Отровната тајна на виолетовото цвеќе со сребреникави листови ги демне растенијата и стадата, а преку нив и луѓето

Отровниот плевел „Сребренолисен зрнец“ се има појавено на неколку локации во државата, особено во Вардарски регион, и ги демне земјоделските култури и сточарските стада, а преку нив и луѓето што се прехрануваат со земјоделски и сточарски производи.

Авторки: Кристина Тодорова* и Убавка Јаневска**

На изглед обично цвеќе со особено привлечни виолетови цветови, со сребреникави листови, во чиј средишен дел се наоѓа жолтобоен толчник, којшто врзува жолти бобинки, но во суштина станува збор за опасен и отровен плевел. Плевелот „Сребренолисен зрнец“ е веќе мапиран на две локации во Македонија, во близина на Неготино и на Кавадарци. Првото активно жариште се наоѓа веднаш до патот Неготино – Кавадарци, пред влезот во селото Марена, додека второто е покрај индустрискиот пат во Неготино. Овој плевел ги напаѓа посевите, лозовите насади и другите видови на земјоделски култури, додека е фатален по животите на тревопасни животни. „Сребренолисен зрнец – Solanum elaeagnifolium Cavanilles“, минатата година го открија екологистите на Здружението на граѓани Ековита од Неготино.

„Сребренолисен зрнец - Solanum elaeagnifolium Cavanilles“

„Во тој момент додека со рачно корнење го реализиравме отстранувањето на минатогодишните суви изданоци на опасното растение, од контакти со граѓани дознавме за случки како што се берење на растението во цвет за да заврши во вазни, како цвеќе во домови и за напасување на добиток на линијата на сега веќе мапираните опасни жаришта во Тиквешијата“, рече дипломираниот инжинер биолог Сашо Тодоров, претседател на Ековита.

Токму овие примери биле аларм за преземање на итна и неодложна акција, по коишто е препознатлив граѓанскиот сектор, за подигнување на јавната свест и барање на итно и неодложно решение на проблемот којшто е животно загрозувачи за тревопасните животни, додека целосно го нарушува екосистемот во Тиквешкиот регион. Особено, како што подвлекоа  од здружението, во состојба на последици од климатски промени во Македонија, како што се зголемена температура, намалени врнежи, подолги сушни периоди, засилени ветрови и екстремни временски услови, коишто одат во прилог не само на растењето, туку и на брзото ширење на овој вид на плевел.

Ова конкретно значи дека растението, кое потекнува од Америка, отпорно е и на суша и на високи температури, а тоа што се размножува и со семе и со корења придонесува процесот на искоренување да биде исклучително тежок.

Пацаноски : Еден од најинвазивните плевели во светот

Македонската научна фела прва даде поддршка на вклучениот црвен аларм од страна на Ековита. Втората, дојде од странски донатор. Тие во суштина ја препознаа опасноста што демнее над Тиквешкиот регион, од еден од најинвазивните плевели во светот, особено во Медитеранискиот басен, затоа што „Сребренолисен зрнец“ предизвикува катастрофални штети врз растителното производство, домашните животни, квалитетот на животот на луѓето, бидиверзитетот и екосистемот во целина. Сето ова го посочи Звонко Пацаноски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, при УКИМ во Скопје. Како што појасни тој, растението „Solanum elaeagnifolium Cavanilles“ се опишува како повеќегодишен, доцнопролетен и летен широколисен плевел, што се размножува со семе и со ризоми, категоризиран како еден од најинвазивните плевели во светот, од 2006 година впишани на EPPO A2 листата како штетник со посебен третман на сузбивање, поради моќта да заплевели како едногодишни така и повеќегодишни култури, поточно пченка, пченица, сирак, памук, тутун, домат, луцерка, винова лоза, маслинка, праска и други.

„Во многу земји од медитеранскиот басен овој плевел предизвикува сериозни штети на обработливите површини и природните тревници, особено пасиштата. Се шири брзо, претставува силен конкурент на автохтоната вегетација, брзо ги зазема напуштените или нарушените станишта и неземјоделските површини, особено местата покрај патиштата. Може да се најде на места без вегетација, пејзажна архитектура во градови, на тротоари и патеки, па дури и на плажи. Забележано е негово навлегување и во шумите и заштитените планински региони“, рече професор доктор Пацаноски.

Експертот, кој е водечки за инвазивни растенија во Македонија, додаде дека 

Изјава на Звонко Пацаноски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, при УКИМ во Скопје

отровниот плевел остава земјоделски и економски последици преку загуби на принос до 64 проценти кај пченка, намалување на растење и квалитет на памук до 75 отсто,  потиснување на лозја, цитруси и овошни дрвја, дополнителни трошоци за вода за наводнување и отежната механичка обработка на земјиште.

„Присуството на овој вид плевел и во нашата држава, го прави особено проблематичен процесот на висока обработка на почва, каде ризомите се ситнат и плевелот се размножува уште поинтензивно. За споредба, една студија во Мароко покажа дека без интервенција, тој може да формира монокултури за само три сезони. Исто така влијае и врз сточарството и јавното здравје. Сребренолисниот зрнец е отровен за повеќето тревојади. Соланин и соласонин, алкалоиди кои се наоѓаат во сите делови од растението, особено во зрелите плодови, предизвикуваат труења со смртни последици кај коњи, намалена продуктивност кај овци, кози, говеда, воспаленија и осип кај луѓе и респираторни заболувања, бисиноза кај работници и одгледувачи на памук. Неконтролираното присуство во сточна храна претставува закана за безбедноста на прехранбениот синџир“, додаде професор доктор Пацаноски.

Влегол како слеп патник

Професор Пацаноски појасни дека Сребренолисен зрнец за првпат беше  потврден  минатата година, во август, во Тиквешијата, на патот Неготино–Кавадарци и на обиколницата кај Неготино.

Сашо Тодоров кој како претседател на регионалното еко здружение на граѓани што долги години се занимава со еколоши теми на подрачјето на Вардарски регион,  го опиша начинот на кој се претпоставува како опасниот коров влегол во Македонија, но и во дворови на граѓани.

„Се претпоставува дека е внесен како ‘слеп патник’ со камиони или шлепери кои се движеле од  Грција, каде овој плевел веќе е широко распространет. Неговите гранки, полни со плодови и семе, лесно се лепат за гумите, калниците или подвозјата на возила, па така може да се пренесе на голема оддалеченост без да биде забележан. Иако е отровен и инвазивен плевел, неговиот убав виолетов цвет често ги мами луѓето. Поради својата привлечна естетика, во некои случаи намерно бил донесен во дворови како украсна билка, без да се знае за неговото штетни последици“, рече Тодоров.

Заедно со други еко активисти во здружението со кое раководи, Тодоров е дел и од тимот експерти и граѓански активисти коишто во изминативе месеци постојано ја набљудуваа состојбата на двете мапирани локации. Тие спроведоа и третман на младите изданоци во рана вегетативна фаза со тотален хербицид во појасот од еден метар од асфалтот на индустрискиот пат во Неготино. Тодоров смета дека имаат комплетна слика за последиците, доколку опасниот плевел целосно не се сотре.

Сребренолисен зрнец за првпат беше потврден минатата година, во август, во Тиквешијата

„Во фаза на цветање значително се олеснува неговата визуелна идентификација, благодарение на карактеристичните виолетови цветови. Оваа фаза е клучна за ефикасно мапирање на нови жаришта и навремено уништување, пред да започне формирање на плодови и ширење на семе“, додаде Тодоров.

Според него, растението поради лошите временски услови и помогнато од последиците на климатските промени, заплевелува нови површини. Последиците на климатските промени му се во полза, па така лесно презимува и на него не влијаат ниту интензивни пожари, што  не го уништуваат ризомот.

„Сребренолисниот зрнец покажува силно инхибиторно (алелопатско) влијание врз околната вегетација. Преку своите корени, лисја и распаднати остатоци, растението ослободува хемиски соединенија или гликоалкалоиди, кои ја инхибираат клијавоста, растот и развојот на другите растенија. Така го намалува биодиверзитетот на просторот каде што расте, создава неповолни услови за локалните видови и доведува до брзо ширење и доминација на плевелот,  создавајќи монокултурни површини на кои што расте само овој плевел, а другите растенија исчезнуваат. Дури и по косење, искорнување или палење, растението има способност да се регенерира од своите длабоки подземни ризоми, што ја прави неговата контрола исклучително тешка“, вели Тодоров.

Преку животински производи во човековото тело

Неготинскиот еко активист кој со години се занимава со решавање на еколошки прашања во тиквешкиот регион и пошироко, алармираше дека кога инвазивниот плевел ќе навлезе во фуражните култури, постои сериозна опасност.

„При косење и балирање, неговите токсични делови завршуваат во исхраната на домашните животни. Консумацијата на контаминирана фуража може да предизвика симптоми на труење кај животните, додека од континуиран внес, постои реален ризик и за човековото здравје. Токсични супстанции потенцијално може да се пренесат преку животинските производи (млеко и месо) во човечкото тело“, предупреди овој еко активист.

Како што појасни тој, најризични зони на сребренолисниот зрнец биле Тиквешкиот, Гевгелискиот, Демиркапискиот и Дојранскиот регион.

Кавадаречките земјоделци се загрижени и бараат посериозен пристап од институциите

Ѓоко Велков од кавадаречкото село Марена има 59 години, тој е сточар од дете, ја продолжува сточарската традиција во семејството кое потекнува од селото Страгово, надалеку познато по квалитетно домашно произведено сирење. Целиот живот го има поминато меѓу стадото, кое некогаш броело и околу петстотини овци. Минатата година ги продал овците и сега одгледува стотина кози. За Локал Актив Вардар рече дека прв пат слуша за овој плевел што бил забележан и во близина на неговото село. „Оправдано сум загрижен бидејќи мојата фамилија живее во Марена, а стадото ми е исто така во близина на Кавадарци. Јас и самиот сакам да бидам запознат со карактеристичните особини на ова штетно растение и да го распознавам ако било каде го сретнам“, истакна тој, апелирајќи до сите надлежни во државата, малку посериозно да си ја работат работата за која земаат пари од народот. Дане Јошев е пензиониран пожарникар, сопственик на земјоделски имот и актуелен претседател на Регионалното здружение Тиквешки лозароовоштари, за Локал Актив Вардар подвлече дека за прв пат слуша за вакво штетно растение и дека посебно го загрижува тоа што плевелот, доколку се размножи многу, може да биде опасен за растенијата и животните, а преку нив и за луѓето. „Очекувам во наредниот период малку поодблиску да го запознаеме штетникот и да знаеме како да се однесуваме доколку случајно го сретнеме. За да не ни се случи, мислејќи дека е цвеќе, да си го донесеме дома и да си го засадиме во дворот, или да го сместиме меѓу растенијата од земјоделскиот имот“, порача Јошев.

„Со зголемена прекугранична трговија и транспорт се зголемува ризикот за влез на опасниот плевел од соседна Грција и во прилепското и битолското поднебје. Едукацијата што ја спроведе Ековита е клучна за штотуку добиените информации дека растението е забележано покрај регионалниот пат Струмица – Ново Село – граничен премин  со Република Бугарија, но и покрај река Бабуна, во велешко“, истакна Тодоров.

Решенијата преку мерките за сузбивање и контрола на опасниот плевел кои ги препорачува професор доктор Звонко Пацаноски предвидуваат превенција што би се состоела од фитосанитарна контрола при увоз на сточна храна и саден материјал, чистење на механизација при премин меѓу парцели и контрола на жаришта покрај патишта и канали. Потоа, летно  длабоко орање до 40 сантиметри на секои три години на парцелите со опасното растение и косење на плевелот пред формирање бобинки. Третирањето со хербициди е последно и тоа исклучиво доколку не успеат претходните мерки.

„Откако дојдоа до информации дека Сребренолисната ноќница (Solanum elaeagnifolium) ја има како растителен инвазивен вид во документот Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план  за периодот 2018-2023 година на Министерство за животна средина и просторно планирање, но не е вклучена во Предлог-листата на инвазивни видови на државата во 2024 година и не е направена проценка за заканите, Ековита и граѓанските здуженија сметаа дека се потребни развој на национален портал за инвазивни видови (каков што е invazivni.mk), ангажирање на ученици, земјоделци и локална самоуправа во мониторинг, апликации за пријавување на појава на сребренолисен зрнец и поддршка за научни истражувања и дигитални мапи“, изјави Тодоров за Локал Актив Вардар.

Решенијата преку мерките за сузбивање и контрола на опасниот плевел кои ги препорачува професор доктор Звонко Пацаноски предвидуваат превенција што би се состоела од фитосанитарна контрола при увоз на сточна храна и саден материјал, чистење на механизација при премин меѓу парцели и контрола на жаришта покрај патишта и канали. Потоа, летно  длабоко орање до 40 сантиметри на секои три години на парцелите со опасното растение и косење на плевелот пред формирање бобинки. Третирањето со хербициди е последно и тоа исклучиво доколку не успеат претходните мерки.

„Откако дојдоа до информации дека Сребренолисната ноќница (Solanum elaeagnifolium) ја има како растителен инвазивен вид во документот Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план  за периодот 2018-2023 година на Министерство за животна средина и просторно планирање, но не е вклучена во Предлог-листата на инвазивни видови на државата во 2024 година и не е направена проценка за заканите, Ековита и граѓанските здуженија сметаа дека се потребни развој на национален портал за инвазивни видови (каков што е invazivni.mk), ангажирање на ученици, земјоделци и локална самоуправа во мониторинг, апликации за пријавување на појава на сребренолисен зрнец и поддршка за научни истражувања и дигитални мапи“, изјави Тодоров за Локал Актив Вардар.

Да се знае како со ,,неканетиот гостин”

Сите овие активности се дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатска промена“ што го имплементира Еко-свест, со финансиска поддршка од Шведска. На завршниот настан на проектот „Екомисија “, присуствуваше и неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

Тој изрази задоволство што во присуство на организаторите, експерти и заинтересирани граѓани, во Неготино се одржа завршниот настан од реализацијата на еден значаен проект што ги обедини  науката, граѓанската активност и заштитата на природата.

„Во време кога се соочуваме со сѐ поголеми еколошки предизвици, токму ваквите реализирани иницијативи претставуваат светол пример за тоа како една локална заедница може одлучно и одговорно да одговори на заканите што го нарушуваат еколошкиот баланс. Особено ми е драго што млади луѓе, стручни лица и активисти заеднички се мобилизираа околу решавањето на проблемот со инвазивниот вид Сребренолисен зрнец и преку научен пристап, јавна едукација и конкретна акција дадоа пример за ангажирана и современа заедница. Општина Неготино и понатаму, како и досега, ќе стои на располагање и ќе ги поддржува сите проекти што ја унапредуваат животната средина, го поттикнуваат научниот дух и ја мобилизираат јавноста во правец на одржлив развој“, нагласи градоначалникот.

Околу Сребренолисниот зрнец, како  повеќегодишен, доцнопролетен и летен широколисен плевел, што предизвикува страв и неизвесност во вардарскиот регион, се обративме и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Прашавме, дали го имаат евидентирано ова инвазивно и опасно растение на Листата на инвазивни видови во Македонија и од кога, како и кои се плановите за негово ништење?  Се интересиравме исто така, дали можеби министерството има донесен Правилник за итна интервенција како и дали има обезбедено средства за третирање на плевелот на државно необработено земјиште, а можеби и помош за земјоделците при појава на земјоделски обработливи површини.

 

„Во законската регулатива во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е уредено изработка на Листа на инвазивни видови во Македонијa. Согласно Законот за здравје на растенија, донесен е Правилник за Листите на штетни организми, растенија, растителни произвоиди и други објекти и предмети (“Службен весник бр.91/21) кој е усогласен со Регулативата (ЕУ)2019/2072 во кој  плевелите не се уредени“, се вели во писмениот одговор од министерството.

Локал Актив Вардар останува будно да ја следи состојбата со ова инвазивно растение и навреме да ја информира јавноста околу сите случувања поврзани со штетниот плевел. Во меѓувреме, нашата медиумска платформа споделува информации за активностите на екологистите, со цел целокупното население да се запознае со особините на отровниот плевел, да го избегнува и да знае како да се однесува, доколку сепак го сретне неканетиот гостин во своја близина. Истовремено, тука сме за постојано да ги потсетуваме надлежните дека имаат обврска да бидат стручни, одговорни и транспарентни.

* Кристина Тодорова е активистка во Здружението на граѓани Ековита од Неготино

** Убавка Јаневска е новинарка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE