На единственото хранилиште за птици мршојадци во Македонија му се заканува замирање

Автори: Емануел Лисичанец* и Мирјана Мукаетова**

На висорамнината Витачево, во близина на Кавадарци, 860 метри над морското ниво, планинарите – набљудувачи, кои би минувале покрај поставената, веќе изветвена и кородирана жичана ограда, би можеле да видат мала група птици како, стоејќи на земја, ги распнуваат своите исклучително долги пердувести крилја и го истегнуваат својот тенок и флексибилен врат. Не придвижувајќи го значително своето тело, тие имаат способност целосно да ја свртат својата глава и да видат што се случува зад нив. Набљудувачите би можеле да видат како остриот клун на овие препознатливи птици, налик на орудие на праисторискиот човек, сече во месото на труповите од мртви животни „расфрлани“ на висорамнината.

Ова се Белоглави мршојадци – биолозите ги сметаат за чистачи на природата – загрозен вид птици, кои некогаш се прехрануваат во единственото хранилиште за птици-мршојадци во Македонија. Пред 40 години, македонските и југословенските биолози утврдиле дека, за да се заштитат ретките грабливи и мршојади птици во овој дел од земјата имало потреба да се направи хранилиште кое ќе им помогне, особено во зимскиот период, да се прехранат. Се простира на површина од 2.500 метри квадратни.

Хранилиштето е направено и заградено според стандарди на Европската Унија и е недостапно за диви и питоми животни, со што се оневозможува ширење на каква било зараза од телата кон останатата околина. 

Фотографија на Емануел Лисичанец

Познавачите на состојбите се категорични дека опстанокот на хранилиштето во Македонија има национален и интернационален интерес. Тие потсетуваат дека станува збор за хранилиште што придонесува кон зачувување на загрозени видови птици, а истовремено е добар потенцијал за развој на орнитолошки туризам во земјата.

Четири децении подоцна

Но, денес, четири децении подоцна, како што за Локал Актив Вардар алармираат претставници на кавадаречкото здружение Аквила, на ова хранилиште му се заканува затворање. Позитивните практики на европските фондации да финансираат проекти за зачувување на мршојадците во Македонија биле прекинати уште во 2014 година и оттогаш финансирањето е непостојано и зависи од повремената помош од локални бизниси и љубители на природата, кои за да го заштитат тоа што го сметаат за една од најважните природни реткости во Македонија, решиле сами да донираат за храната на мршојадците.

Професорот Томе Лисичанец, е претседател на здружението. Тој денес има 89 години. Проучувањето на мршојадците и грижата за нив, за овој човек е посветеност која се протега долж речиси целиот негов професионален живот. Лисичанец е еден од застапниците и спроведувачите на идејата на оваа локација да се направи хранилиште. Тој вели дека по сиве поминати децении грижа, ако не се најде долгорочен извор на финансии за континуирано прехранување на мршојадците, тие ќе исчезнат од Македонија. Досега, согласно претходниот Закон за нуспроизводи од животинско потекло, во делот на исклучоци, член 19, за хранење на птици некрофаги кои се сметаат за заштитени или загрозен вид, здружението поседуваше дозвола и успеваше одвреме навреме да обезбеди храна за хранилиштето. Меѓутоа, во последно време, по стапувањето на сила на новиот закон од 2023 година, многу подетално се регулирани начинот и постапките за спроведување на исклучоците од употребата на нуспроизводи од животинско потекло за исхрана на заштитени птици некрофаги. Она што е ново и клучно во овој закон, е тоа што сите нус производи од животинско потекло, вклучувајќи ги тука и кланиците, треба да бидат складирани во собирни центри во складишта кои ги задолуваат стандардите пропишани со законот. Агенцијата за храна и ветеринарство е таа која ќе издава одобренија или дозволи на операторот на станицата за хранење на птиците некрофаги со нус производи од животинско потекло. Токму во овој дел од законот се затвораат сите можности, хранилиштето да се снабдува со храна, бидејќи вакoв собирен центар, за жал сѐ уште нема регистрирано во Македонија.

Никој нема одговор на прашањето кога ќе се изгради собирен центар или кафелерија во Македонија и што дотогаш?

Иницијативата за изградба на кафелерија во Тиквешијата поточно во околината на Неготино, во која ќе може да се дистрибиураат сите нус производи од животинско потекло, постои уште од пред триесетина годин, но за жал, никако да се реализира. Најновите информации до кои успеа да дојде Локал Актив Вардар, говорат дека последната локација за изградба на кафелерија или собирен центар, како што стои во најновата законска регулатива која е усогласена со европската , треба да се гради во Општина Росоман. Но одговор на прашањето кога таа ќе биде изградена за жал нема и никој со сигурност не може да потврди ништо повеќе околу ова прашање. Доколку во меѓувреме не се преземат конкретни мерки, на единственото хранилиште за птици мршојадци во Македонија му се заканува замирање. Но, цела деценија без соодветни средства за хранилиштето и цела деценија потпирање на ентузијазмот и добрата волја на локалните луѓе и бизниси, е предолг период.

Како функционира хранилиштето за мршојадци?

За жал, како што предупредуваат од Аквила, состојбата со загрозените птици мршојадци на територијата на Македонија сѐ повеќе е загрижувачка. Според податоците што ги поседуваат активистите на здружението Аквила, кај нас егзистираат од 40 до 45 белоглави мршојадци и не повеќе од 13 двојки египетски мршојадци.

Фотографија на Емануел Лисичанец

„Повремено може да се забележи црн мршојадец кој се сметаше за исчезнат уште од 2005 година, како и автохтониот брадест мршојадец кој е исчезнат од 2004 година. Благодарение на тоа што во соседните држави Бугарија и Грција се финансираат големи проекти за реинтродукција на белоглавите и црните мршојадци, голем дел од тие птици го посетуваат нашето хранилиште во Македонија, а дел од нив веќе формираат двојки и гнезда на местото викано Чатино и во Демир Капија. Заради тоа опстојувањето на хранилиштето на Витачево е многу важно за успешноста на реинтродукцијата во соседните земји со кои нашето здружение негува добра соработка и взаемно помагање“, вели Лисичанец.

Што мислат стручњаците за овој проблем?

Соработката на Македонското еколошко друштво МЕД со Аквила трае од 2002 година, вели д-р Методија Велевски од МЕД.

„Тогаш станавме партнери во Акцискиот план за заштита на мршојадците на Балканскиот Полуостров. Со Томе Лисичанец се запознавме неколку години порано, но уште тогаш неговата љубов за птиците веќе беше надалеку позната. Соработката се одвиваше преку комплементарни активности за заштита на овие птици, преку регионалните активности што ги имавме, со тоа што Аквила беше задолжена за дополнителна исхрана на мршојадците, а МЕД повеќе за борбата против отрови“, додава Велевски.

МЖСПП нема планирано активност за одржување на ова хранилиште
„Во регионот на Тиквеш, конкретно на платото Витачево во близина на Кавадарци, се наоѓа хранилиште за мршојадци кое активно се одржува од страна на поединци. Ова е единственото хранилиште од ваков вид во Македонија иницирано од приватни лица и има улога во поддршката на популацијата на овие загрозени птици. Според податоците од Македонското еколошко друштво, најмалку три пара египетски мршојадци и над 20 белоглави мршојадци редовно го посетуваат ова хранилиште. МЖСПП нема планирано активност во моментов за оджување на ова хранилиште. Планирано е најпрво да обезбедат ф.средства за да се направи акциски план за заштита на неколку вида на значајни птици за да може да се почне со активност за нивна заштита и хранење. Овие активности се дел од пошироките напори за зачувување на мршојадците во Македонија, кои вклучуваат и програми за следење на гнездењето и заштита од закани како што е труењето“, ни одговорија од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Мониторингот често го спроведувале заеднички, посебно во Демиркаписка Клисура, Мариово и Тиквешко Езеро.

„Во повеќе наврати заеднички излегувавме на терен во случаите на масовно труење на мршојадци. Се сомневам дека било кое од здруженијата ќе го имаше сегашниот успех во работата на оваа проблематика, без постојаната комуникација. Што се однесува до проблемот со изнаоѓање храна за некрофагните видови птици, тој е исклучително сложен, дури и во нормални услови, кога нема појава на заразни болести кај домашните и дивите животни. Треба да се гарантира сигурен (здрав) извор на храна, кој често се огледа во обезбедување трупови на цели животни или нуспроизводи од домашни животни (внатрешни органи), од фарми кои се наменети за користење по прехранбената индустрија. Во случај на појава на заразна болест, како во  случај со африканската свинска чума, практично е невозможно да се обезбеди прихрана за мршојадците, односно тие се принудени да се снаоѓаат на друг начин, или преку барање на трупови на угинати животни (домашни и диви) кои сѐ помалку ги има, или со придвижување во некоја од соседните земји каде хранилиштата непречено функционираат“, дециден е Велевски.

Хранилиштето е место за орнитолошки туризам

Во 2000 година Македонија го модернизирала старото хранилиште и формата во која тоа може да се види денес е оттогаш. Тоа е дел од идејата да се направи мост меѓу птиците мршојадци од Шпанија и нивно успешно населување во Франција и на Балканот. По одржан Конгрес на орнитолози во Софија во 2000 година, започнало финансирањето на проекти во балканските земји, Хрватска, Србија, Македонија и Бугарија, а хранилиштето на висорамнината Витачево станало дел од таа програма на враќање на мршојадците на Балканот.

„Меѓутоа, вистинските почетоци на хранилиштето датирааат многу поодамна, уште во осумдесетите години на минатиот век, кога Томе Лисичанец од Кавадарци како љубител на природата и птиците и професор по ловство и ловна зоологија, по средбата со професорот Братислав Грубач од Србија, отпочна да ги истражува популациите и колониите на мршојадците и другите крупни грабливи птици (4 видови на мршојадци, царски орли, сури орли, еја, луња и ноќните грабливци-бувови) и нивните гнезда. Благодарение на ентузијазмот на професорот Томе Лицичанец, ова хранилиште успешно егзистира цели четири децении и овозможува овие грабливи птици, таканаречени чистачи на природата, да не ја одминуваат територијата на нашата држава Македонија, Неговата афирмација сѐ повеќе се ширеше, со што отпочнуваат соработка со слични здруженија од Србија, Бугарија и Грција, а подоцна и со повеќе европски држави, во кои егзистираат мршојадци и тоа најмногу со Шпанија, Франција, Италија и Хрватска.

Фотографија на Емануел Лисичанец

Љубители на птиците од цела Европа, па и од Америка, со свои водичи доаѓаа да ги набљудуваат ретките птици на хранилиштето и не го криеја своето воодушевување, што беше уште една сатисфакција за сето она што го правиме, хранилиштето да опстане,“ велат од здружението Аквила.

Братислав Грубач : Опстанокот на хранилиштето во Македонија има национален и интернационале интерес

Орнитологот Братислав Грубач од Србија, истакнува дека хранилиштето на Витачево ја има една од најзначајните улоги во регионот, затоа што ги поддржува птиците во миграција и птиците во дисперзија и ја одржува локалната популација, за да имаат доволно храна да можат да подигнуваат гнезда. Воедно, вели тој, со постоењето на хранилиштето се намалува ризикот на труење, бидејќи во спротивно би морале да летаат многу далеку, со што се зголемува можноста да се отрујат или да пукаат во нив несовесни ловци, кои за жал ги има на Балканот насекаде.

„Сакам да потенцирам дека обезбедувањето на храна овозможува подигање на младата популација на птиците мршојадци и успешно гнездење. Она што за мене е најважно, е тоа што хранилиштето станува идеално за едукација на младите и подигањето на еколошката свест за грижата кон овие загрозени птици чистачи на природата, но и за развивање на туризмот. Само за илустрација, одредени резервати и хранилишта во Франција имаат по еден милион туристи годишно, додека на хранилиштето Увац (во близина на Нови Пазар и Сјеница) во Србија и до 6.000 туристи годишно. Меѓутоа, во овој момент главната намена на хранилиштето е да се овозможи спасување на биодиверзитетот и спасување на видови птици кои се високо загрозени и претставуваат приоритет во заштитата. Лешинарите ја имаат онаа важна улога на чистење на органскиот отпад. Ние во Србија пресметувавме дека годишно околу 200 тони органски отпад отстрануваат птиците мршојадци, што значи рециклирање за кое би требало да се плаќа за да се отстрани. Се водиме по примерот на Шпанија која оствари големи заштеди со функционирањето на хранилиштата, каде многу помалку средства се вложуваа за да се платат луѓето кои вршат дотур на мршите до хранилиштата. Јас лично работев на студија за хранилишта кои овозможуваат одржување на екосистемите и кружење на материјата. Со палење и закопување се нарушува екосистемот и биолошкиот циклус и на животните и на почвата, а последиците се далекусежни,“ истакнува Грубач.

АХВ : Иницијатива за предлог за изградба на кафилерија
Одговори побаравме и од Агенција за храна и ветеринарство. Оттаму ни одговорија дека како одговорна институција, АХВ има покренато иницијатива до Владата на РСМ за решавање на проблемот со нештетно отстранување на нус производи од животинско потекло преку доставување на Предлог за изградба на кафилерија. Постапката е во тек. „Согласно одредбите од Закон за нуспроизводи од животинско потекло - Службен весник на РСМ бр. 129 /23 год. во членот 21 - Специјална употреба во исхраната, уредени се правата и обврските за специјална исхрана на следниве животни. Животни во зоолошките градини, животни во циркуси, влекачи и птици грабливки, освен животните во зоолошките градини и животните во циркусите, крзнени животни, диви животни, кучиња од регистрирани одгледувалишта или група на ловечки кучиња, кучиња и мачки во засолништа за напуштени животни, ларви и црви за риболовни мамки. Согласно став (7) од членот 21, станиците за хранење мора да бидат регистрирани во Агенција за храна и ветеринарство согласно член 25 - регистрација на оператори, објекти или погони со нуспроизводи од животинско потекло. Врз основа на став (8) од членот 21, операторот на станицата за хранење мора да има издадена согласност од Агенцијата за храна и ветеринарство од член 27, со која обезбедува, хранењето да не се користи како алтернативен начин за отстранување специфичен ризичен материјал или за отстранување остатоци од мртви преживари, кои содржат материјал што претставува ризик за ТСЕ, воспоставување соодветен систем за набљудување на ТСЕ, како што е утврдено во прописите од областа на ветеринарното здравство, што вклучува редовно лабораториско тестирање на примероците за ТСЕ“, се вели во одговорите од Агенцијата.

Со кои проблеми се соочуваат активистите на Аквила и каде го гледаат решението

Активистите на Аквила, особено оние кои директно најдолго се вклучени во одржувањето на хранилиштето и обавувањето на оваа нималку пријатна работа, велат дека сопствениците на фарми во околина на Кавадарци, кои се во приватна сопственот, а кои најмногу им одговараат за снабдување со мрши, одбиваат да даваат мртви животни, плашејќи се од законската регулатива и високите казни. Сметаат дека во овааа насока треба да помогнат инспекциските служби кои можат на сопствениците да им наложат да им даваат мртви животни за хранилиштето. Нивните обиди досега не вродиле со плод, бидејќи, како што велат, сите се тргале настрана и си ги префрлале ингеренциите еден на друг. 

Фотографија на Емануел Лисичанец

Истиот одговор дека не е во нивна надлежност, го добивме и од ветеринарниот инспектор Спасе Донов во Кавадарци. Постоењето на хранилиштето и неговата намена му е доволно позната и на Симо Костов, раководителот на Државната инспекција за заштита од болести кај животните, во Агенцијата за храна и ветринарство кој потенцира дека навистина на ова поле треба да се донесе законска регулатива на ниво на држава, со што ќе се одредат стандардите по кои ќе може да се издава дозвола за носење на угинати животни на хранилиштетото. Во делот на грижата за заштитените птици мршојадци, тој ги издвои само обуките на инспекторите во случај на труење на мршојадци, кои се реализирани во Битола и Кавадарци.

Какво е искуството во соседна Србија?

Грубач вели дека во Србија има законска регулатива, но и таму постојат проблеми.

„Меѓутоа постоеше толеранција од страна на надлежните инспектори, затоа што се работи за опстанок на загрозени видови, а од хранењето на птиците не се остварува некоја економска корист, бидејќи немаме друг начин како да ги спасиме. Од искуството што го имаме во Србија, сметаме дека најважна е добрата соработка на релација Завод за заштита на природата, Министерство за животна средина и Управа за ветерина, заради разбирањето на проблемот околу издавањето на дозволи. Интенција е луѓето кои работат на хранилиштата и локалните ветеринари да бидат во блиска соработка, за да не дојде до инциденти, бидејќи секој ветеринар знае какви болести има на терен и кои болести не шират инфекции“, вели професорот Братислав Грубач.

И по ова подолго истражување останува впечатокот дека и во Македонија, како и во другите земји, причините за загубата на биолошката разновидност се испреплетени и не може да се очекува дека со елиминирање на една од заканите, негативните трендови ќе се подобрат, особено во делот на приоритетните видови грабливи птици. Јасно е дека е потребно време за да се создадат услови за да може во целост да се имплементираат сите одредби од новиот закон, со што ќе се овозмошат законски можности за активистите од Аквила да го одржат опстанокот на хранилиштето и да ја продолжат својата мисија во грижата и заштитата на овие загрозени птици –чистачи на природата. А во меѓувреме потребна е координација на испекциските служби од Министерство за земјоделство шумартсво и водостопанство, Агенција за храна и ветеринарство и Министерство за животна средина да овозможат услови да се обезбеди храна за единственото хранилиште за мршојадци во Македонија.

Локал Актив Вардар ќе го следи овој интересен случај и навремено ќе ја информира јавноста дали и што е направено за надминување на проблемот и колку државата води сметка за заштитените видови кои се значајни за природата.

* Емануел Лисичанец е граѓански активист во организацијата Аквила.

** Мирјана Мукаетова е новинарка.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE