Со 10 милиони денари ќе се внесува свежа вода во загаденото велешко езеро Младост

Десет милиони денари се издвоени за езерото Младост, откако градоналникот лани во септември со писмо ја молеше Владата да му помогне да го избави од „клиничка смрт“. Езерото е забрането за било какви активности од јули 2024 година, кога Хидробиолошки завод Охрид во својот извештај констатираше дека Младост е полно со фекалии. Во просториите на Општина Велес деновиве се одржа средба со вицепремиерот Љупчо Димовски со цел изнаоѓање решение за спас на Езеро Младост.

На средбата присуствуваа претставници од сите засегнати институции, комуналните претпријатија ЈКП Дервен, ЈПВ Лисиче, Центар за јавно здравје Велес, како и претставници на советот на општината, од советничките групи.

Се разгледуваа досега преземените мерки, но се донесоа и неколку заклучоци.

Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес е со лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет

„Во најбрз можен рок да се стават во функција аераторите набавени од бизнис заедницата, кои ќе овозможат внес на кислород во езерото. Да се исчисти крајбрежјето, да се исчисти Отовичка река. Да се направат бушотини за внес на свежа вода во езерото, како и да се задолжи конкретен ресор за ревизија на проектот за поврзување со цевковод од Лисиче до Младост, што всушност претставува долгорочно решавање на проблемот.

За оваа цел првично се издвоени 10 милиони денари и со нареден ребаланс ќе побараме уште 15 милиони, а проектот за поврзување би чинел над 4 милиони евра, нешто што во иднина треба да го реализира државата. Сите процеси да течат паралелно и независно еден од друг, за да нема непотребно губење на време“, објави Општина Велес.

Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес е со лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет, според заклучокот во извештајот кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, на барање на Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес, кое стопанисува со водата на езерото и врши редовни испитувања на нејзиниот квалитет.

Резултатите на физичко-хемиските анализи на оваа установа покажуваат дека водата во Младост е проѕирна само два метри под површинскиот слој и е категоризирана во трета класа.
Во површинскиот слој е присутен растворен кислород, додека во длабочина го нема. Тоа значи дека животинскиот свет, флората и фауната, може да се одржат во живот до само седум метри во длабочина, ако воопшто за нив се доволни присутните количини на разреден кислород, додека под оваа длабочина езерската вода се категоризира во петта класа.
Тоа според потпишаните лекари, двајца доктори на науки и еден пред докторирање, како и тројца специјалисти во своите области, значи дека велешкото езеро Младост е езеро во изумирање.
Во микробиолошката анализа, резултатите на оваа институција покажуваат дека има сериозни индикации за бактериолошко загадување поради брзата реакција на бактерии на променливите услови на животната средина.

Во резултатите на Хидробиолошки завод Охрид се открива и ново фекално загадување на езерската вода.

Експертите на оваа македонска институција, стара деведесет години, заклучуваат дека според застапеноста вкупните колиформни бактерии, квалитетот на водата во Младост е лош, поточно е во четврта и петта класа. Водата е фекално и органски загадена.

О.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn