Камената кула во Кавадарци, која некогаш служела за одбрана на градот, решено е да се стави под заштита и да се реставрира.
Преку Музеј галеријата било аплицирано со проект за реставрација и заштита на објектот што потекнувал од втората половина на 17 век, висок околу 20 метри.
Според планот, треба да бидат урнати бараките пред кулата во кои се сместени вработени од неколку државни институции, а за таа цел веќе биле направени консултации со државните институции.
„Мислам дека сме во завршна фаза да најдеме пет канцеларии во кои ќе ги сместиме тие вработени од бараките. Преместувањето ќе биде најверојатно во простории на акционерско друштво во државна сопственост, што сега не се користат. Ни треба согласност од пет институции и затоа малку потешко одат работите. Не е невозможно и мислам дека ќе се заврши и би било добро да се исчисти тој терен и да се направи партерно уредување, паркинг и кулата да се заштити, да биде спомен обележје на општината“, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Градските власти тврдат дека реставрацијата ќе биде еден од приоритетите на општината и дека очекуваат тоа да привлече туристи.
О.К.