Активистите кои веќе извесно време се борат за спас на реката Дошница денес информираа дека целосно се блокирани патиштата што водат кон реката од Кавадарци. Со денови е блокиран патот кон планината Кожуф од Гевгелија, со цел да не се дозволи изградба на хидроелектрани.
„Ја известуваме јавноста дека патиштата што водат кон Дошница се целосно блокирани и од страната на Кавадарци. Во Гевгелија сме распоредени на неколку клучни локации и ги блокираме сите патишта кои водат кон нашата река. На сите одговорни им порачуваме дека силата е во народот. Нема да се тргнеме, нема да попуштиме, нема да отстапиме сè додека не се поништи дозволата за уништување на Дошница, не се повлечат сите машини од нашата река и планина“, известија активистите од општествената организација changemakers4all, на нивната Фејсбук страница.
Борбата продолжува, порачаа тие, до конечна победа за животот и природата, со хаштагови „спас за Дошница“, „силата е во народот“ и „човекови права“.
„Силата е во нас. Нас не нѐ движат интереси, не нѐ движи профит — нѐ движи љубовта кон нашата земја, кон нашата природа, кон иднината! Секој глас што се крева е доказ дека не смееме да се откажеме. Секој чекор напред е чекор кон правда. Секој од нас е важен! Не верувај кога ќе ти кажат дека ништо не можеш да промениш. Ние сме доказ дека промената почнува од народот! Заедно сме посилни. Заедно ќе победиме“, порачаа активистите.
Притоа подвлекоа дека не се откажуваат.
„Не се плашиме. Одиме напред — за правда, за иднина, за живот! Природата не е за продавање“, категорични се тие.
Р. Л.