МОН со план за оптимизација на училиштата: Како ќе се одрази врз образовната иднина во руралните средини во Свети Николе

Подрачните училишта се клучни за одржување на селата, сметаат родителите и членовите на семејствата чии деца учат во подрачни училишта. Според нив, секое дете заслужува квалитетно образование во своето место на живеење.

Автори: Даниела Панева* и Ристе Панов**

Министерството за образование и наука (МОН) воведува процес на оптимизација, со која сметаат дека би се овозможило рационално искористување на расположливите материјални и човечки ресурси и би се обезбедил поквалитетен воспитно образовен процес. Со процесот на оптимизација се предвидува и укинување на подрачните училишта.

Според објаснувањето на МОН дадено за Локал Актив Вардар, со оптимизацијата се предвидува времено ставање во мирување на подрачните училишни објекти кои имаат помалку од 15 ученици, а се на оддалеченост од два до пет километри од централното училиште и притоа не постои предизвик поврзан околу превозот на учениците. Додека, пак, подрачни училишни објекти кои се наоѓаат на ридско-планински подрачја и се на оддалеченост над 25 километри од централното училиште, ќе останат отворени, без оглед на бројот на ученици, макар и за едно дете.

Во Општина Свети Николе има три централни основни училишта со свои подрачни училишта.

ОУ „Даме Груев“ во Ерџелија
ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе
ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе

Рано станување, патување и чекање

Драгана Драганова е ученичка од деветто одделение и патува секој училишен ден од село Пеширово до централното основно училиште Даме Груев во Ерџелија. До петто одделение таа учеше во подрачното училиште во село Пеширово, во кое се одвива само одделенска настава.

„Секое утро станувам во шест часот, се подготвувам, со комбето од селото обично тргаме пет минути пред седум часот и за дваесетина минути патување сме во централното училиште во Ерџелија. Во деновите кога имаме пет часа, завршуваме некаде околу 11:30 часот, па мораме да го чекаме комбето до 13, а понекогаш и 13:30 часот за да се вратам во селото каде што живеам. Мислам дека не е добро да се укине училиштето во Пеширово, каде одат мали деца од шест и повеќе години кои се од прво до петто одделение. Тие нема да можат да се снајдат сами со превоз и треба да чекаат и по неколку часа во централното училиште доколку им завршат порано предавањата, за да дојде комбето и да ги врати назад во селото. Исто така, тие се на мала возраст за да стануваат толку рано во 6 часот, за да се подготват, да чекаат превоз, а потоа да бидат концентрирани на час. Понекогаш и на мене ми е тешко раното станување и да бидам концентрирана на предавањата, иако сум поголема од нив. Сметам дека подеднакво се одвива образовнието. На пример, и во подрачното училиште во Пеширово и во централното училиште во Ерџелија имаат смарт табли“, вели ученичката Драгана Драганова.

МОН: Оптимизацијата на училиштата е во интерес на учениците
Министерството за образование и наука тврди дека процесот на оптимизација на училишната мрежа во основното образование, што вклучува и затворање на одредени подрачни училишта, се спроведува со цел обезбедување поквалитетно образование за учениците. Во нивното образложение за Локал Актив Вардар стои: „Процесот на оптимизација на училишната мрежа во основното образование се прави во интерес на учениците, нивно вклучување во поквалитетна настава, поголема социјализација и меѓусебен натпревар, повеќе инвестиции во училиштата и друго. Процесот е комплексен и ќе се одвива подолг период, но веруваме во успешното заокружување со оглед на поддршката и работењето на остварување на целите заедно со УНИЦЕФ, Светска банка и ЗЕЛС.“, укажуваат од МОН.

Родители: Најмладите ученици не можат сами да се снајдат со превоз

„Ние родителите не се согласуваме да ги дадеме децата од шест годишна возраст да се превезуваат до централните училишта и сме против укинување на подрачните училишта“, вели  Марија Јакимова, претседателка на Советот на родители во ООУ Даме Груев во Ерџелија.

„Тоа дете е мало, не може само да патува наутро. Некои родители излегуваат од дома на работа околу 5 часот наутро. Треба сами да ги оставиме децата да се спремаат, сами да излезат и да се качат во комбето. Во тој период кога се качуваат децата во комбето, има 5-6 комбиња на фабриките што влегуваат и земаат работници од селото, а тие мали деца од каде ќе знаат во кое комбе треба да се качат? Исто така, ќе треба да му се даде обврска на наставникот да го качи во комбе од училиштето и да го испрати детето за назад, а потоа треба тука некој да го пречека во селото и да го однесе дома, а ние родителите сите сме на работа. За разлика од ова, во подрачното училиште нема потреба од превоз, блиску е стотина метри од домовите и нема причина да се плашиме за обврските околу патувањето на детето“, вели претседателката на родителите Јакимова.

Горан Радуловиќ е татко на ученик кој завршува во подрачно училиште и од овој септевмри неговиот син како шестоодделенец своето основно образование ќе го продолжи во централно училиште, за што ќе треба да патува. Тој кажува дека во некои држави дури и за едно дете доаѓа учител, сѐ со цел да опстанат селата.

„На овој начин, со укинувањето на подрачните училишта, се ништат селата. Јас се надевам дека и синот ќе сака да остане да живее на село, но за тоа треба услови, меѓу кои и училиште“, укажува таткото Радуловиќ.   

Маре Миленковска има внучиња кои по некоја години треба да тргнат на училиште. Таа сака да остане подрачното училиште во село Кадрифаково, за да може внучињата да бидат блиску до нив кога ќе зачекорат во училишните клупи. Со подрачните училишта учениците добиват личен пристап и повеќе внимание.

„Жално е, новиот училишен објект ќе се запусти доколку го затворат“, смета Маре Миленковска.

„Ако го затворат школото, поарно и нас да нѐ иселат од селото. Единствено е тоа што функционира во селото. Сега има 4-5 дечиња, а за година-две ќе бидат 7-8 деца. Ако го затворат школото и тие 7-8 дечиња ќе ги нема“, вели Тони Нанев, претседател на Месна заедница од село Кадрифаково, во кое живеат околу 150 жители. Тони не се согласува со процесот на оптимизација која сака да го воведе МОН.

ОУ „Даме Груев“ во Ерџелија

„Предноста на подрачните училишта е што колку-толку го одржуваат селото. И се надеваме дека ќе опстанат. Ако ги затворат, кој млад родител ќе создаде дете и ќе го остави да седи во рурални средини? А, нели сакаме да ги напреднуваме селата? Тоа ќе се одрази на младите семејства, ќе бидат натерани да бегаат во градовите или странство или каде било, само да не се во селото. Кога ги немаш основните услови за да пратиш дете на школо, за вода, за канализација, тогаш ги немаш најосновните работи за едно село да опстане“, укажува претседателот на месната заедница Кадрифаково, Тони Нанев.

Поделени ставови меѓу наставниците за оптимизацијата на подрачните училишта во Свети Николе

Дел од наставниците кои предаваат во подрачни училишта на територијата на  Општина Свети Николе се со поделени мислења за самиот процес за оптимизација. Тие сакат да останат анонимни, но со нас го споделија нивното мислење:

„Според мене, нема разлика во образованието на учениците, независно дали учи во подрачно или централно училиште. Ако се помалку ученици и ако наставникот се залага, ќе има поголемо внимание и посветеност кон ученикот, а исто така ќе може да се посвети и на воспитувањето и на градењето како личности. Но, од друга страна кај подрачните училишта кои се со помалку деца негативно е тоа што учениците немаат конкуренција и не можат да напредуваат многу“, смета еден од наставниците, кој укажува и дека неговите колеги стравуваат за своите работни места. „Некои се со преку дваесет години стаж, а има и некои што се пред пензија. Оптимизацијата не е добра, сѐ помалку и помалку часови би имале наставниците, со што ќе мора да работат на проектни задачи“, смета тој.

„Како наставник, јас сум за оптимизација и сметам дека преместувањето на учениците во централните училишта ќе им овозможи поголема социјализација и размена на искуства со повеќе врсници. Исто така, во централните училишта има повеќе ресурси и модерна опрема, што ќе придонесе за поквалитетно образование“, вели друг наставник. Според него, оптимизацијата не го прави проблемот, туку тоа што на сите наставници им се даде решение без разлика дали е реално, без да се направи проценка дали за оваа или за некоја следна година ќе има првачиња во некои села. Смислата на наставата не е да се работи со 1, 2 или 3 ученика. Наставниците што работат во подрачните училишта дупло се казнети, покрај малку часови, треба да го плаќаат и од сопствен џеб патот до подрачните училишта. Подрачните треба да опстанат, но земајќи ги предвид овие проблеми.“

223 ученици патуваат или учат во подрачни училишта во Свети Николе

Вкупно 223 ученици од сите три основни општински училишта на територијата на Општина Свети Николе учат во подрачните училишта или патувааат од нивните села за да учат во училишта во други места. Од тоа, 136 ученици учат во подрачни училишта кои се во склоп на трите централни основни училишта, 80 ученици се од села кои имаат подрачни училишта и патуваат кон централните училишта, а само 7 ученици патуваат кон училиште во друго место, бидејќи нивното село нема подрачно училиште. Најмногу ученици кои учат во подрачно училиште има во село Горобинци (вкупно 58 ученици), а најмногу што патуваат од село во централно училиште (17 ученици) се од Пеширово. Целосната табела за бројот на ученици можете да ја погледнете тука.

На прашањето на Локал Актив Вардар дали Општина Свети Николе и другите општини од Вардарскиот плански регион се опфатени со процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и во кои рокови и под кои услови би се укинувале подрачните училишта, од Министерството за образование и наука добивме одговор дека одлуките ќе се носат заеднички со локалните самоуправи и со согласност од родителите/старателите на учениците. Како што напоменуваат од МОН, процесот е комплексен и ќе се одвива подолг период, а сега е во подготовка  и затоа во овој момент не би можеле да дадат поконкретен одговор на прашањето.

* Даниела Панева е активистка во Организацијата на жените на Општина Свети Николе

** Ристе Панов е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE