Хидросистемот Брегалница, од каде водата по природен пат доаѓа од вештачката акумулација Калиманци, е изграден во седумдесеттите години на минатиот век и тој полека, но сигурно го отслужил своето
Автори: Јасмина Трајчева* и Мики Трајковски**
Земјоделците од Овчеполието секојдневно се соочуваат со сериозни проблеми при обработувањето на нивите. Велат дека Хидросистемот Брегалница, од кој зависат илјадници хектари земјоделски површини, честопати се случува да не е во функција, поради постојаните дефекти кои се резултат на неговата старост и дотраеност.
Сувите канали од системот за наводнување е проблем кој се провлекува со години, па поради нередовното и ненавремено наводнување често се случува нивите да останат ненавадени.
Сузана Димитриевска е фармерка од светиниколското село Мустафино. Таа од 2004 година се занимава со одгледување на органско производство, најпрво на површина од само 1 хектар. Потоа со сопругот го прошириле производството на површина од 51 хектар. Вели дека системот Брегалница значи живот за луѓето од Свети Николе и Лозово.
„Системот кој што доаѓа по природен пат од браната Калиманци ние го користиме многу години наназад. За нас системот е од суштинско значење, затоа што без вода ние не знам понатаму дали ќе имаме било какво земјоделство“, вели Димитриевска.
Но, вода до нивите некогаш не стигнува и со денови, поради рестрикциите на кои веќе се навикнати. Дополнителен проблем им создаваат и сѐ поочигледните климатски промени, проследени со непредвидливи топлотни бранови и високи температури.
„И сѐ тоа што ќе се посади, доколку претходно не се искористат добро сите агротехнички мерки, за да му се даде имунитет на растението, буквално го уништуваат истото, уште повеќе доколу во тие моменти нема вода. Поради тоа ние како фирма од 20 хектари насадени со грав, сега немаме ниту еден хектар со грав“, изјави Сузана Димитриевска за Локал Актив Вардар.
Последната рестрикција за оваа година траела цели 10 дена.
„Во моментов имам договор со швајцарска фирма за производство на производи од ајварска пиперка, поради што посадивме два декари. Десет дена пиперот беше без вода, затоа што немаше од каде да го наводнуваме. Прашувавме дали може да дојде фирма која што би направила бунар за кратко време, но сите беа зафатени. Тоа значи дека фирмите имаат огромна побарувачка, а сите луѓе во моментов инвестираат во копање бунари и барање на алтернативни начини за добивање на вода“, вели оваа земјоделка од Мустафино.
Најдолгата рестрикција на вода во 2024 година била три недели
Поради ваквата ситуација, земјоделците се откажуваат од одгледување на одредени култури.
„Не е само проблемот дали ќе стигне водата. Водата може и да ја има, но за краток временски период треба да полеете поголема површина со вода. Кога се работи за гравот, кога тој цвета, треба да има вода, и може да се случи како минатата година, кога рестрикцијата за вода беше точно во моментот кога гравот цветаше. Потоа имаше проблем со цевките од системот. И додека да се поправи тој систем, тоа траеше две недели и потоа се воведоа две недели рестрикции и гравот се исуши. Најмногу проблеми имаше во 2024 година, кога имаше рестрикција на вода од 21 ден. Се наводнуваше полето со ориз во Кочани и поради тоа рестрикцијата траеше повеќе од 20 дена“, вели Сузана Димитриевска.
Локал Актив Вардар разговараше и со Драгана Серафимова, земјоделка од Свети Николе, која вели дека им останува само да се молат на Господ за годината да биде добра и да немаат проблеми.
„Вообичаено се соочуваме со недостаток на вода и губење на истата, поради големи оштетувања и дотраеност на каналот. Чести се рестрикциите. Состојбата е ваква веќе 15 години“, вели Серафимова.
Најкритичен дел од системот е самиот канал, објаснува таа.
„Поради тоа најчесто доаѓа до оштетување на плодот. Што да правиме, се молиме на Господ. Затоа од државата бараме да ги санира оштетувањата на целиот систем и да се направи тој да биде затворен систем, а не како до сега отворен“, додава Драгана.
На јавното претпријатие Водостопанство земјоделците му плаќаат годишен паушал за користење на вода од системот и тој изнесува околу 6.000 денари по хектар, во зависност од културите кои ги одгледуваат. Велат дека тоа не е многу во однос на многу други земји, но за тоа што плаќаат бараат да имаат секојдневен пристап до вода, што за нивите во Овче Поле живот значи.
Mногу луѓе ќе се откажат од земјоделие
Сузана Димитриевска апелира државата да го стимулира и производството на алтернативни култури, кои би се произведувале во регионот, а кои што се повеќе отпорни на суша. Поради големите рестриктивни периоди, луѓето тешко се одлучуваат да одгледуваат одредени култури, како што се зеленчук или пченка.
„Поради рестрикциите со вода не можеа да добијат соодветен принос и оваа година полињата со пченка се драстично намалени. Овче Поле треба да биде еден од првите региони каде што ќе се направи соодветна стратегија, со цел адаптација на актуелните климатски промени, бидејќи тоа е еден од најсушните региони“, тврди Сузана.
Само во Мустафино 90% од луѓето се вклучени во земјоделие, на директен или индиректен начин, односно нема педа земја која не е обработена. Тоа е добра причина што побргу да се реши проблемот со наводнувањето.
„Кога ги гледаат проблемите со кои се соочуваат, во однос на производството и драстичното намалување на приносите, младите сѐ повеќе се одлучуваат да одат во други сфери, работат во фабрики или заминуваат во странство. Затоа, реконструкцијата на каналот е од суштинско значење за нашиот начин како во иднина ќе се однесуваме
кон земјоделието, дали ќе се вклучуваме сѐ повеќе во него или ќе се откажуваме од одредени култури. Сметам дека тоа треба да биде еден од идните приоритети на Владата“, додава Сузана.
Околу половина од водата се губи при дистрибуцијата
Стариот и дотраен систем е голем проблем, особено во летниот период кога е и најпотребен. Еден земјоделец од Лозово, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Локал Актив Вардар дека поради проблеми со каналот, вода до неговото село речиси и да не стигнува. Според него, има неколку причини за тоа.
„Прво, тоа е стариот и дотраен отворен канал кој веќе неколку години во близина на селото Балван има пукнатина, од каде се губи доста вода која се насочува кон каналот наменет за Овче Поле. Овој канал е долг околу 100 километри, додека каналот до кочанско поле е долг околу 40 километри и нормално е поголем дел од водата да се троши пред да дојде во каналот насочен кон Овче Поле. Друга причина се зголемените површини на оризови насади во кочанскиот регион во последните години, пред сѐ поради зголемените субвенции. Оризовите насади се исто така под овој систем за наводнување“, вели тој.
Васко Златковски, агроном и добар познавач на состојбите во земјоделството, смета дека Хидро-мелиоративниот систем Брегалница од моментот на своето пуштање до денес направил пресврт во земјоделските активности, кои се одвиваат во овој дел на Македонија. „Меѓутоа во последните 30 години истиот доживува девастирање, бидејќи инвестициите кои се вложуваат за негово одржување се на скоро минимално ниво“, вели тој.
„Ова говори дека половината од капацитетот со кој што располага браната Калиманци (проектирана на 120 милиони кубни метри вода или оперативна на околу 100 милиони кубни метри вода), се губат во текот на дистрибуцијата. Тоа значи дека ние имаме огромни загуби на вода“, вели Златковски.
Според него, основната намена на овој систем е наводнување и заштита од поплави, а дури потоа производство на електрична енергија и водоснабдување.
„Податоците од 1985 година укажуваат дека се наводнувале некаде околу 18.000-20.000 хектари, а денес површините кои се наводнуваат се на ниво од околу 6.000-8.000 хектари“, додава Златковски.
Тоа значи вели дека се користи само една третина од капацитетот, бидејќи системот е проектиран да наводнува максимални 25.000 хектари.
„Наместо да имаме систем кој на земјоделците ќе им обезбедува оптимални количества вода за наводнување, потребна за организирање на земјоделско производство, имаме систем кој едвај функционира. Сега имаме систем кој не им овозможува доволни количини вода во моментот кога им е потребно. Во земјоделството има едно правило, кое вели дека на растенија треба да им се даде тоа што треба да им се даде во моментот кога ним им треба. Ако тој период замине, може цела Брегалница да ја свртиме на полето, сѐ ќе биде за џабе, бидејќи процесите кога растенијата страдаат за вода или се сушат не можат да бидат вратени назад и тогаш завршува целата приказна околу земјоделското производство“, додава Златковски.
Потребно е прилагодување на новите климатски услови
Од осамостојувањето на Македонија, имало неколку обиди да дојде до преструктуирање на управувачката поставеност и начинот на финансирање на системот. Неколку пати досега биле изработени и студии за негово преструктуирање, и воведување на други форми на финансирање или управување, но сето тоа било безуспешно.
Затоа, според Златковски, мора да се изнајде начин, најпрво за целосна реконструкција на системот, а понатаму и за негово трајно финансирање, бидејќи очигледно е дека прибирањето на водарината и другите начини за прибирање на финансиски средства за одржување на системот се недоволни.
„Нам ни треба затворен систем, бидејќи е очигледно дека евапорацијата и загубата на вода низ пукнатите бетонски плочи на дистрибутивните канали прави страшни последици“, додава тој.
Предупредува дека во услови кога од умерено континентална клима земјата преминува на некои суптропски состојби, тешко би било да се замисли дека би имало некаков вид на земјоделско производство без рамномерна и правовремена дистрибуција на вода до растенијата.
Потсетува и на националните коминикеја, кои говорат дека на неколку култури им се заканува опасност да исчезнат од територијата на Македонија, а тоа се виновата лоза, црешата и некои други овошни култури кои бараат поголеми количини на вода.
„Доколку не се обезбеди барем овој потребен минимум за дистрибуција на вода, и доколку продолжат ваквите климатски промени, лека-полека, за 20-30 години, со интензивните и екстремни температури во текот на летото, сериозно треба да се загрижиме за земјоделското производство во овој дел на Македонија“, предупредува Златковски.
Во Свети Николе формиран е иницијативен одбор за формирање на Здружение на водокорисници кои ја користат водата од Хидросистемот Брегалница, за наводнување на нивите во Овче Поле. Идејата, вели Тони Коневски, член на иницијативниот одбор, е со цел да дејствуваат здружени, бидејќи од година в година, сѐ повеќе се јавуваат проблеми среде сезона. „Доколку се формира здружението, ќе бараме од надлежните институции повеќе да обрнат внимание на системот за наводнување, затоа што тој систем е од големо значење за земјоделците во Овче Поле, а знаеме дека во Овче Поле земјоделието е стратешка гранка. Мислам дека системот за наводнување е проектиран некаде на околу 12.000 хектари да се наводнуваат, а сега едвај околу 3.000 до 4.000 се наводнуваат и секоја година сѐ помалку и помалку хектаража се наводнува. Ќе закажеме средби и со водокорисниците од селата Мустафино, Пеширово, Црнилиште, но и од Лозово, Дорфулија, Каратманово. Овие три села се најзапоставени, најмалку користат вода, а исто плаќаат“, вели Тони Коневски, член на иницијативниот одбор.
Според него, во изминатите години не бил изграден систем кој на земјоделците ќе да им даде поддршка во сфаќањето на промените кои се случуваат.
„Треба да се истражува кои култури треба да ги заменат постоечките. Да се заменат со такви кои рано ќе ја завршуваат вегетацијата, или такви кои немаат големи барања на вода. Понатаму, треба да се даде поддршка во дел на системите за наводнување кои не трошат толку вода, каков што е на пример капка по капка системот. Ние во тој дел паднавме на испитот. На младите земјоделци кои се решиле да живеат од земјоделство, мора да им се пружи поддршка. Постојат државни програми, како во поглед на модернизација на опрема за наводнување или поставување на мрежи за спречување на инсолацијата“, препорачува тој.
Во Источна Македонија во минатото се одгледувале култури кои ги откупувала фармацијата, како што се афион, лековити растенија и некои други кои се користеле за производство на чаеви и етерични масла. Тоа, според експертите, се култури кои можат успешно да го заменат постоечкото производство.
Во Буџетот за 2025 година се предвидени финансиски средства за хидросистемот Брегалница
Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) велат дека Хидросистемот Брегалница обезбедува вода од акумулација Калиманци која е со капацитет од 115 милиони м3. Опфаќа територија на подрачни единици Брегалница – Кочани и подрачна единица Св. Николе.
„Хидросистемот има каналска мрежа од 1.200 км. Во моментот во подружница Брегалница – Кочани се наводнуваат 3.400 хектари со оризови полиња. Системот, иако е стар, и претходните 7 години воопшто не е интервенирано во негово одржување, ги задоволува потребите за дистрибуција на вода, иако оваа наводнувачка сезона се започна со 85 милиони м3 вода во акумулација Калиманци или една третина помалку од лани. До овој момент единствено најоддалечените точки во системот имаа проблеми во системот со дистрибуција на вода, но и тоа се надминуваше“, велат од ресорното министерство.
Од ова министерство најавуваат проекти кои треба да се реализираат, а кои имале за цел подобрување на состојбата на хидросистемот Брегалница. Тие биле планирани во Буџетот за 2025 година, но најавуваат и постапување по изготвените проекти во идните години.
„За разлика од поранешната Влада, оваа Влада предвиде финансиски средства за реализација на проекти и конкретно работи на имплементација на истите, како и на подобрување на капацитетот и функционалноста во работењето на АД Водостопанство, сѐ со цел намалување на загубите на вода и квалитетна дистрибуција на вода до земјоделците“, велат од МЗШВ.
И земјoделците сметаат дека најбрзо решение на проблемот е да се исчисти и санира оштетениот канал, за да не доаѓа до понатамошно губење на вода, бидејќи на повеќе места имало пукнатини, поради што доаѓало до протекување. Можни решенија гледаат и во поставување на мерни единици кај секоја култура која се наводнува и со тоа плаќањето да биде според потрошена вода, а не паушално според култура. Најдоброто решение го гледаат во изградба на затворен систем за наводнување.
Инаку системот почнува од кочанското село Истибања, од каде тргнуваат двата магистрални дистрибутнивни канали, лев и десен. Левиот оди под плачковичкиот регион до селото Таринци, Општина Карбинци, а десниот магистрален канал оди до Општина Лозово. Вкупната должина на каналот е 99,7 километри. Само во Овче Поле секоја година се наводнува површина помеѓу 3.400-3.600 хектари.
* Јасмина Трајчева е е активистка на Организацијата на жени од Свети Николе.
** Мики Трајковски е новинар.