не шијат сами
Иселувањето, особено на младите, се чувствува и во конфекционерството, како впрочем и во другите области од македонската економија. Дека е тоа така, потврда добивме од Ангел Димитров, претседател на одборот на директори на АД за производство на конфекциски производи „Мода“ Свети Николе, конфекција во која има повеќе од 300 вработени. Тој е и Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.
„Со порастот на платите во Македонија во текстилната индустрија и немањето на работници, како последица на иселувањето на младите, особено во послединте 5-6 години, за нашите странски партнери станавме прескапи за да работат со нас. Последната пресметана бруто плата во конфекциите некаде е над 800 евра по човек, вклучувајќи ги даноците и придонесите, а тоа е прескапо за германските брендови, затоа што тие имат за 150 до 200 долари бруто плата во Бангладеш“, појасни Димитров.
Тој подвлече и дека ако државата не направи одлучна поддршка за овој сектор, текстилот за многу скоро време ќе го снема кај нас.
„Државата треба да обезбеди можности за постарите работнички кои сега работат во нашата текстилна индустрија, да можат достојно да си ја доживеат пензијата, да не останат на улица и да бидат социјални случаи. Бидејќи помладите имаат можности да се вработат на други места , особено во ТИРЗ зоните, каде што тие компании добија одредени привилегии и помош од државата“, додаде Димитров.
Во меѓувреме, тврди Димитров, во Македонија лани влегле околу 7.000 работници најмногу да работат во градежништвото и во хотелиерстовото.
Ова покажува колку е сложена состојбата и колку е далекусежен ефектот од иселувањето на секое семејство од малите средини каква што е Свети Николе. Колку што е сложен проблемот толку се сложени и решенијата. Според Ангел Димитров, кој зборувајќи во улога на Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи, потребни се темелни реформи во образованието, реформи во администрацијата, вложување во инфраструктурата и потребна е внимателност во законските решенија и нивната имплементација.
„Во Македонија, над 90% се микро и мали претпријатија во стопанството. Кога се менуват закони , најмногу треба да се внимава на нив, тие се најзагрозени, тие најбрзо пропаѓаат во првите три години од основањето и таму треба најмногу да се помогне. Затоа треба да има одредено законско олеснување за малите компании. На пример, според Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачите имаат илјадници обврски и финансиски трошоци. Не може тоа подеднакво да го применува компанија од илјада луѓе и компанија со 10 луѓе. Така што на малите претпријатија мора да им се помага“, вели Димитров.
Малата обратна миграција
Нема прецизна бројка, колку македонски државјани ги спакувале куферите и заминале во странство, со карта во еден правец. Но, испразнетите столчиња во училишните клупи, немањето кадри во стратегиски клучни професии, катанците на портите од дворовите, куќите во кои долго не светнуваат светилките и не се креваат ролетните, ни даваат сигнали кои не зборуваат за убава иднина.
Сепак, нашето истражување покажа дека има и такви, иако засега во многу помал број, кои поминале одреден период од животот во странство, па одлучиле да се вратат. По повеќе години поминати со работа надвор од државата, некои светиниколчани се вратија и го продолжија животот во татковината. Имајќи го предвид искуството од живејачката таму и овде, тие донеле одлука, да продолжат таму каде што застанале пред извесен период.
Еден од нив е Борче Сарафинов, а со него разговаравме за четирите години живот и работа во Германија како и одлуката да се врати и да остане во Македонија, да основа семејство тука, од кое сега е дел и неговото дете.
„Кога работев во Германија, гледав со какви проблеми се соочуваа и фамилиите таму. Имаше семејство на пријатели, чекаа две години и не можеа да ги запишат децата во градинка, па мораше мајката да не работи, да остане дома да ги чува децата, а сите знаеме дека таму со една плата тешко се опстанува. А со пристигнувањето на многу странци, особено украинци, но и со поскапувањата, се изгуби исплатливоста да се работи таму, бидејќи трошоците за живот беа поголеми. Некои мои другари исто така ќе се вратат, после и не така доброто искуство со живот надвор од Македонија“, вели за Локал Актив Сарафинов.
Во моментов, изгледа дека обратната миграција се случува со многу пониска стапка отколку отселувањето, според пописот 2002 година Свети Николе имало 18.497 жители. Според последниот попис тоа има популација од 15.320 луѓе. Најголемиот број од отселените се млади луѓе и нивните деца, популација која допрва би можела да придонесува во развојот на оваа мала средина. Намалувањето, така, не е само бројка. Тоа може да се измери во недостатокот од домашен зеленчук и овошје на пазарите, недостатокот угостители во туристичките гранки, недостатокот на работна сила во текстилната индустрија, недостатокот на медицински кадар и стручна работна сила во речиси сите гранки.
Локал Актив разговараше со дваесетина млади луѓе од Свети Николе на возраст од 19 до 24 години и ги праша каде сакаат да ја изградат својата иднина. Ова се дел од нивните искази: *„Имам 20 години и можеби би се иселила. Луѓето се иселувaат поради неисправен државен систем, неангажираност на институциите и балканскиот менталитет. Кога би имало заработка како единка над 1000 евра за пристоен живот и каде би се ценил трудот на секој вработен, тогаш би останала во Македонија. Овде ме врзува само фамилијата, пријателите и блиските.“ *„Имам 22 години и сѐ уште не сум одлучила за живот во странство. Но, таму нудат подобри можности за образование и професионален развој. Овде има политичка нестабилност и недостаток на доверба во институциите. Како причини за да останам во Македонија се семејството и блиските пријатели, природната убавина на земјата, чувството на припадност дека сум овде.“ *„Имам 23 години и секако планирам да се иселам. Овде нема можности, има лоши услови за младите и мали плати“ *„Јас не планирам да се иселам од Македонија. Имам 35 години. Но, сметам дека луѓето се иселуваат поради подобри услови кои им се нудат во странство, општо е мислењето дека овде имаме лошо општество и здравство, имаме експлоатација на трудот. Мене тука ме врзува фамилијата.“
Во меѓувреме, училишните клупи во Свети Николе изгледаат празно, бидејќи се намалува бројот деца кои наутро итаат да научат нешто ново и да стекнат животни вештини, со желба да го направат светот подобро место за живеење.
* Ристе Панов, е новинар.
** Даниела Панева, активистка во Организација на жените на општина Свети Николе.