Советот на Општина Велес ја оспори одлуката на МОН за втора албанска паралелка во гимназијата

Советот на Општина Велес изгласа заклучок со кој ја оспори одлуката на МОН за втора албанска паралелка во велешката гимназија „Кочо Рацин“. Заклучокот е донесен на вонредна собраниска седница. Советот му препорача на МОН да остане една албанска паралелка во гимназијата. 

На третата вонредна седница, со 19 гласови за и два против, беше изгласан заклучок со кој му се препорача на Министерството, во учебната 2024/25 да останат четири македонски паралелки, една албанска и една билингвална (македонско- англиска).

Оваа одлука дојде по обвинувањата на раководството на СОУ „Кочо Рацин“, дека министерот Јетон Шаќири донел одлука да укине паралелка на македонски наставен јазик, за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година.

Од СОУ „Кочо Рацин“ велат дека, спротивно на анализите на гимназијата за реалните потреби и доставениот предлог план за упис на ученици во прва година во учебната 2024/25 година, МОН предлагало укинување на една паралелка на наставен македонски јазик, со што директно го ускратувало правото на учениците деветтоодделенци, кои следат настава на македонски јазик. 

– Ваквиот предлог доаѓа со цел продолжување на минатогодишното кршење на наставниот процес, исклучиво по етничка основа, за политички цели, од политички фактори од албанска националност, обвинија оттаму.

Министерството за образование и наука реагираше на обвинувањата на раководството на гимназијата,  дека МОН предложил укинување на паралелка на македонски јазик, за сметка на воведување на паралелка на албански јазик.

– Неточни се обвинувањата на раководството на СОУ „Кочо Рацин“, за наводно укинување на паралелка на македонски наставен јазик, за сметка на воведување паралелка на албански наставен јазик во прва година. Конкурсот за упис во средно образование за учебната 2024/2025 година предвидува идентичен број паралелки, односно места за ученици како и минатата учебна година. Станува збор за четири паралелки на македонски и две паралелки на албански наставен јазик и истите се дефинирани согласно реалните потреби на општината, рекоа од МОН.

О.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE