Фудбалскиот клуб Овче Поле од Свети Николе слави еден век постоење

Стогодишното постоење Фудбалскиот клуб Овче Поле од Свети Николе ќе ги одбележи со пријателски фудбалски натпревар со најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, екипата на Вардар од Скопје, кој ќе се одигра на градскиот стадион во Свети Николе на 26 август.

„Овој натпревар ќе биде и увертира за прославата на нашиот клуб, по повод еден век постоење“, вели градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.

Овче Поле е формиран далечната 1925 година и во моментот настапува во третата македонска фудбалска лига. Оваа стогодишнина не е само доказ за долговечностa на клубот, туку и одраз на непоколебливата посветеност, страст и дух што го водеа напред низ децениите.

„Од скромни фудбалски почетоци, клубот прерасна во симбол на извонредност и издржливост во светот на фудбалот. Секоја победа, секој надминат предизвик и секој момент на слава е изграден врз основа на напорна работа, тимска работа и непопустлива посветеност. Патешествието го красеа незаборавни натпревари, легендарни играчи и заедница која стоеше позади истиот. Кога се навраќаме на минатиот век, им оддаваме чест на визионерите кои го основаа овој клуб, играчите кои со гордост ги облекоа боите на Овче Поле, тренерите кои го водеа и навивачите чија непоколеблива поддршка е најголемата сила“, велат од ФК Овче Поле.

Од таму додаваат дека оваа стогодишнина треба да биде светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат, потсетувајќи дека со единство, истрајност и заедничка љубов кон играта, нема граници за она што може да се постигне.

Цел на клубот е првото место во третата лигата оваа сезона, која стартува на есен, а со тоа и бараж за настап еден ранг погоре следната сезона, односно во втората фудбалска лига. Овие очекувања се резултат и на неколкуте засилувања оваа сезона кои дојдоа во екипата од други клубови во државата.

М.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE