Со одигрувањето на вчерашните натпревари заврши групната фаза од турнирот во мал фудбал во Свети Николе. Дваесет пријавени екипи се натпреваруваа во четири групи по пет екипи, од кои понатаму за четврт финале ќе продолжат само две екипи од секоја група. Интересот на екипите за играње на овогодинешниот турнир беше зголемен, но беше ограничено учеството на вкупно дваесет екипи, од кои пет беа од Свети Николе, а останатите петнаесет учеснички екипи беа надвор од општината.
„Осумте екипи кои ќе продолжат во четврт-финалните натпревари се Аледар Премиум, Гема Пласт Слободан, Компанија Атанасовски, Пепси Травел, Пин Петрол, Фото Весна Велес и екипите на светиниколските фирми Сендичара Лучијано и НК Сервис. Вечерва овие победнички екипи од групната фаза ќе започнат да играат за четврт-финале, а утре ќе се игра за полуфинале. Во недела со одигрувањето на финалниот натпревар ќе ги дознаеме и победниците за првите три места“, вели за Локал Актив – Вардар Кристијан Милевски, претставник на организаторот на турнирот, Општина Свети Николе.
Наградниот фонд за освоено прво место е 150.000 денари, за второ место 70.000 денари и за трето место е 40.000 денари. Општина Свети Николе е организатор и на овогодинешниот турнир во мал фудбал 2025 година, а спонзори се локални компании.
Р. П.