Општина Велес четврта година по ред не распишува јавен оглас за локален еколошки инспектор. Градоначалникот пред крајот на својот мандат сѐ уште не распишал оглас за вработување за инспектор за животна средина кој треба да има овластувања за контрола и казнување на сите еколошки проблеми кои се предизвикани од поединци, групи на граѓани или правни лица.
А, воедно локалниот инспектор треба да ги проверува и компаниите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола за работа која ја издава Општина Велес.
Инаку, инспекторот во Велес ќе работи за основна плата од околу 42.000 денари
„Ни се случува и најголемиот апсурд над апсурдите – малиот Колектор на езеро Младост (над патот од левата страна) да нема сопственик, да е искршен (при изградба на фамозната зграда која требаше да биде хотел), ‘забатален’ и притоа никој не одговара, оти никого од власта не го интересира јавното добро и никој не го следи јавниот интерес на велешани!“, напиша советникот Игор Смилев на социјалните мрежи.
Во периодот во кој Велес е без локален инспектор се случија неколку еколошки хаварии како излевањето на фекалии во езерото Младост, поморот на риби во реката Тополка, а доколку не беше притисокот од невладините организации врз Градот, Општина Велес немаше да донесе одлука да не ѝ ја продолжи дозволата за работа на српската компанија “Кепс Монт“ која ја отстрануваше згурата од затворената Топилница.
О.К.