Автор: Александар Манасиев
Со речиси две милијарди корисници ширум светот, Тик-ток одамна ја надмина сликата на платформа на која доминираат предизвиците за танц, неумесни шеги и мимови. Денес, Тик-ток е многу повеќе од платформа за забава и стана моќен канал за споделување информации, отворајќи нови можности за медиумски раст и поврзување со широка, претежно млада публика.
Иако постои „само“ околу осум години, Тик-ток долго време не беше природна територија што треба да ја освојат традиционалните, а ни повеќето онлајн-медиуми. Малкумина се дрзнаа да експериментираат на оваа платформа за која речиси сите тврдеа дека е несериозна.
Но, токму „Вашингтон пост“ беше еден од првите глобални медиуми што го скрши мразот. Со смел пристап и препознатлив стил успеа да се позиционира како релевантен извор на информации за младата публика на Тик-ток. На својот профил, „Вашингтон пост“ јасно истакнува – we are a newspaper (ние сме печатен медиум). Оваа реченица не е случајна. Таа е директен одговор на реалноста дека корисниците на оваа мрежа, веројатно, никогаш не држеле весник в рака.
Примерот го следеа и други глобални медиумски куќи, па сега речиси и да не постои медиум што нема милионска публика на Тик-ток, од „Њујорк тајмс“ и „Би-би-си“, па сѐ до „Ле монд“. Неодамнешните истражувања покажаа дека Тик-ток е важен извор на вести за многу Американци. Околу половина од корисниците на Тик-ток (52%), што претставува 17 проценти од вкупната возрасна популација во САД, изјавиле дека редовно добиваат вести преку оваа платформа.
Оваа анализа има за цел да ја прикаже моменталната состојба во македонскиот медиумски простор, во однос на користењето на Тик-ток, колку медиумите ја користат платформата, на кој начин и како самите медиумски работници ја перцепираат нејзината улога и потенцијал.
Како индикатор за тоа ги користиме одговорите на неколку прашања што им ги поставивме на 18 новинари, во 18 различни медиуми. Најголемиот дел од нив се онлајн-медиуми, а во истражувањето се вклучени и телевизии, радиостаници и еден печатен медиум. За да добиеме што поцелосна слика, опфатени се и национални и локални медиуми од различни делови на земјата.
Кога станува збор за присуството на медиумите на Тик-ток, 12 од вкупно 18 интервјуирани новинари рекоа дека веќе имаат профил. Петмина од прашаните велат дека медиумот во кој работат сè уште нема профил, додека еден од нив посочил дека профилот е во процес на отворање.
Интересни се одговорите на прашањето за фреквенцијата на користење на платформата. Само четворица новинари од контактираните медиуми редовно објавуваат новинарски содржини на Тик-ток. Петмина го користат повремено, додека двајца од прашаните изјавија дека, и покрај отворениот профил, воопшто не го користат.
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека Тик-ток, а и другите социјални мрежи, не се платформи само за комуникација и за забава, туку дел од новата дигитална реалност, особено за младите.
„Секоја медиумска куќа треба да си изгради своја стратегија за тоа дали сака своите содржини да ги прилагоди и намени и кон младата популација или, пак, да се задржи на традиционалниот начин на емитување на информациите во комбинација со нивно онлајн-споделување“, вели Кордалов.
Вели дека е потребно креирање јасна стратегија базирана на основните правила на алгоритамот на оваа мрежа или, пак, на другите социјални мрежи.
„Објавувањето кратки видеа и моќни фотографии со јасни пораки преку кои се обработуваат теми од јавен интерес и кои разоткриваат дезинформации дефинитивно ќе придонесе за да се „однесат“ вестите таму каде што е публиката“, објаснува тој.
Според Кордалов, ако медиумите сакаат младите да бидат информирани, мора да се комуницира на јазикот и на платформите што ги користат тие.
„И уште поважно, да ангажираме млади луѓе, кои ќе ја креираат и спроведуваат таквата стратегија за настап на дигиталните платформи“, вели Кордалов.
Еден од оние што се активни на Тик-ток е Гоше Николов, новинар и уредник на „Студентарија“, специјализиран медиум посветен на проблематиките во високото образование и студентскиот стандард. Тој вели дека глобалните медиуми навремено го препознале потенцијалот на Тик-ток и го искористиле моментот да се префрлат и на оваа платформа, каде што алгоритамот овозможува досег до широка, но, пред сè, млада публика.
„Оваа динамика особено им помага да изградат доверба со новата генерација. Медиумите во Македонија можеби малку задоцнија со овој тренд, но во последно време гледаме сè поголема активност од дел од националните телевизии и радија, и, секако, интернет-порталите. Некои од нив продуцираат навистина квалитетна и адаптирана содржина за Тик-ток, додека кај други е забележливо дека се активни формално, само за да бидат присутни“, вели Николов.
Смета дека македонските редакции сериозно треба да го разгледаат Тик-ток како канал за комуникација, не само како начин да се стигне до младите, туку и како алатка за враќање на нивната доверба, особено кај генерациите што се веќе отуѓени од традиционалните медиуми.
„Се трудиме преку Инстаграм и Тик-ток да допреме до студентската заедница со едукативна, информативна и забавна содржина, прилагодена на форматот што младите го консумираат секојдневно“, вели тој.
Тврди дека средношколците и студентите се најчесто активни токму на Тик-ток и на Инстаграм.
„Ако медиумите не се присутни на овие платформи, информативниот простор го пополнуваат други креатори на содржини, кои честопати нудат површни, избрзани и неточни информации“, вели тој. Додава дека тоа може да резултира со недоволно информирани граѓани, кои носат ставови и одлуки базирани на манипулативна, непроверена или сензационалистичка содржина.
„Штетите може да се сериозни – нарушено медиумско описменување, поларизација на јавноста и зголемена недоверба во институциите. Затоа присуството на професионални и одговорни редакции на платформите каде што живее новата публика е потреба, но и одговорност“, објаснува Николов.
Игор Стојанов, главен уредник на Гоце.мк, вели дека традиционалните медиуми не се подготвени да ја освојат младата публика.
„Светските медиуми имаат проблем, а не, пак, македонските, да допрат до младата публика, која како намерно да ги избегнува мејнстрим медиумите. Интересно е тоа дека младите, кога ќе видат аматерски изработени материјали, повеќе им веруваат отколку на професионалните класични медиумски продукти. И нам ни требаше долго време да го напуштиме концептот на класично новинарство, кој многу тешко поминува кај младите“, вели тој.
Додава дека за Гоце.мк, како медиум за младите, Тик-ток е неопходност, но смета дека не го искористуваат целосниот потенцијал на оваа платформа.
Според официјалните податоци, Тик-ток во земјава има 690.000 корисници повозрасни од 18 години на почетокот на 2025 година. Бројот на корисници е далеку поголем ако се знае дека профили имаат голем број тинејџери на возраст од 13 до 18 години.
Анализата на одговорите од нашиот прашалник покажува дека најголемиот дел од медиумите ја користат платформата Тик-ток за споделување кратки информативни видеа, а помал дел за промоција на текстуалните приказни и за вклучување на публиката и градењето заедница. Две третини од анкетираните сметаат дека оваа платформа е корисна алатка за достигнување нова публика, а една третина дека е неопходен канал за иднината на медиумите. Сепак, дел сметаат и дека е само за забава, а не за сериозно новинарство, па дури и дека е закана за новинарството.
Гоце Трпковски од редакцијата на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија не се согласува со ова и вели дека Тик-ток може да се користи и за новинарски истражувања.
„Освен што имаме своја сметка каде што објавуваме содржини соодветни за природата на таа мрежа, ги следиме и трендовите на неа, особено негативните трендови, што е тема од јавен интерес. Една од темите што ја обработивме е трендот на објавување снимки од брзо и опасно возење на македонските патишта од корисници на Тик-ток, како и недостигот од систем со кој тие прекршители би се откривале и би се казнувале, а содржините би се отстранувале за да не поттикнуваат дополнително такво однесување“, објаснува Трпковски.
Во однос на тоа дали кај нив има недоверба поради кинеското потекло на платформата, една третина од испитаниците изјавиле дека немаат оформено став за ова прашање, нешто помалку одговориле дека не стравуваат од тоа, а тројца одговориле дека имаат стравови, но, сепак, ја користат платформата .
Комуникологот Кордалов вели дека резервите и сомнежите за заштита на приватноста се секако оправдани бидејќи доаѓаат од релевантни и демократски институции од земјите-членки на ЕУ и НАТО. Но, додава дека сомнежи имало и кај другите платформи.
„Фактите се дека досега другите платформи, како МЕТА и Гугл, бргу реагираа, се променија и се подобрија кога беа под лупа од страна на европските и американските регулаторни тела. Токму затоа е неопходно и Тик-ток да соработува многу повеќе со демократските регулаторни институции и да ги стави безбедноста на децата, младите и сите корисници во прв план на неговите алгоритми и нивното функционирање. Секоја апликација што користи и собира податоци треба да биде под лупа, а двојно повеќе кога огромното мнозинство нејзини корисници се млади луѓе“, вели тој.
Кордалов тврди дека е потребна дигитална писменост и за младите и за возрасните, но и за редакциите, доколку се решат да ги користат ваквите онлајн-платформи.
„Наместо да се плашиме од платформите, треба да ги разбереме, да ги користиме одговорно и да бараме транспарентност од оние што ги креираат, но и заштита од институциите што ги мониторираат мрежите. Информираноста и проактивноста се секогаш најдобрата стратегија“, објаснува Кордалов.
Стојанов вели дека битката на западните и кинеските социјални мрежи се води на јавна сцена и на таа битка сведоци се и новинарите, уредниците и креаторите на медиумските политики. Како пример го дава фактот што користењето на X од страна на мејнстрим медиумите паднало за близу 60 проценти по преземањето на платформата од страна на Елон Маск.
„И самите новинари не се имуни на таа битка и им има влијание во изборот на тоа која мрежа ќе ја користат“, вели Стојанов.
Николов објаснува дека резервите околу Тик-ток, особено поврзани со неговото кинеско потекло и прашањата за приватност, повремено се враќаат во фокусот на јавноста.
„Сметам дека тој момент полека се надминува, барем кога станува збор за праксата на големите и главни западни медиуми. Тие активно ја користат платформата за комуникација со публиката, што мислам дека ни покажува оти загриженоста не ја надвладеа потребата од адаптација кон новите медиумски навики“.
Се надоврзува дека прашањата за безбедност на податоците не треба да се игнорираат, но тие важат за секоја дигитална платформа, не само за Тик-ток.
„Одговорноста треба да биде двојна, на самите платформи да обезбедат заштита на податоците, но и на корисниците и на редакциите да бидат информирани и одговорни за тоа што и како објавуваат“, додава тој.
Вели дека Тик-ток прави напори да ги достигне стандардите на своите конкуренти во однос на транспарентноста и безбедноста.
„Ако сакаме да бидеме релевантни во дигиталниот екосистем, треба да бидеме таму каде што е публиката, со отворени очи, но без параноја“, вели уредникот на „Студентарија“.
Повеќето од прашаните новинари посочиja дека главната причина за недоволното користење на оваа платформа е недоволната екипираност во редакциите. Дополнително, дел од нив навеле дека пречка е и недоволното техничко знаење, како и недостигот од јасна стратегија за создавање видеосодржини.
Кога станува збор за стратегијата за користење Тик-ток, речиси половина од 18-те интервјуирани новинари одговорија дека сè уште немаат развиена стратегија, но размислуваат да воведат. Но, исто така, не е мал бројот и на тие што рекле дека немаат и не планираат да развијат ваква стратегија.
Според Кордалов, главната причина е веројатно мислењето дека социјалните платформи се мрежи само за забава, но особено недостигот од можности и ресурси кај медиумите со кои би ја спроведувале ваквата стратегија на дневно ниво.
„Сепак, за да се направи квалитетно видео за социјалните мрежи, треба слободно време, слободни и квалитетни професионалци и посебни вештини за дигитална комуникација и маркетинг. Медиумите немаат секогаш финансиска можност да инвестираат во нови типови содржини и тоа е целосно разбирливо“, објаснува тој.
За Гоше Николов, постои недостиг од млад и дигитално писмен кадар што го разбира начинот на кој функционираат новите платформи и знае како „дишат“ младите генерации.
„За да се создаде релевантна и привлечна содржина на Тик-ток не е доволно само техничко познавање, потребна е креативност, разбирање на културата на платформата и потребна е способност за брза адаптација“, вели тој.
Кога станува збор за локалните медиуми, ситуацијата е уште посложена.
„Многу од нив се соочуваат со ограничени ресурси и сведоци сме дека во последните години, некои локални гласила згаснаа целосно. Редакциите што сè уште функционираат, најчесто имаат мал број вработени, кои едвај ги покриваат основните обврски, па создавањето видеосодржина, која бара време, вештини и креативност, веројатно останува на маргините“, смета Николов.
И Стојанов се согласува дека недоволната употреба на Тик-ток се должи на недостигот од знаење и вештини.
„Обично, па дури и ние, рециклираме содржини од другите социјални мрежи. Тоа може да доведе до замор кај публиката, ако ве следи на повеќе социјални мрежи. Ние сме свесни за тој ризик, но сме екстремно мала редакција со исклучиво ограничени и преморени човечки ресурси“, објаснува Стојанов.
„Ние го имаме луксузот да експериментираме и да не успееме“, вели на шега Стојанов, додавајќи дека како непрофитен медиум, најважната цел е да допрат до младата публика, а воедно и да ја едуцираат.
Николов од „Студентарија“ смета дека е доволна една мотивирана личност во редакцијата за да почне промена, особено ако медиумот ја препознае вредноста на директната комуникација со младата публика, токму преку каналите што тие секојдневно ги користат.
Тој вели дека комфорот на дел од медиумите е разбирлив, а чекањето да се види како ќе се снајдат другите е „играње на сигурно“, кое носи и своја цена.
„Во дигиталната ера, промените се брзи, а трендовите се менуваат уште побрзо. Ако, на пример, креирате содржини со мемиња или вирални музики и звуци, рокот на траење на ваквите содржини денес е неколку месеци, па дури и недели. Ако не се качите на „возот“ навреме, може да се најдете во ситуација да трчате зад него за да ги стигнете оние што веќе стекнале предност“, објаснува тој.
Но, и брзото прифаќање на новите платформи, исто така, носи ризик, иако е и можност за раст, експериментирање и учење во реално време, особено кога станува збор за комуникација со младите, кои први ги прифаќаат новите платформи.
„Токму тие медиуми што се осмелуваат први, најчесто ја освојуваат нивната доверба. Не се работи за тоа дали ќе успеете од прва, туку дали сте доволно флексибилни да пробувате, да учите, да се адаптирате и да бидете релевантни. Во медиумскиот свет денес, промената е постојана“, завршува уредникот на „Студентарија“.
Кордалов не смета дека решението е медиумите да се залетуваат по сѐ што е ново, меѓутоа некогаш мора да се зграпчи шансата пред „да помине возот.“ Како позитивен пример го покажува вклучувањето на поткастите како содржини и дел од програмата на традиционалните медиуми.
„Секој медиум за себе и индивидуално ќе ја направи својата стратегија, пресметка и ќе донесе заклучок, односно ќе одлучи дали е потребно да се вклучи во следењето на овие новитети. Нема погрешна одлука“, завршува тој.
Оваа анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.
