Жители на кавадаречката месност кај познатите згради „Силекс“, обвинуваат дека новиот Детален урбанистички план, кој локалната власт планира да го донесе, ги намалува зелените површини во нивното маало и така го намалува квалитетот на нивниот живот.
ДУП-от, како што е предложен, околу комплексот од шест згради на оваа локација предвидува изградба на паркинг простор и проширување на улиците, што според жителите од населбата ќе направи, како што велат, „гето“ на штета на децата кои живеат во оваа средина.
Во писмените забелешките на планот кој сега е изложен за јавна дискусија, дел од граѓаните не се воздржувале од критики кон локалните власти. Еден граѓанин го напишал: „Со промена на ДУП-от ќе се наруши стабилноста на станбените згради, ќе се уништи голем дел од паркот со дрвјата и зеленилото, ќе се зголеми загаденоста и вревата, а доведена е во прашање и сигурноста на луѓето, особено на децата“
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на вчерашната седница на Советот на Општината, тврдејќи дека Кавадарци има „одговорна локална самоуправа“, рече дека ДУП-от не е конечен и затоа, уверуваше – локалното население не треба да биде загрижено за ширењето на, ако што ја нарекуваат, „сивата инфраструктура“.
Според градоначалникот, во конечниот ДУП ќе биде повлечен паркингот и ќе си остане зеленилото кај зградите „Силекс“ како што бара населението. Дополнително претставникот на локалната самоуправа, Марија Данаилова, информираше дека во оваа фаза се работи за нацрт план и дека следуваат нови фази во кои планот ќе претрпи промени, врз основа на барањата на населението.
Но, за дел од жителите не е јасно зошто оваа верзија на планот воопшто предвидува такви реченија особено на локацијата околу „Силекс“. Ова прашање вчера стана терен за непријателство меѓу претставници на политичките партии во Советот, откако претставникот на политичката партија Левица поднесе вкупно 365 амандмани со цел целосно да го блокира новиот ДУП: „Ќе беседам од говорница со денови, ама нема да поддржам погубен Детален урбанистички план. Предлог планот за населбата „Силекс“ во Кавадарци е погубен и во спротивност со принципите на просторно и урбанистичко уредување. Истиот предвидува нови улици на местото на постоечките паркови, како и една особено опасна нова улица, на ерозивно подрачје, веднаш до коритото на реката Луда Мара. Овој ДУП повеќекратно паѓаше на јавните анкети со граѓаните кои живеат во населбата Силекс, а до нас пристигнаа премногу реакции, нема да останеме неми на ова своеволие, рече вчера од говорницата општинскиот советник Круме Богевски.
Филип Тасев, член на општинската комисија за статут и прописи, нагласи дека амандманите на Богевски се неосновани, бидејќи, според него, „веќе има измени во планот по барање на засегнати жители во тој дел на општината“.
Додека трае напнатата дискусија во Советот, жителите на ова мало место, во писмените реакции на Деталниот урбанистички план продолжуваат да бараат од Општината „наместо таа да ги гуши во асфалт со приказни дека само тоа е урбанистички можно, да се прошират површините со јавно зеленило”.