Свети Николе го одбележа денот на својот патрон

Свети Николе го одбележа денот на својот патрон „Свети Николај“, со низа свечени активности кои го збогатија културниот и духовниот живот на градот.

Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на градот, се одржа свечена академија во Домот на културата, каде се доделија плакети, благодарници и признанија на заслужни граѓани, кои со своите дела го оставија својот белег врз развојот и афирмација на општината изминатава година.

Меѓу наградените беа просветни работници, ученици, работници од противпожарната заштита, од безбедноста, спортот, здравствени работници, претставници на локалниот стопански сектор и други. Плакети се доделија на британската организација Operation Florian и ЈП „Национални шуми“ , ПСШ Шумарство Свети Николе за значајни остварувања и постигнувања во унапредувањето на противпожарната заштита и безбедноста на населението.

Наградите ги доделија Градоначалникот на Општина Свети Николе Дејан Владев и Претседателката на Советот на општината Валерија Ивановска. Свеченоста беше збогатена со музички и уметнички изведби на учениците и на градскиот мандолински оркестар.

Сечење на славски колач пред статуата на Свети Николај во центарот на градот Свети Николе

Со мотиви од рано-античкиот локалитет „Билазора“ граѓаните имаа можност да ја проследат изложбата на слики од автори од Друштвото на ликовни уметници „Овчеполски спектар“, кои беа изложени во зградата на Народниот музеј од Свети Николе. Во црковниот храм „Свети Николај“ се одржа литургија.

Во духот на патрониот празник Свети Никола, се изврши сечење на славскиот колач, а подоцна  на градскиот плоштад во Свети Николе беше организирана посна трпеза за сите граѓани.

Настанот, кој се одржува традиционално се секоја година, ги собра жителите на градот околу маси полни со традиционални посни јадења, создавајќи атмосфера на заедништво и празнична радост.

Граѓаните ја искористија можноста да се дружат и да уживаат во пријатната атмосфера, додека настанот беше дополнет со музички настапи на локална група.

Р.П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE