Советот на Општина Свети Николе донесе неколку одлуки, клучни за отпочнување со работа на Заедничкото јавно претпријатие Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство СТАЦИОНАР – ШЕПА Кавадарци. Двете одлуки стапуваат на сила на почеток на октомври.
Советот донесе решение за именување на член на управниот одбор од Општина Свети Николе, а даде и согласност на Статутот на заедничкото јавно претпријатие. Исто така се донесе одлука за утврдување на паричен надоместок за овие позиции, па така од присуство на седница на управниот одбор и за присуство на надзорниот одбор за контрола на материјално финансиското работење претседателите ќе добиваат осум илјади денари месечен надоместок, додека членовите на надзорниот и управниот одбор ќе добиваат шест илјади денари месечно.
Советот даде согласност за одлуката за утврдување на вредноста на бодот за исплата на плати на вработените во претпријатието, согласност за програмата за хуман третман и благосостојба на бездомни кучиња и согласност на одлуката на управниот одбор за утврдување на цените на услугите на претпријатието.
Покрај Општина Свети Николе, во подготовките за работата на овој регионален стационар треба да се вклучат и преостанатите општини од Вардарскиот регион Кавадарци, Неготино, Велес, Чашка, Демир Капија, Градско, Лозово и Росоман.
Овие девет општини се обврзуваат да го финансираат работењето на овој заеднички регионален стационар, за чија цел е заловување, стерилизирање, вакцинирање и вдомување или враќање на кучињата скитници, при што престојот на третираните кучиња скитници нема да биде подолг од 30 дена во стационарот.
Р.П.