На 4 јуни 2025 година, во просториите на Europe House – Битола, се одржа воведната работилница на проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествени акции“, кој го спроведува Институтот РЕСИС, со поддршка од Европската Унија.
Работилницата ја собра локалната заедница околу идејата за зајакнување на граѓанскиот ангажман преку медиуми на заедницата. На настанот присуствуваа новинари, активисти и претставници од граѓанските организации од Пелагонискиот регион.
Во рамки на работилницата беа претставени искуствата и резултатите од веќе воспоставените платформи Локал Актив Исток и Локал Актив Вардар, како и наредните чекори за формирање на нова редакција и медиум на заедницата во Пелагонискиот регион – Локал Актив Пелагонија.
Дискусиите се фокусираа на актуелните локални проблеми, како и на локални и регионални теми кои би можеле да се објават во форма на истражувачки стории на новиот медиум на заедницата во Пелагонискиот регион. Воедно, учесниците имаа можност да дознаат повеќе и за можностите за како да добијат мали субгрантови за застапување, наменети за иницијативите на локалните граѓански организации.
Проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман“ има за цел да го поддржи развојот на децентрализиран и инклузивен медиумски пејзаж во Северна Македонија, со формирање на медиуми на заедницата преку кои ќе ги засили локалните гласови и ќе поттикне активно учество на граѓаните во јавниот дискурс. Иницијативата ја препознава важноста на соработката меѓу локалните новинари и граѓанските организации како природни сојузници во зајакнувањето на демократијата и медиумскиот плурализам.
*Проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман“ е поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Институтот РЕСИС.
