Во морето од лозја нема место за загадувачка индустрија

По минатогодишниот обид да се отвори рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во Кавадарци, во Г-1 зона, граѓаните се организираа со собирање на потписи против активирање на ваков проект, Локал Актив Вардар анализираше кои се можностите кои им стојат на располагање на граѓаните во случај да се појават нови предлози за слични проекти со потенцијални штетни последици по здравјето на граѓаните

Автори: Кристина Тодорова* и Ристе Панов**

Стројни винови лози, како најубави природни зелени новогодишни елки, накитени со гроздови со зрна наредени како бисери. Вистинско море од лозја има во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот. Токму лозаровинарството што со векови традиционално опстојувало на овие простори, како и винскиот туризам, се причина повеќе, тиквешани да не сакаат загадувачка тешка индустрија за комшија.

Здравјето е првата причина зошто овие темпераментни македонски жители не сакаат неканети гости во нивниот крај. Љубители на природата и традицијата, екологисти, пред само некое време јасно и гласно кажаа ,,не“ на загадувачки индустрии во кавадаречко и неготинско, откако потенцијални инвеститори најавија интерес за индустриско вложување во овој регион. 

„Откако разбравме дека има заинтересираност за изградба на капацитет, регионален центар за третирање на отпадна гума, гласно реагиравме и организиравме петиција. Јасно ставивме до знаење дека профитот не е пред здравјето. Ние се залагаме за чиста и здрава животна средина, да се свртиме колку можеме повеќе кон органско производство и да го развиваме винскиот туризам како наш најголем потенцијал“, рече за Локал Актив Вардар, екологистот од Кавадарци Орданче Бошковски.  

И другите еко активисти кои се вклучија во оваа војна против потенцијалните загадувачи, истакнаа дека не сакаат ниту да помислат што ќе се случеше доколку народот не го кренеше својот глас.

Фотографија од потпишувањето на петицијата

Општина Кавадарци единствена со Г-1 зона во Вардарски регион

Локал Актив Вардар истражуваше колку има Г-1 зони за тешка и загадувачка индустрија во вардарскиот регион, како и дали граѓаните одлучуваат за влијанието врз животната средина. Г-1  зоните се наменети за тешка и загадувачка индустрија, чии индустриски погони користат големи количини енергија, суровини и материјали, и создаваат отпад и штетни еманации.

На подрачјето на Вардарскиот регион Г-1 зона има на подрачјето на Општина Кавадарци. Постои правна регулатива, но и ратификувана Архуска конвенција за информирање и учество на јавноста во носењето на одлуки од значење за животната средина. Но, многу е важно исто така прашањето, колку граѓаните се запознаени и ги користат своите еколошки права.

„Гласот на народот е секогаш против желбите на инвеститорите за загадувачка индустрија. Но токму тој глас инвеститорите во таканаречената тешка индустрија секогаш се обидуваат да го заобиколат, или да го изгорат во сопствената желба за профит. Разочарува фактот што дури и некои државни и локални претставници, при своите одлуки, не поаѓаат од приоритетите на населението, а тоа се здравјето и чистата и здрава животна средина. Народот многу често е заобиколуван, неинформиран и неконсултиран при носењето одлуки поврзани со загадувачки индустрии,“ изјави за Локал Актив Вардар, Сашко Тодоров, дипломиран инженер биолог и долгогодишен регионален еко активист.

Локал Актив Вардар се обрати до сите општини од Вардарскиот регион – општините Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Чашка, Росоман, Лозово и Демир Капија – со барање за одговор дали во урбанистичко планската документација на територијата на нивната општина имаат Г-1 зона за тешка индустрија, дали во тек се постапки или се предвидуват во иднина во нивните општини да се градат вакви зони, а ги прашавме и дали во моментот функционира или има побарување од инвеститор за отпочнување со градење во Г-1 индустриска зона. Сите општини, освен Општина Кавадарци, одговорија дека немаат такви зони во моментот и не се планира да градат, а со тоа нема побарување или иницијатива од инвеститор за градење.

Од Општина Кавадарци добивме одговор дека имаат една индустриска зона Г-1, за тешка индустрија и таа се наоѓа на 3,6 километри одалеченост од градот. Во неа се наоѓа стопански комплекс Фени индустри и изнесува 110,3 хектари. Урбанистичкиот план и урбанистичко планските документации за Г-1 зоната се донесени во 2012 година, со измени. Освен постојната зона, не се планира нова зона. Во оваа зона има изградено капацитети со објекти од тешка индустрија, во овој опфат егзистира поранешниот комбинат Фени индустри, кој по продажбата е со назив Друштво за производство на метали ДАБЛ ИГЛ НИКЕЛ ДООЕЛ Скопје, а постојат и други фирми.

Сашко Тодоров, еко активист

Минатата година до општината било доставено известување за намера за изведување на проект и утврдување на потреба од оцена на влијанието врз животната средина за проект, Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми за потребите на инвеститорот Ековатив оил ДООЕЛ Скопје на КП 1292/2 КО Кавадарци, за градба во Г-1 зона. Граѓаните на Кавадарци се организираа со собирање на потписи против активирање на регионален центар за третман на гума. Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев кажа дека нема да се гради овој центар, затоа што општината нема да даде одобрение за градење, со што и не започна со градба центарот за третирање на отпадни гуми во Кавадарци.

„Гласот на народот е секогаш против желбите на инвеститорите за загадувачка индустрија. Но токму тој глас инвеститорите во таканаречената тешка индустрија секогаш се обидуваат да го заобиколат, или да го изгорат во сопствената желба за профит. Разочарува фактот што дури и некои државни и локални претставници, при своите одлуки, не поаѓаат од приоритетите на населението, а тоа се здравјето и чистата и здрава животна средина. Народот многу често е заобиколуван, неинформиран и неконсултиран при носењето одлуки поврзани со  загадувачки индустрии,“ изјави за Локал Актив Вардар, Сашко Тодоров, дипломиран инженер биолог и долгогодишен регионален еко активист.

Пристап до информации за граѓаните, учество на јавноста во одлуките и пристап до правда

Архуската конвенција е основа за информирање и учество на јавноста во носењето на одлуки од значење за животната средина. Во Македонија, Архуската конвенција е ратификувана во 1999 година, а стапува на сила во 2001 година, со што и законите од оваа област се усогласени според оваа конвенција. Таа се заснова врз три столба. Пристап до информации за граѓаните, каде властите мора навремено и транспарентно да ги обезбедат сите потребни информации за животната средина. Вториот столб е учество на јавноста во донесувањето на одлуките, а трет столб е пристапот до правда.

Александра Каракашова Сачкарска е дипломирана инженерка за животна средина и работи во Здружение за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија и Архус Центар Скопје.

Архус Центар работи на промоција и имплементација на Архуската Конвенција во Македонија. Се залага за транспарентност на институциите и информираност на граѓаните за состојбата со животната средина, учество на јавноста во донесување на одлуки поврзани со животна средина и пристап до правда за прашања од областа на животна средина.

Таа вели дека при донесувањето на урбанистичките планови, за разлика од порано, сега не мора да има одлука за стратегиска оцена.

„Во претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање донесен во 2014 година, што сега не е во сила, постоеше член 28, кој велеше дека ‘донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација е должен да донесе одлука за спроведување или неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина’. Во тековниот Закон за урбанистичко планирање, не постои таков член. Иако во условите за планирање на просторот се содржат насоки за потребата од спроведување на Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, согласно со Законот за животна средина, многу често или најчесто овие насоки не се почитуваат,“ констатираше Александра Каракашова Сачкарска.

Таа сподели со нас дека имаме позитивни примери за примената на Архуската конвенција во Македонија, преку кои се успеало да се слават мали победи. Таа издвои неколку од нив.

„Поништување на одлуката за споени концесии за рудникот Иловица –Штука, каде се случија пропусти во постапките и беа повредени правата на граѓаните, согласно Архуската Конвенција. Во иднина, доколку пак се реобнови оваа идеја, може да биде влучен алармот за непочитување на постапките и будно следење на истите. Исто така, идејата за изградбата на хидроцентралите Бошков Мост и Луково Поле замина во историјата, поради констатирани пропусти во постапката за оцена на влијание врз животната средина, а тоа беше поради недоволна и недетална анализа на влијанието врз животната средина и повреди на Законот за природа, каде делови од предложенте проекти се наоѓаат во зоната на активно управување во Националниот парк Маврово, во кој според Законот за природа, се забранети ваков тип на градби. Останува на нас граѓаните и активистите на ГО да ги следиме сите случувања и да делуваме согласно законски пропишаните одредби и рокови“, додаде Александра Каракашова Сачкарска од Архус Центар.

Неинформираност и задоцнето вклучување на јавноста – нотирани препреки во примената на Архуската конвенција во Македонија

Во последниот, седми, Национален извештај за имплементација на Архуската Конвенција на Република Северна Македонија, на Министерство за животна средина и просторно планирање, се наведуваат препреките и проблемите со кои се соочува државата во примената на конвенцијата. Па така, за примена на членот 6 од конвенцијата кој се однесува на учеството најавноста во донесување на одлуките, покрај недоволните административни и финансиски капацитети, се наведува дека има недоволно учество на јавноста во постапките за ОВЖС на локално ниво. Констатирано е дека постои недостаток на обврски за информирање на засегнатата јавност за оценките во писмена форма и дека одлуките се усвоени без разлика на адекватните забелешки. Исто така, во Извештајот е нотирано и недоволното учество на јавноста заради неинформираност, незаинтересираност, задоцнето вклучување во текот на случајот по истекувањето на роковите за право на поднесување на жалба, како и недостаток на доверба во работата на надлежните органи во врска со заштитата на нивните интереси.

Што се однесува за препреките од член 7 од Конвенцијата, кој се однесува за учество на јавноста во плановите и политиките во врска со животната средина, Извештајот на министерството нотира дека е на незадоволително ниво учеството на јавноста во креирањето на стратегиските државни документи и процеси поврзани со правењето нацрт закони, подзаконски акти и правилници и дека медиумското покривање на прашањата поврзани со животната средина исто така не е задоволително.

Останува обврската на граѓаните, на активистите од граѓанскиот сектор и медиумите, подобро да ги разберат еколошките права и будно да ги следат и да се вклучат во одлучувањето за животната средина, особено за загадувачката индустрија што предизвикува штетни последици за луѓето и целата околина.

 

* Кристина Тодорова, е активистка во Здружението на граѓани Ековита од Неготино

** Ристе Панов е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE