Стипендии, бесплатни оброци и ваучери за ученици од Oпштина Лозово

Учениците од прво до петто одделение во сите основни училишта на територијата на Општина Лозово и оваа учебна година ќе добиваат бесплатен дневен оброк.  Ова е мерка што локалната власт ќе ја реализира по трет пат.

Со одлука на Советот на Општина Лозово, средствата за реализација на оваа мерка се обезбедени директно од буџетот на општината. Бесплатниот оброк ќе биде достапен како за учениците во централното училиште ООУ Методи Митевски – Брицо, така и за оние во подрачните училишта низ целата општина.

Со цел директна финансиска поддршка на ученици и студенти кои потекнуваат од семејства корисници на права од социјална заштита, како и талентираните ученици и студенти, Oпштина Лозово трета година по ред обезбедува и финансиски средства за доделување на:

– Две стипендии на ученици-средношколци кои потекнуваат од семејства корисници на права од социјална заштита и учат во средни училишта во Република Македонија, две стипендии за студенти кои потекнуваат од семејства корисници на права од социјална заштита, а се запишани на државните универзитети во Р. Македонија за учебната 2024/2025 година, а истите се жители на Oпштина Лозово.

– Две стипендии на талентирани ученици-средношколци кои учат во средни училишта во Република Македонија и две стипендии за талентирани студенти кои се запишани на државните универзитети во Р. Македонија за учебната 2024/2025 година, а истите се жители на општина Лозово.

Покрај овие стипендии и бесплатниот оброк, малата општина и оваа година обезбеди ваучери за секое прваче во вредност од 4000 денари, средства со кои ќе се овозможи финансиска поддршка на родителите за набавка на училиштен прибор и облека за успешен старт на учебната година.

„Наша цел како локална самоуправа е намалување на препреките произлезени од социјалната состојба, со кои што се соочуваат младите и кои може да влијаат врз нивниот академски развој. Овие стипендии не само што ја олеснуваат финансиската бариера за талентирани млади луѓе, туку и го поттикнуваат нивниот ентузијазам и мотивација за постигнување високи академски и професионални резултати“, изјави Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.

O. K.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE