Search
Close this search box.

Боров четник – тивкиот убиец на тиквешките шуми

Автори: Александра Бојкова и Орце Костов

Живеат само една година. Кога има услови за тоа, живеат и подолго. Ги гледаме прво, како нивните свилени гнезда тивко се шират по врвовите на боровите дрвја – како снежно-бели памучни јоргани полни ларви. Тие тивко се подготвуваат за летната шумска наезда, хранејќи се од изобилството хранливи состојки на боровите иглични лисје. Рано во април, додека го пишуваме овој текст, гледаме како ларвите пораснале во гасеници и во долги колони, како тивка воена чета, се движат по дрвјата. Потоа се закопуваат под земја и кон крајот на летото повторно излегуваат, да го почнат циклусот одново.

Ова е животот на Боровиот четник, кој може да се види насекаде низ боровите шуми на Тиквешкиот регион – шумите кои сакаме да ги нарекуваме „белите дробови на Кавадарци“.  Thaumetopoea pityocampa е латинското име на овој молец. И тој е дел од големиот синџир на исхрана – како и секое живо суштество и тој е потребно да постои на оваа планета. Но, кога неговиот број значително ќе се зголеми, тогаш тој станува закана за еко-системот, важен за другите организми. Тој ги уништува боровите дрвја уништувајќи ја зелената иднина на овој македонски регион.     

За пустошот што Боровиот четник го остава зад себе, долго време алармираат  регионалните еко-активисти и љубители на природата. Тие пролетва повторно предупредија дека проблемот постои веќе предолго, меѓу крошните на боровите што се сушат и дека конечно е време да се најде соодветно и трајно решение за него. Според нив, овој штетник е најголемиот уништувач на шумските стопанства. Сметаат дека се нападнати речиси 100 проценти од пошумените предели во Тиквешијата, а загрозени, многу повеќе површини. Стравуваат дека за неколку години, целосно ќе ги снема пошумуваните борови дрвја. Ако се случи тоа, тие се плашат дека  зелената карта на Кавадарци значително ќе се намали. Биолозите велат дека инсектот предизвикува болест кај дрвјата.

Боров четник (Фотографии од приватна архива)

Најгрдите ,,лампиони” што сте ги виделе

Претставници на Движењето на екологисти на Македонија, за Локал Актив појаснуваат дека штетникот може во некои случаи да живее и неколку години. Од средината на јули па до постудените есенски денови, низ македонските борови шуми можеле да се забележат големи бели влакнести ќеси, што висат на боровите гранки. „Најгрдите лампиони што сте ги виделе”, со жалење коментираат. Разговаравме со Роберто Паризов, активист во оваа организација:

„Претставува најголема опасност за боровите насади во Македонија, посебно во кавадаречкиот регион, каде што нападите на овој штетник уништија голем дел од шумата. Боровата шума во месноста Љубаш западно од Кавадарци,  ги претставува „белите дробови“ на граѓаните од градот и околината. Боровите дрвца во оваа месност го штитат градот од загадување, поплави, климатски промени. Таа шума е во опасност да биде изгубена, бидејќи дрвјата подолго време се нападнати токму од боровиот четник“, вели Паризов.

Тој тврди дека ситуацијата е алармантна и во неколку предели со борова шума околу Кавадарци. Загрозени се месноста Катунишки камен, шумата наспроти споменикот за 12 Ваташки младинци, градскиот парк, што инаку важи за еден од најубавите во државата.

Од страна на регионалните еко-волонтери, во 2023 година бил вршен континуиран мониторинг на Љубаш и била утврдена потребата да се воведат итни мерки за да се заштити шумата.

„Влијанието ќе биде најголемо кај хронично болните и лицата со респираторни проблеми. Подеднакво, ефекти ќе има врз сите старосни категории и врз мажите и жените. Од статистичките податоци собрани од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање, утврдено е дека, на национално ниво, Кавадарци е со сигурност меѓу градовите со најголемо загадување на амбиенталниот воздух. Потребата од зачувување и заштита на оваа шума е на сечие задоволство, бидејќи нејзиното изумирање ќе има негативно влијание врз микроклимата во Кавадарци“, се вели во извештајот од мониторингот, според кој штетата проценета во Љубаш е над 80%.

Ни пожарот не е толку моќен колку овој тивок молец?

Екологистот Паризов, кажува дека Боровиот  четник е најголемиот паразит на боровата шума. Тој појаснува дека се хранат во регионите од 500 до 600 метри надморска височина.  Се хранат ноќе.

„Женките ги положуваат јајцата на игличките од борот при крајот на јуни. По две седмици се формираат гасеници кои се собираат во групи, правејќи гнезда, како бели пластични ќеси што висат на гранките. Дење мируваат, а со брстење или јадење листови почнуваат во текот на ноќта. Презимуваат во гнездата. Напролет продолжуваат со брст, а потоа се спуштаат на земја и се преобразуваат во кукли“, споделува Паризов.

Тој нагласува дека телото на гасеницата е покриено со долги влакна кои предизвикуваат сериозна иритација кај луѓето, на кожата се јавува потечено и болно чешање, а собено е опасно ако влакната стигнуваат до мукозните мембрани на очите, носот и устата, особено кај лицата со алергии.

Непреземањето мерки може да ги опустоши шумите

Обични луѓе, еко – активисти, планинари и научници, стравуваат дека ако не се преземат мерки за отстранување на боровиот четник, шумските реони околу Кавадарци како град на грозјето, виното и житата, ќе бидат опустошени.

Доне Илов, шумарски инженер, вработен како овластен општински инспектор по животна средина во Општина Кавадарци, вели дека во последните три децении, гасениците на Боровиот четник, во континуитет предизвикувале сериозни дефолијации, (едноставно кажано, листопад), во црно-боровите култури во регионите на Свети Николе, Штип, Кочани, Делчево, Велес, Скопје, Неготино, Кавдарци и Прилеп. Затоа што, како што појаснува,  тоа се региони каде има најчесто влијание на суб-медитеранска клима. Притоа, тие  предизвикувале физиолошко слабеење на боровите дрвја, што овозможувало населување на секундарни штетни инсекти и растителни болести, со краен ефект, нивно сушење. И покрај преземените мерки во минатиот период, кои имале висока ефикасност во  уништувањето на гасениците од боровиот четник, тој потврдува дека сепак, состојбата не е ставена под контрола.

„Тука не смее да се потцени и појавата на цепење на неговите генерации, кога дел од единките кои се во стадиум кукла, го продолжуваат и завршуваат развитокот за една година. Дел од куклите,  20 до 30 проценти, остануваат во таканаречена дијапауза, па пеперутките еклодираат во втората или пак во третата година од нивниот развиток. Во фазата на дијапауза тие се добро заштитени од влијанието на кој било инсектицид, бидејќи во тоа време се наоѓаат во земја“, објаснува Илов, кој оваа пролет очекува да се намали листопадот предизвикан од гасениците на Боровиот четник во многу места во земјата. 

Боровиот четник е најголемиот паразит на боровата шума. Тој се храни во регионите од 500 до 600 метри надморска височина. И се хранат ноќе. Екологистите објаснуваат дека „женките ги положуваат јајцата на игличките од борот при крајот на јуни. По две седмици се формираат гасеници кои се собираат во групи и прават гнезда, како бели пластични ќеси што висат на гранките. Тие дење мируваат, а јадат иглести листови текот на ноќта. Презимуваат во гнездата потоа, напролет се спуштаат на земја и се преобразуваат во кукли. Телото на гасеницата е покриено со долги влакна кои предизвикуваат сериозна иритација кај луѓето - на кожата може да се појават отоци и болно чешање, а тие се особено опасни ако влакната стигнуваат до мукозните мембрани на очите, носот и устата, особено кај лицата со алергии.

Со дрон се прскаше во месноста Љубаш кај Кавадарци

Љубица Ѓорѓиева, државен инспектор за шумарство и лов, уште во јануари 2023 година, рече дека проблемот со Боровиот четник е навремено согледан и дека се преземени мерки за тој да се надмине. 

„Проблемот е констатиран и од страна на Инспекторатот и од страна на Јавното претпријатие „Национални шуми“. Известена е и ИДП службата при Шумарскиот факултет во Скопје. Од наша страна е даден налог да се изврши механичко или хемиско третирање. Дел од стеблата зафатени со Боров четник беа исечени и на нивно место беа посадени нови дрвца. Работите се работат тековно“, рече тогаш Ѓорѓиева.

Од подружницата на ЈП „Национални шуми- Бор”, тогаш рекоа  дека работат на терен за решавање на овој проблем. На терен биле и професори од Шумарскиот факултет, коишто дале задолженија што требало да се направи. Во исчекување биле да се реагира и на државно ниво, со авионско прскање. Таму каде што ќе биле исечени борови стебла, требало тие да бидат заменети со видовите Аризонски чемпрес и медоносни дрвја, како посоодветни видови, заради надморската височина. 

Превентивно прскање со дрон во месноста Љубаш

Горан Сакалиев, професор во средното земјоделско – шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, кое има 67 годишна историја, посочува дека најголемиот проблем е токму кај локалитетот Љубаш. Според професорот, проблемот може да се реши со механичко чистење со отстранување на гранките, но нивното спалување ќе значи ново загадување за Кавадарци.

„Имаме механичка мерка или таа мерка е отстранување на гранките каде што е гнездењето на Боровиот четник, но тој метод е скап и бара голема работна рака. Треба да се отстранат гранките и да се спалат, што доведува до ново загадување кое ќе му наштети на градот. Друга мерка е биолошко прскање со дрон и оваа мерка дава многу добри резултати. Оваа мерка треба да се применува на сите борови шуми на национално ниво. Јас забележав дека низ цела Македонија, вештачки подигнатите насади на монокултури од црн бор се зафатени со боров четник и затоа треба да се продолжи со оваа мерка, да се инвестира во прскање со дрон, за да се сузбие Боровиот четник“, образложува професорот Сакалиев.

На крајот од октомври 2023 година беше извршено третирање на болеста во боровата шума на Љубаш со биолошки препарати, токму од воздух со дрон, во организација на регионалните екологисти, во соработка со инспекторката Ѓорѓиева од Државниот инспекторат за шумарство и ловство, а беа присутни и професорот Сакалиев и млади волонтери-екологисти.

На настанот беа споделени и размислувања околу можноста различни субјекти да се вклучат во спроведувањето на оваа мерка, преку обезбедување дрон и финансиски средства за континуирано третирање на боровата шума, со цел таа трајно да се  заштитува.

„На наш предлог, Општина Кавадарци одобри проект за третирање на околу 4,5 хектари шума и доколку има резултати, ќе се изврши дополнително третирање во следните месеци кога болеста е најсилна и се имаат формирано најмногу  гасеници што ги оштетуваат дрвцата. Се работи за иновативен метод со третирање на боровата шума со летало агро-дрон,  што е за првпат употребено за високостеблести шуми во општина Кавадарци и ова органско третирање не е штетно за природата, освен за ларвите на Боровиот четник“, дециден е Паризов.

Со феромонски ловки за ловење на мажјаци до контрола на роењето на штетникот

Од јавното претпријатие „Национални шуми“ за Локал Актив информираа дека одговорните лица во подружниците со кои стопанисува ЈП, ја следат здравствената состојба на шумите и два пати годишно  изготвуваат извештај за појавата и присуството на растителни болести и штетни инсекти. Извештаите од терен се доставуваат до Известувачко – дијагностичко – прогнозната служба во шумарството на Шумарскиот факултет во Скопје. 

„ИДП  службата изготвува годишен извештај за состојбата со растителните болести и штетници во природните и новоподигнатите
насади каде, во зависност од интензитетот на нападот и големината на нападнатата површина, се предвидуваат превентивни мерки на контрола. Една од тие мерки е динамиката на роење на Боровиот четник во културите од црн бор, со поставување на таканаречени феромонски ловки за ловење мажјаци. Во моментов се препорачува да се продолжи со мониторингот, односно да се следи состојбата со
популационата застапеност на гасениците од боровиот четник“, истакнаа од Национални шуми.

Околу тоа кои методи се користени и кои се користат за заштита од Боровиот четник, оттаму ги споменуваат механичкото чистење и авиотретирањето,  но за Локал Актив признаваат дека првото нема ефект, а второто е скапо.

Биолошко прскање е најефикасно, но кај нас е забрането

Професор д-р Стерја Начески, ентомолог од ИДП службата при Шумарски факултет, напоменува дека има посовремени пракси освен механичкото чистење, какво што е авионското прскање, но надлежните државни институции сметаат дека таквото третирање во светот е забрането.

Професор д-р Стерја Начески

„Бев во контрола на боровиот четник. Има посовремени пракси за борба со молецот, само забрането е сега, поради новата  директива на ЕУ за авионско третирање. Инаку постојат биолошки препарати што не загадуваат, еден од тие на база на бактерија, bacilus cereus. Таа за 48 часа се разградува, но мора гасеницата да ја консумира и ефикасноста е одлична. Сепак, забрането е да се третира авионски кај нас, а за третирање од земја немаме таква апаратура“, појаснува тој.

Друга мерка е, додава, феромонското ловење на мажјаците. Но таа, нагласува, дава резултати на подолг временски период. На краток период, според него, таа контрола е ништо, бидејќи популацијата е многу висока.

„Може со дрон, ама поради директивата на ЕУ не знам дали е дозволено. Авионски третираат комарци во Скопје, во населено место, а во Кавадарци, наводно, не смеат да испрскаат боров четник со „фореј“ – биопрепарат кој не загадува. Тоа е ништо, изолирана е бактеријата од почвата и за 48 часа се разградува. Имаме извонредни резултати од ова средство, но е забрането, иако не сме во Европската унија“, истакнува професорот Начески.

Тој кажува дека третирањето на гасениците во секој регион е специфично, според климата. Мора, вели,  да се чека гасениците да се изведат, затоа што за нив е карактеристичен феноменот на дијапауза, што е процес сличен на хибернација.

„Во Битола се изведуваат некаде на почетокот на септември, во Кавадарци подоцна, затоа што зимата во Битола почнува порано. Тоа е најбитно во целото третирање, да се сочека да се изведат сите, оти има феномен кај гасениците, остануваат во дијапауза, одат во земја во колонии. Не се ројат истата година, туку за две или три години. Затоа треба континуирано третирање три години, за да исчезне Боровиот четник“, додава Начески.

Ставот на експертите  што ги консултираше Локал Актив, е, дека можеби е најсоодветно во овој момент, да се реагира со биолошко авионско прскање за ситуацијата да се стави под контрола, а потоа да се  продолжи со обичен био-третман, без авион.

Додека траат размислувањата и пресметките за тоа која од овие методи е најсоодветна, само една работа е многу јасна: дека неодложно треба да се преземе нешто за да не се уништи она парче природа која со децении била негувана, за да им ја оставиме во наследство на идните генерации.

Александра Бојкова е активистка во Еко – живот Кавадарци.

Орце Костов е новинар на Локал Актив.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE