Хидромелиоративниот систем за наводнување во тиквешкиот регион има потреба од реконструкции. Тоа го потврдува и директорот на подружницата Тиквеш на АД Водостопанство, Атанас Ризов.
Ризов појаснува дека вложиле максимални напори да обезбедат доволно вода за наводнување во ова лето со високи температури и многу сончеви денови.
Тој смета дека имаат неколку најкритични точки, на што мораат да работат во наредниот период.
Неопходни се комплетни реконструкции на каналот К2, што обезбедува вода за наводнување на земјоделските површини во Општина Кавадарци и кавадаречкото село Ваташа и на изливен канал од пумпа Марена горна зона, од кавадаречко Марена до неготинско Дисан.
„Потребно е да извршиме и реконструкција на дел од неготинскиот десен магистрален канал за наводнување“, појаснува директорот.
ХМС Тиквеш има постоечки 220 километри отворена и 30 илјади километри затворена линија. Постои цели пет децении и системот имал само помали реконструкции низ годините.
„Во нашите планови се и изработки на проект за реконструкција на канал 37, неготински лев магистрален и на физибилити студија за намалување трошоци за струја за водните пумпи и полесно регулирање на количината вода што протекува низ цевководот“, појаснува Ризов.
Реконструкцијата на сифони, била исто така потребна, за подобро водоснабдување во земјоделството.
Од овој канал се наводнува во кавадаречко, неготинско, демиркаписко, росоманско и во Општина Градско. Овде спаѓаат тиквешкиот регион, како најголем лозаровинарски регион во државата и росоманскиот, како регион што е најголем производител на праски во земјата.
Р. Л.