Во мај оваа година од Општина Неготино изјавија за Локал Актив Вардар дека за месец до два ќе се уредува улицата во Доморовско маало во селото Долни Дисан, долгогодишен проблем на мештаните. Сега градоначалникот Горан Стојанов го најави како капитален проект, а жителите се плашат дека и овој пат се работи само за предизборно ветување.
Според извори од општината, на 16 јули бил потпишан договор со Министерство за транспорт за реализација на 10 капитални проекти во Општина Неготино. Станува збор за проекти од исклучително значење, кои ќе се реализираат во рамките на вториот повик на Владата за финансирање на инфраструктурни проекти во општините. Со средства од 163.934.211 денари, во оваа општина ќе се финансираат десет проекти, меѓу кои и реконструкција на улица во село Долни Дисан, во вредност од 3.234.448 денари.
„Улицата во Доморовско маало ќе се уредува преку проект од Владата со средства од унгарскиот кредит. Според најавите, се очекува работите да започнат за 1 до 2 месеци од денес“, одговорија од Општина Неготино за Локал Актив Вардар во месец мај, откако жителите по којзнае кој пат реагираа дека нивниот проблем не е решен, иако на неколку пати им била кажано дека ќе се надмине.
Револтираните повторно реагираат дека им е тешко на возрасните, но и на децата да се движат по кал во 21 век, а проблематичен бил и пристапот за итна медицинска помош. Тие пoвторуваат дека е ова долгогодишен проблем и очекуваат негово решавање.
Р. Л.