За шест месеци во Вардарскиот регион во полиција биле пријавени вкупно 24 случаи на измама 

Вкупно 24 пријави за кривично дело „измама“ се пријавени на подрачјето на СВР Велес во текот на 2024 година заклучно со 25 јуни,  потврдуваат од Секторот за внатрешни работи Велес. 

Димитар Каракулев, пензиониран инспектор, кој долги години работеше на полето на превенцијата, а беше и претседател на кавадаречкиот општински Совет за превенција од малолетничка деликвенција, за Локал Актив рече дека жртви на измама најчесто се повозрасни лица кои уплаќаат за дрва за огрев а никогаш не ги добиваат, или при вадење на нивната пензија од банкомат, кога им приоѓаат измамници тврдејќи дека им роднини и дека нивни блиски, имаат потреба од пари за лекарства.

Анастасија Танева, психолог и лиценциран Гешталт психо-терапевт од Кавадарци, е децидна дека измамата е растечки проблем во денешното општество и може да има многу форми, од проневера до компјутерски криминал. За да се справиме со ова прашање, вели таа, од суштинско значење е да се разберат карактеристиките и мотивите на оние кои се впуштаат во измамничко однесување. 

„Повеќето истражувања покажуваат дека одредени особини на личноста и состојби на менталното здравје најчесто се поврзуваат со измамничко однесување. На пример, измамниците често се опишуваат како многу нарцисоидни, со силна желба за моќ и контрола. Исто така, често им недостасува емпатија и може да имаат историја на криминално однесување. Некои измамници, исто така, имаат тенденција кон компулсивно лажење и имаат силно чувство за право. Тие може да сметаат дека е оправдано да извршат измамнички дела, да го рационализираат своето однесување со обвинување други, или со верување дека имаат право на награди што ги добиваат со своите постапки“, појаснува таа. 

Таа споделува дека измамниците се најчесто се мотивирани од финансиска добивка, лично задоволство, но и желба за моќ и контрола. Некои можеби се мотивирани од потребата да се одржи одреден начин на живот, додека други може да бидат водени од желбата за одмазда. 

„Во последно време, со поголемата појава на интернет измамите, во најголема мера се случува и измамените да се и помлада категорија лица (особено ако зборуваме за измамите кои се поврзани со  работни места во странство, работа преку интернет и сл.) кои најчесто се во безизлезна финансиска состојба и сакаат да дојдат до брз прилив на финансиски средства. Потребата од близина и социјален контакт, во денешно време, каде сме доста изолирани и осамени, тежнеејќи кон индивидуализација наспроти кон општествено здружување исто може да донесе, следејќи ја оваа потреба лесно да бидеме измамени и во партнерските релации, вели Танева. 

С.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE