Хранилки за улични мачиња поставени на јавни површини, музеј на џоломари и слични проекти на локални невладини организации беа поддржани од Општина Кавадарци за оваа година. Договорите беа потпишани денеска, а вкупниот буџет за унапредување на невладините организации годинава изнесувал 2 милиона денара.
На јавниот повик пристигнале 24 апликации од невладини организации. Комисијата за евалуација оценила дека 18 од нив, може да добијат финансиска поддршка од општинскиот буџет, во висина од вкупно 1.920.000 денари.
Василка Дрварова, член на Комисијата за евалуација на проекти од Секторот за локален економски развој, уверува дека целиот процес бил транспарентен.
„Согласно јавниот повик што се објави и во согласност со програмата за локален економски развој, на територијата на општината беше објавен јавен оглас, на кој аплицираа невладини организации со свои проекти. Со јавниот повик покриваме повеќе области. Унапредување на животна средина, заштита и унапредување на културно богатство, унапредување на локален економски развој. Најмногу средства и акцент оваа година, ставивме на зачувување и унапредување на локалното културно богатство, има и доста други интересни проекти“, појасни Дрварова.
Има, рече, голем број проекти, за кои таа верува, дека ќе им бидат интересни на жителите на општината Кавадарци.
Р.Л.