Повеќе библиотеки во државава имаат недоволно голем простор за библиотечниот фонд, немаат доволно читатели, а некои од нив се соочуваат и со правни проблеми. Ова денеска го потврдија претставници на Библиотекарското здружение на Македонија, кои беа во Кавадарци, на работна средба на директори на јавни и национални библиотеки.
Јана Михајловска, претседателка на здружението рече дека професионалците во оваа област и институциите мора да работат на подобрување на оваа ситуација:
„Имаме предизвици, но работиме на нив – еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат библиотеките во државата е просторот за чување книги. Токму затоа лани Библиотекарското здружение направи проект во врска со тоа, финансиран од Министерството за култура. Некаде, библиотеки се соочуваат и со мал број читатели, зависно од градот, интересот и многу други фактори што се во прашање. Можеби, со ваков проблем се соочуваат библиотеки во склоп на домови и центри за култура, тоа го покажа ланското искуство“, рече Михајловска
Директорот на кавадаречката библиотека Феткин, Петар Гурев рече дека имаат проблеми, најмногу од правен и од законски карактер. Според него, законот за библиотеки имал работи што не се доречени, а дел од законот за култура бил општ, неприменлив за библиотеките. Тој откри дека еден од приоритетите им е корекција на законски решенија.
Дотогаш, преку меѓусебна соработка, соработка со институции, барале начини како внатрешно да ги уредат тие работи.
Р.Л.