Неготино доби канцеларија на Централен регистар, а Свети Николе Центар за услуги

Жителите на Неготино, по години барање, конечно добија, регионална регистрациона канцеларија на Централен Регистар на Република Северна Македонија. Со тоа неготинчани, претставниците на бизнис секторот и други корисници повеќе нема да мораат да патуваат во други градови и да се изложуваат на дополнителни финансиски трошоци кога е во прашање користењето на услугите на Централен регистар.

„Овде, граѓаните на Општина Неготино, но и граѓани од соседни општини, ќе можат да ги добијат и да ги користат сите видови на услуги што ги дава Централен регистар, како и да добијат помош, доколку им е потребна, од стручниот персонал кој е подготвен да им излезе во пресрет на барањата, одговорајќи притоа на основната функција на Централен регистар како сервис на граѓаните и на бизнисот“, вели градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов.

Градоначалникот Стојанов, заедно со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, присуствуваа на отворањето на регионална регистрациона канцеларија во Неготино.

Исто така, деновиве и Општина Свети Николе доби нова локална јавна канцеларија – Центар за услуги, за кој локалните власти велат дека ветиле дека ќе биде пуштен во употреба до крајот на летото.

„Преку овој Центар им овозможуваме на граѓаните поголема достапност до електронските услуги и поедноставен пристап до администрацијата. Граѓаните во оваа канцеларија ќе можат да вадат државјанства, листи за стаж, М4, М1 и М2, дозволи за оружје, разни можности за студентите и многу други услуги. На овој начин услугите се поблиску до сите граѓани, а времето и трошоците значително се намалуваат“, вели градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев.

„Успеавме да отвориме канцеларија за доста кратко време, која со своите тројца вработени ќе нуди над 300 административни услуги за граѓаните и правните лица во Свети Николе. Сите граѓани кои немаат можност или не знаат самостојно да аплицираат за одредена услуга преку порталот, може да се обратат во канцеларијата за услуги“, изјави Стефан Андоновски, Министер за дигитална трансформација.

Министерот додаде дека во моментов се актуелни две услуги: аплицирањето за дозвола за оружје и ваучери за ИКТ-уреди за студенти, за што е потребно да се креира кориснички профил и, со лична идентификација, да се подигне нивото на Системот за единствена најава (СЕН).

М. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE