Search
Close this search box.

Општина Неготино да ги исполни своите ветувања и да ги асфалтира улиците во село Долни Дисан – бараат жители на селото

Сѐ уште се чека на асфалтирање на една улица во Доморовско маало во неготинското село Долни Дисан. Жители на селото во март оваа година, бараа да да им биде изграден патот бидејќи како што рекоа за Локал Актив Вардар, есенските дождови и зимските снегови, го оневозможуваат нивното движење. 

За нив е особено проблематично тоа што до селото е отежнат пристапот за итна медицинска помош и тоа што за нивните деца отежнат е патот до училиште. Ова, како што велат е долгогодишен проблем кој со децении не се решава.

„Принудени сме во калта да се движиме со стари обувки, а новите да ги носиме во раце. Сестра ми живее сретсело па таму ги облекуваме новите, а старите обувки стојат кај неа и така постојано. За назад истата песна. Ова не се издржува повеќе“, се жали Барда Нојкова, жителка на селото.  

Нејзината сестра Дрите Најдова исто така реагира дека многу е страшно кога се оди во тој дел на селото и многу се лизга, а со една грешка може да се заврши во река. 

Во Локална самоуправа Неготино одамна знаат за проблемот и за барањето на мештаните. На почетокот на април минатата година најавија дека, како што рекоа „следната  недела, ќе се отпочне со активности за комплетно улично осветлување, а во средина на годината ќе започнат градежни активности, за бетонирање на улицата“. Но оттогаш поминаа многу недели а овие ветувања останаа попусти. 

Во март месец,  од локалната самоуправа Неготино, информираа за Локал Актив, дека претставници на ова маало биле во локалната самоуправа и имале средба со стручните служби и им било објаснето дека основниот проект е изработен. Им биле покажани проект и слики, како сето тоа ќе изгледа. 

„Улицата е долга 370 метри. Обезбедени се финансиски средства во висина од над три милиони денари со ДДВ, за комплетно уредување. Јавната набавка, бидејќи не може да се изврши во време на избори, ќе се изврши по завршувањето на изборите. Активностите за изградба на улицата, се предвидени со програмата за оваа година, тоа значи дека оваа година, ќе се направи таа улица“, рекоа тогаш од Локална самоуправа Неготино. 

Бидејќи досега поминале многу изборни циклуси и за претседателски и за парламентарни и за локални избори, жители што живеат во тој дел, тогаш изразија надеж дека ова нема да биде само предизборно ветување и дека конечно и нивниот проблем ќе биде надминат и тие најпосле ќе добијат асфалтирана улица. 

Сега повторно реагираат бидејќи општината не го исполнила ветувањето. Локал Актив Вардар повторно контактираше со општината и повторно го доби истото образложение како во март – со тоа што овој пат општината даде поинакви рокови за спроведување на проектот за кој тврди дека обезбедила пари.   

„Проектот за изградба на улицата е готов и наредна постапка е распишување тендер за избор на најповолен изведувач. До крајот на годината или најдоцна до почетокот на наредна година,  улицата ќе биде комплетно изградена“, ни одговори Методи Митрев, портпарол во Општината.  

Во меѓувреме, извесно е дека жителите на ова село ќе поминат уште една есен и уште една зима со ризик дека доколку им треба итна медицинска поддршка – возилото на брзата помош нема да може да стигне до нивниот дом. 

С.Д.

Фото : Дрите Најдова 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE