Модуларната болница во Велес ќе остане само споменик на Корона пандемијата

Еден монтажен објект, со заклучена влезна врата и обраснат во трева, е глетката која го пречекува секој посетител во дворот на Општа болница Велес. Доколку тој не е граѓанин на Велес тогаш не би можел да знае дека објектот до пред две години и три месеци имаше намена на болнички оддел за лекување на пациенти заболени од Корона вирус, и тоа како дополнителен капацитет со повеќе легла за прифаќање и лекување на граѓани како од Велес, така и од Свети Николе, Неготино, Кавадарци и останати градови на Вардарски регион.

По две години и три месеци од прогласениот крај на Корона пандемијата овој објектот нема друга намена освен на споменик. Одговарајќи на поставено новинарско прашање зошто овој објект воопшто не се става во функција за потребите на Општа болница Велес, заменик министерот за здравство Јовица Андовски ги потенцираше нерасчистената сопственост помеѓу министерствата за здравство и за одбрана како и небезбедноста.

„За да може да се стави во функција објектот, барем одреден дел, колку што јас сум запознат, еден негов дел пренесен е на Министерство за одбрана и тоа мора да се разграничи. Мора да се направат и одредени реконструкции затоа што мора да сме свесни дека модуларните болници не се безбедни, значи мора прво да им ја вратиме безбедноста“, додаде Андовски.

За директорот на Фонд за здравство, Сашо Клековски, проблематичноста на овој и останатите објекти наменети за модуларни болници, била во неизвршениот технички прием, пред да бидат ставени во функција за време на Корона пандемијата.

„Модуларните болници во сите градови во државата се неискористени. Во Скопје, Клиника за пулмологија ја користи поради зорт за амбулантски дел. Секако, тоа е простор којшто треба да се размислува дали може да се користи за амбуланти, за администрација, за растеретување на главна болничка зграда во Велес“, додаде Клековски, но не се откажа од намерата Фондот за здравство да даде финансиска поддршка со која Модуларната би се ставила во функција доколку велешка болница покаже интерес за потреба од пренамена на објектот.

За директорот на болницата во Велес, Александар Бузалков, објектот за било каква намена би создавал само дополнителни трошоци на јавно здравствената установа.

„Сме размислувале за ставање во некаква споредна функција на Модуларната болница, но и сме се откажувале од намерата. Прво, поради тоа што немаме гаранција за безбедност на објектот, и второ, поради неговата неповрзаност со централниот систем за затоплување,со електро мрежата и уште со неколку значајни комунални или инфраструктурни пропусти за да му дадеме некаква функција на административен или амбулантски дел“, додаде Бузалков.

Проектот „Модуларни болници“ го спроведе претходната власт предводена од СДСМ за време на експанзијата на Корона вирусот во државата, кога не го спои со Инфективното одделение во Велес туку го постави на засебна парцела. Актуелната власт, предводена од ВМРО ДПМНЕ му најде повеќе недостатоци, од кои најзначајна е небезбедноста на објектите, по пожарот во тетовската Модуларна која за само неколку минути се претвори во пепел и зема 14 животи на пациенти на возраст од 29 до 74 години. Но кога е во прашање овој објект во дворот на Општа болница Велес двете централни власти не го отворија прашањето за неговата локација, поточно дека зафаќа дел од простор изграден во време на претходната држава и неколку пати користен Хелиодром за итна потреба од хеликоптерска помош за пренос на пациенти или медицинска опрема.

У. Ј.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE