Руралните амбуланти во кои нема медицинска сестра и каде останал само лекар, следниве две години ќе може да продолжат да функционираат и нема да треба да се затворат – информираше денеска директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски.
Донесена по барање на Здружението на приватни матични лекари, ваквата одлука ќе се спроведе со измена на внатрешен правилник. Одлуката доаѓа откако изминатите месеци 48 ординации алармирале дека немаат медицинска сестра и ризикуваат затворање.
За да не се затворат амбулантите, ФЗОМ им дозволува на матичните лекари да работат две години во кои ќе треба да се создаде соодветен кадар. Оваа мерка се однесува и за руралните амбуланти во општина Чашка за кои пишуваше Локал Актив Вардар во јули годинава.
„Најдовме заеднички јазик за руралните амбуланти кои навистина треба да ги сочуваме, народот да се лекува и граѓаните да имаат пристапност до доктор. Во малите места каде недостигаат медицински сестри, докторите ќе продолжат да работат. Со тоа ги спасивме тие ординации, зашто старите закони веќе не се функционални, рече претседателката на Здружението на приватни матични лекари, Лилија Чолакова – Дервишова.
Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски истакна дека дефицитот на кадар и малата атрактивност на примарната здравствена заштита бара преиспитување на целиот концепт на рурални лекари.
„Со овој концепт набргу би останале без матични лекари не само во руралните средини, туку и во помалите и во периферијата на поголемите градови. Ни треба нов поглед. Ако претходно системот се грижел да ги вработи сите невработени доктори и сестри, сега такви нема. Затоа, мерките во однос на руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Ќе им биде дозволено да работат без медицинска сестра следните 24 месеци во кои мора да дадеме системски поглед на прашањето за тоа како ќе функционираат понатаму. Зголемени се фиксните примања за руралните доктори за 22.500 денари, зашто имаат зголемени трошоци и зашто патуваат до ординациите“, рече директорот Клековски.
Основното човеково право кое е содржано во Универзалната декларација за човекови права е и правото на здравствена заштита кое две третини од околу 8 000 жители во Општина Чашка не можат во целост да го уживаат.
Граѓаните коишто живеат во Општина Чашка која е специфична територија со радиус од 50 километри и села меѓусебно раздалечени од 20 до 25 километри сѐ потешко доаѓаат до основни здравствени услуги како што се рутински преглед, правење обична крвна слика или препишување рецепти.
Пред повеќе од 15 години руралните амбуланти во селата Лисиче, Извор, Теово и Богомила престанаа да работат, а останаа само приватните амбуланти во село Горно Јаболчиште и населбата Чашка кои немаат капацитет да дадат услуги на граѓани од четириесет и едно населено место.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски во разговор за Локал Актив Вардар неодамна рече дека има недостиг на лекари за неколку населени места во регионот кои порано имале свои амбуланти. Според градоначалникот на територијата на Општина Чашка нема лекари затоа што законската регулатива не ги стимулира матичните лекари да отвораат ординации во руралните средини.
Општина Чашка во повеќе наврати правеше обид да стимулира доаѓање на рурални лекари, но без успех.
О.К.