Search
Close this search box.

Неготинци повторно под притисок во битката против загадувачките индустрии

Жители на Неготино, предводени од еко-здружението Ековита, изразија категорично противење на плановите за инсталирање капацитет за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад во нивниот регион.

Проектот, предложен од скопски инвеститор, предвидува дневна обработка на 35 тони пластичен отпад преку процес на пиролиза, користејќи постоечки објект во близина на селото Тремник. Оваа информација беше објавена на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање: „Се работи за преместување опрема од село Желино во нашата општина, како што е наведено во најавата. Ова е неприфатливо за Неготино, најголемиот регион за производство на грозје и вино, кој истовремено има огромен потенцијал за развој на вински туризам,“ изјави за Локал Актив Вардар, Сашко Тодоров, претседател на Ековита.

Тој потсети дека пред локалните избори, локалната самоуправа потпишала зелен договор со екологистите, со кој се обврзала да не дозволува загадувачки индустрии во регионот.

Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, рече дека општината го поддржува зачувувањето на животната средина и на економската стабилност на регионот. Во официјалното писмо до Министерството, Општина Неготино изрази негативен став за проектот, посочувајќи дека планската документација не го дозволува овој тип активности.

„Графичкиот дел од урбанистичкиот план ја дефинира локацијата како Е3 – некомпатибилна инфраструктура, додека табелите и посебните одредби ја класифицираат како Г2 – лесна и незагадувачка индустрија. Очигледно е дека постои техничка грешка која треба да се исправи,“ се наведува во одговорот на Општината.

Дополнително, според најновиот правилник за урбанистичко планирање, ваков тип проект може да се реализира само на земјиште класифицирано како Е3.1 – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад, што не е случај со предложената локација.

Локалните здруженија и граѓанските активисти најавуваат постојана будност и активен отпор против сите идни обиди за реализација на проекти што го загрозуваат квалитетот на животната средина. „Ова е уште еден обид Неготино да стане цел на загадувачки индустрии, но ние нема да дозволиме. Овој регион има право на одржлив развој без компромиси за животната средина,“ нагласи Тодоров.

Сега, одговорноста за конечната одлука е во рацете на Министерството за животна средина, кое треба да ги штити интересите на жителите и природните ресурси на регионот. Активистите остануваат цврсти дека оваа битка е од клучно значење за зачувување на екосистемот и економската иднина на Неготино.

С.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE