Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис во државните средни училишта за учебната 2025/2026 година, во која ќе има 735 места за нови средношколци во Велес.
Ова е за вкупно 118 места помалку од ланските места, а зголемување на бројот на места се бележи само во средното економско училиште „Јовче Тесличков“. Во ова училиште во прва година ќе се запишат 127 ученици во 4 паралелки, 93 од нив во три паралелки со настава на македонски јазик и 34 во една паралелка со настава на албански јазик. За бизнис администратор ќе учат 25 ученик, 34 ученици ќе се запишат на смерот техничар за е-трговија и дигитален маркетинг, исто толку и за асистент деловен администратор (тригодишно образование) и за економски техничар (на албански јазик, четири години).
Во Гимназијата „Кочо Рацин“ во прва година ќе се запишат 136 ученици во 5 паралелки. Од нив 102 ученика во три паралелки со настава на македонски јазик и 34 ученици во една паралелки со настава на албански јазик.Предвидена е и билингвална паралека на македонско–англиски јазик со 34 ученици, како и паралелка на Спортска академија за фудбал.
Во Средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“ во прва година ќе се запишат 295 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик. Во машинска струка ќе има 109 места во 4 паралелки: машински техничар/ техничар за производно машинство (25 ученици), техничар за компјутерско управување/машинско енергетски техничар (34 ученици), машински техничар за моторни возила (25 ученици), автомеханичар/заварувач/ бравар/браварка (25 ученици). Во електротехничка струка има 127 слободни места за ученици во 4 паралелки: електротехничар за компјутерска техника и автоматика (68), електротехничар за електроника и телекомуникации (34), техничар за индустриска мехатроника/електротехничар (25). За сообраќајна струка (транспорт и шпедиција) има 34 места во една паралелка, а во угостителско-туристичка струка за готвач/келнер/слаткар има 25 слободни места.
Во средното хемиско училиште „Димитрија Чуповски“ во прва година ќе се запишат 177 ученици во 6 паралелки со настава на македонски јазик: хемиско – технолошка струка (59), техничар за заштита на животна средина/прехранбен техничар (25), месопреработувач/пекар со три годишно образование (34). Во здравствена струка предвидени се 84 места во три паралелки, за медицинска сестра со 34 ученици, фармацевтски и лабораториски техничар со 25 ученици, физиотерапевтски техничар/ гинеколошко-акушерска сестра со 25 ученика. Има и 34 места за техничар за козметичка нега и убавина.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни електронски преку порталот на МОН. Првото пријавување е од 14 до 17 јуни, второто на 30 јуни.