МОН предлага укинување на една македонска паралелка во велешката гимназија. Од велешката гимназија ,,Кочо Рацин” нагласуваат дека Министерството за образование и наука продолжува со „сегрегација“ на учениците во оваа гимназија, единствено по етничка основа и без никаква реална потреба.
– Спротивно на анализите на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ за реалните потреби и доставениот предлог-план за упис на ученици во прва година, во учебната 2024/25 година, МОН предлага укинување на една паралелка на наставен македонски јазик, со што директно го скратува правото на учениците деветтоодделенци кои следат настава на македонски јазик, појаснуваат од ова средно училиште.
Имено, на 29 март оваа година бил објавен конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта, за учебната 2024/25 година. Во него, како што велат од гимназијата, министерот Јетон Шаќири како потписник на спорниот конкурс, предлагал отворање на втора албанска паралелка за сметка на укинатата македонска, иако податоците говореле дека нема реална потреба за тоа.
– Во гимназијата, во претходните учебни години, се пријавуваат од 25-30 ученици за настава на албански јазик, од кои критериумите за упис во прва година (60 поени) ги исполнуваат од 12-22 ученици. Во учебната 2020/21 се запишаа 22, 2021/22 –15, 2022/23 – 17 ученици, додека пак во учебната 2023/24 година се запишаа 31 ученик, од кои само 20 го исполнуваа условот од 60 поени, а останатите се запишаа по указ на министерот. Со тоа се нанесе неправда кон учениците деветтооделенци кои наставата ја завршија на македонски јазик, конкурираа, но им беше скратено правото на упис со помалку од 60 поени, појаснуваат од гимназијата.
Притоа, се подвлекува дека статистиката покажува оти нема потреба од втора албанска паралелка.
– Уште помалку, од директна интервенција за спуштање на критериумите единствено по етничка основа, бидејќи токму овие ученици во текот на годината постигнуваат слаби резултати со евидентирани негативни оцени, што е видливо ако се погледнат оценките на овие 11 ученици, наспроти другите 20 од албанската паралека. Со сево ова, тенденциозно се прави удар и врз реномето на најстарата гимназија во Македонија, која се наоѓа на врвот на образовните институции во земјата, истакнуваат од средношколскиот центар.
Во соопштението на училиштето се вели и дека гимназијата има вековна педагошка и културно – просветителска традиција во градот, постојано вложувајќи во развојот на млади напредни генерации. Во таа насока, во доставениот предлог-план од нивна страна, за прв пат била предвидена една билингвална паралелка. Таа, како што велат, ќе биде поле за натпревар на најдобрите ученици, без разлика на кој наставен јазик, македонски или албански, ја следеле наставата во основното образование.
Наставничкиот совет смета дека со објавениот конкурс е нанесена неправда и тоа според нив е неприфатливо решение.
– Поради тоа, донесовме одлука за исправка и усогласување на конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/25 година и усогласување со предлог-планот за упис на ученици, информираат од гимназијата.
Тие барале во прва година да се запишат 204 ученици во 6 паралелки. Четири паралелки со изведување на настава на македонски јазик или 136 ученици со минимум 60 поени, една билингвална (македонско – англиска) паралелка или 34 ученици со минимум 60 поени, една паралелка со изведување на настава на јазикот на заедницата – албански јазик, или 34 ученици со минимум 60 поени.
– Со цел заштита на интересите на учениците, наставниците и велешката јавност, информираме дека Гимназијата се обрати писмено до МОН по ова прашање и се надеваме дека ќе преовлада разумот наспроти верската, националната или етничката припадност. Со меѓусебно разбирање и усогласување со реалните потреби, директно ќе влијаеме на образување и воспитување ученици, идни млади поколенија, кои ќе ја развиваат државата во духот на заедништвото и еднакви можности за сите, соопштуваат од Гимназијата.
Со цел сеопфатно да информира за овој проблем, Локал Актив побара став и од Министерството за образование. Доколку редакцијата добие одговор, ќе го објави во посебна вест.
О.К.