Преку регистрирањето социјални претпријатија како правни лица кои со претприемачката активност ќе остваруваат позитивно општествено и еколошко влијание и ќе обезбедуваат производи и услуги на пазарот, треба да се овозможи работен ангажман на одредени категории невработени, како и реинтеграција на лица кои живеат во социјален ризик.
Автори: Сашко Тодоров* и Тони Ајтовски**
Социјалното претприемништво на македонските простори не е непозната форма на економска активност, со оглед што почнало да заживува уште на почетокот на 20-от век преку доброволни здруженија и потрошувачки кооперативи. Во 1922 година била основана Првата трговска комора, а една ипол деценија подоцна основани се и младински кооперативи. По Втората светска војна, до осамостојувањето на државата, се развивале и модели на заштитни претпријатија и здруженија за работа со лица со попреченост, што претставувало продолжување на традицијата на солидарна економија.
Има различни форми за функционирање на правни субјекти во рамки на социјалното претприемништво, без разлика дали е преку самовработување или ангажирање во социјално претпријатие со други вработени. Главната цел е по распределбата на платите за вработените, остварениот профит да се користи за набавка на основни средства неопходни за извршување на активностите или за развој на социјалното претпријатие, потоа за одржување или зголемување на бројот на вработени, за едукација, практична работа и обука на вработените, работно ангажираните или волонтерите, како и за други развојни и непрофитни активности што не преставуваат лична корист на членовите во правните лица. Приоритет во ангажирањето имаат социјално ранливите групи, а позитивниот ефект е што лицата остваруваат приход за себе, а придонесуваат и за заедницата преку корисно вклучување во системот.
Во современиот контекст, социјалните претпријатија во Македонија се релативно нова појава, а концептот е воведен од страна на граѓанскиот сектор. Иако се споменува и во владините стратегии за периодите 2012–2017 и 2018–2023, а бил тема на разгледување и во работни групи, правното регулирање трае подолго време. Практично, развојот на социјалното претприемништво во современите македонски услови скоро две години е во „статус кво“, закочен во административните постапки, а заинтересираните претприемачи чекаат Собранието да го донесе Законот за социјални претпријатија.
„Социјалното претприемништво е моќен двигател за општествена промена и одржлив развој во Македонија. Иако нашите социјални претприемачи покажуваат неверојатна креативност и посветеност, тие заслужуваат јасна законска рамка и силна поддршка за да го ослободат својот полн потенцијал. Овие претпријатија не само што носат иновативни решенија за социјални и еколошки предизвици, туку создаваат и нови можности за вработување, правејќи ги заедниците поодржливи и инклузивни. Време е да ја препознаеме нивната моќ и да им ја дадеме поддршката што ја заслужуваат“, оценува Кристина Тодорова, дипломирана земјоделска инженерка од невладината организација Ековита од Неготино. Таа е заинтересирана за сериозен ангажман во социјалното претприемништво и го чека донесувањето на законското решение за да регистрира социјално претпријатие.
Во рамки на Националната стратегија за развој на социјални претпријатија за периодот 2021 – 2027 година, утврдени се пакет мерки за создавање соодветна правна, финансиска и институционална рамка, а во ноември 2023 година изготвен е и предлогот на законското решение. Текстот на законот беше ставен на јавен увид преку Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а имаше и повик за јавни расправи со засегнатите страни во Скопје, Битола и Штип.
Во последниот, член 62 на предлог-законот е наведен и датумот од кога треба да почне неговата примена:

Иако кон крајот на 2023 година текстот е доставен до Собранието на РСМ за понатамошна парламентарна процедура, сѐ уште се чека на негово усвојување.
Претходно, во септември 2021 година од страна на Министерство за труд и социјална политика е донесена Национална стратегија со пет главни приоритети и Акциски план за развој на социјалното претприемништво преку Центарот за социјални претпријатија во Скопје, кој има и свои канцеларии во осумте плански региони во државата.
Поддршката од државата изостанува, социјалното претприемништво преживува од донации
Социјалните претпријатија во државата функционираат без посебен правен статус, најчесто како асоцијации,фондации или кооперативи, при што се опфатени во одредбите за невладини организации или кооперативи. Поддршка во работењето добиваат од граѓански организации и преку меѓународни проекти и донатори, во вид на обуки, менторство и финансирање, најчесто во фазите на идејна разработка.
Преку регистрирањето социјални претпријатија како правни лица кои со претприемачката активност ќе остваруваат позитивно општествено и еколошко влијание и ќе обезбедуваат производи и услуги на пазарот, треба да се овозможи работен ангажман на одредени категории невработени, како и реинтеграција на лица кои живеат во социјален ризик.
Недостигот од законска рамки ги спречува социјалните претпријатија да користат специфични даночни олеснувања или јавни тендери со социјални критериуми, банките ретко им одобруваат кредити поради ниската профитабилност, а донаторските фондови се временски ограничени.
Освен тоа, не постои ниту доволно ниво на јавна свест, односно граѓаните не препознаваат или не поддржуваат производи со социјална вредност, а поради недоволните претприемачки вештини овие претпријатија немаат капацитети за маркетинг, продажба и современа промоција.
Голема поддршка околу промовирањето и заживувањето на социјалното претприемништво кај нас доаѓа и од Полска. Барбара Садовска, психолог, коосновач и претседател на полската Фондација Барка, која веќе е мрежа од педесет нејзини организации во светот, во 2023 година е избрана за една од најинспиративните социјални претприемачки на глобално ниво. Нејзиниот проект е насочен кон пријателски екосистем за развој на социјалното претприемништво и добива финансиска поддршка од ЕУ. Исто така, Садовска беше вклучена во изработката на Националната стратегија и на Законот за социјални претпријатија, заедно со соодветната финансиска регулатива.
„Иако нашите социјални претприемачи покажуваат неверојатна креативност и посветеност, тие заслужуваат јасна законска рамка и силна поддршка за да го ослободат својот полн потенцијал. Овие претпријатија не само што носат иновативни решенија за социјални и еколошки предизвици, туку создаваат и нови можности за вработување, правејќи ги заедниците поодржливи и инклузивни“, смета Кристина Тодорова, дипломирана земјоделска инженерка од Неготино, заинтересирана за сериозен ангажман во социјалното претприемништво.
Успешни примери од Македонија
Без разлика што нема законско решение, во Македонија веќе работат неколку социјални претпријатија, а кои јавноста ги препознава како успешни со години наназад. Една од нив е Националната федерација на Здруженија на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија, која има производствено-услужни капацитети со работни места за лица со инвалидитет, главно за производство на мебел, текстил и сервисни услуги.
Позитивен пример е и Тераписката заедница „Покров“ од Струмица која е отворена во 2009 година како рехабилитациона програма за одвикнување на зависници од дрога, алкохол и хазардерски игри, а структурирана е по принципот на светските тераписки заедници. Таа е заеднички проект на граѓанското здружение Избор и на Македонската православна црква – Струмичка епархија.
„Ова е единствен центар на Балканот којшто работи по модел, програма и методологија на тераписка заедница. Кај нас социјалното претприемништво е имплементирано во делот на работни терапии за нашите клиенти, како неразделен дел од терапискиот процес. Законот може да придонесе само уште подобро да ја имплементираме програмата којашто ја спроведуваме. Нашето производство е поделено во два дела – во првиот развивме органско производство на раноградинарски култури, нив ги пласираме со години наназад низ повеќе ланци на маркети во државата. Во меѓувреме успеавме да направиме и погон за сушење и пакување на истите земјоделски производи, значи на она што нема да се продаде.
Веќе сме препознаени на македонскиот пазар. Работиме со зависници од дрога, алкохол и коцка, развивме професионална програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на истите целни групи и најголем дел од вработените. Тука се луѓе кои успешно го завршиле терапискиот процес. Имаме 5 хектари ограден простор, околу 1.200 квадратни метри објекти со опрема за обука, за терапии и за производство. Тоа уште не е завршено, затоа што е еден жив процес што сѐ уште трае и се надградува секојдневно. Во терапискиот процес имаме потпишано договор со Министерството за труд и социјална политика, така што најголем дел од потребните средства за престој и третман на луѓето кои доаѓаат овде се од МТСП. Успеавме да имплементираме еден комбиниран модел којшто ги опфаќа најдобрите практики буквално од целиот свет, тоа функционира и така сме препознаени како успешен модел за рехабилитација и ресоцијализација. Поминаа голем број луѓе кои побараа помош кај нас, но се работи за хронична болест, третманот е хроничен и бројките што можеби многумина ги очекуваат да ги спомнам како успешни приказни не се толку големи, но сепак се доволно големи за да го оправдаат постоењето на Центарот и неговото функционирање“, вели Сократ Манчев, основач на Тераписка заедница „Покров“ од Струмица.
Во Скопје работи креативниот центар Паблик Рум (Public Room) со продавница за занаетчиски производи изработени од локални занаетчии, уметници и ранливи групи, финансирани преку продажба на уникатни предмети и кафе-бар. Во Охридско-преспанскиот регион има иницијативи од рурални средини, како што на пример е Биоразноликост и традиција каде жени од руралните заедници произведуваат и продаваат традиционални производи – ајвар, мед, ракотворби, со што обезбедуваат приходи и истовремено зачувуваат дел од културното наследство.
Исто така, има позитивни примери на проекти со рециклирање и повторна употреба, односно мали работилници за изработка на накит од рециклирани материјали или производство на мебел од отпадно дрво.
Овие претпријатија најчесто користат хибриден модел, што значи дека делумно зависат од продажба на сопствени производи и услуги, а делумно од донаторска поддршка.
Србија најнапред во социјалното претприемништво
Социјалното претприемништво во државите од соседството, кои не се членки на ЕУ, е опфатено со конкретни и директни или со други законски решенија. На пример, Албанија има усвоено Закон за социјални претпријатија во 2016 година со што им се обезбедува специфична правна рамка. Постои централен регистар на социјални претпријатија со значителен број активни субјекти. Законот им овозможува пристап до грантови и кредити со пониски камати, а најпознат пример е Yunus Social Business Balkans, кој инвестира и менторира социјални претпријатија.
„Работиме со зависници од дрога, алкохол и коцка, развивме професионална програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на истите целни групи и најголем дел од вработените. Тука се луѓе кои успешно го завршиле терапискиот процес. Имаме 5 хектари ограден простор, околу 1.200 квадратни метри објекти со опрема за обука, за терапии и за Апроизводство“, вели Сократ Манчев од „Покров“.
Во Србија, по скоро десетгодишна подготовка, во февруари 2022 година е усвоен Закон за социјално претприемништво. Тоа е едно од најнапредните правни решенија во Европа и го става социјалното претприемништво во легална рамка, па веќе дејствуваат околу 500 претпријатија. Меѓу нив се и Каритас Србија со работилници за рехабилитација и производство и Наша куќа кое се занимава со изработка на органски производи и вклучува лица со попреченост. Законот им овозможува даночни олеснувања, пристап до јавни набавки и официјално признавање на социјалната мисија.
Во Босна и Херцеговина не постои специфичен закон за оваа област, при што социјалното претприемништво е признато во стратешки документи, како на пример Стратегијата за социјална инклузија, но тоа нема легална форма. Социјалните претпријатија функционираат во форма на здруженија, задруги, компании за вработување на лица со попреченост, вклучувајќи ги и заштитните фирми. Позитивен пример е Greens од Сараево, кое рециклира отпад и создава работни места за млади. И покрај тоа што нема закон на ниво на држава, има општински програми за поддршка.
Во Црна Гора нема посебна политика за социјалното претприемништво и тоа е вклучено во општа стратегија на Министерството за социјална политика за периодот 2018–2020 година, при што само се споменува како цел, но нема законски дефиниции. Недостатокот на закон го ограничува пристапот до долгорочно финансирање. Постојат повеќе пилот социјални претпријатија, како што е пекарницата Наша радост во Никшиќ, којашто вработува лица со попреченост.
Во Косово концептот се промовира преку Министерството за труд и социјална грижа, но без формален закон, а социјалното претпријатие се дефинира како „правно лице кое во статутот има социјални цели и интегрира ранливи групи“. Во мај 2024 година, Балканската зелена фонадација ја лансираше платформата „Мапа на социјални претпријатија“ заради евиденција и поддршка на косовското социјално претприемништво, а се очекува таа да овозможи мрежно поврзување и полесен пристап до клиенти. Постои силно развиена култура на инкубатори, како на пример технолошкиот инкубатор Bonevet каде младите учат техники за бизнис вештини.
Социјалното претприемништво во ЕУ игра важна економска улога
Во декември 2021 година, Европската комисија усвои нов акционен план за социјалната економија со кој предложи конкретни мерки помош во мобилизирањето на потенцијалот на социјалната економија, потпирајќи се на резултатите од Иницијативата за социјален бизнис од 2011 година и Иницијативата за стартап и проширување од 2016 година. Целта на акциониот план е да се подобрат социјалните инвестиции, да се поддржат актерите во социјалната економија за стартап, проширување, иновации и создавање работни места. Според планот, тоа треба да се постигне преку серија иницијативи во создавање соодветни рамковни услови за напредување на социјалната економија, во отворање можности, вклучувајќи и пристап до финансии, и поддршка за градење капацитети, како и преку подобрување на препознавањето на социјалната економија и нејзиниот потенцијал. Периодот за реализација на Акциониот план е до 2030 година.
Податоците од извештајот Современ развој на социјалната економија во Европската унија, што е изготвен од Европскиот економски и социјален комитет на Европската комисија, во државите членки на ЕУ денес има приближно 2,8 милиони субјекти на социјалната економија. Тие работат како асоцијации, кооперативи, фондации и социјални претпријатија, обезбедуваат околу 13,6 милиони платени работни места и вработуваат над 6 отсто од вкупната работоспособна популација во земјите на Унијата.
Целосни законски решенија со решен статус на социјалните претпријатија имаат постарите членки на Унијата – Франција, Шпанија, Португалија, Грција и Италија, но и поновите Романија, Словенија, Словачка, Бугарија и Полска. Во Германија, Холандија, Данска и Шведска иако не е донесен посебен закон за социјално прептиемништво, постојат силни екосистеми, а поддршката се обезбедува преку програми, даночни режими за непрофитни организации и јавни набавки. Во Хрватска нема рамковен закон, но постои национална стратегија, а Владата и нејзините национални агенции развија одредени шеми за финансирање како што се гаранции за кредити за мали и средни претпријатија, шеми за грантови за поддршка на иновациите и субвенции за вработување за поддршка на мерките за инклузија.

Најчесто за финансирање на социјалното претприемништво во ЕУ се користи програмата InvestEU која поддржува социјални инвестиции и вештини, одржлива инфраструктура, истражување, иновации и дигитализација, како и подршка на мали и средни претпријатија, фокусирани на инвестиции каде што ЕУ може да донесе поголема вредност. Програмата преку финансиски посредници дава микрокредити до 50 илјади евра, како и инвестиции за социјални претпријатија, обично до 500 илјади евра и максимум до 2 милиона евра.
Друг извор за финансирање еЕвропскиот социјален фонд Плус, 2021–2027, како главен инструмент за „инвестиции во луѓе“, со голем буџет и редовни повици, вклучително и за мрежи во социјалната економија и социјалните финансии.
Парламентарниот институт на Собранието на РСМ во 2024 година го изготви компаративниот преглед Социјални претпријатија и социјално претприемништво во одбрани држави од регионот и Европа, во кој е направена споредба на состојбата во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Холандија и Велика Британија и заедничко за сите е што социјалното претпријатие го поврзуваат со дејности и активности кои вршат позитивно општествено и еколошко влијание и кои се од општ интерес за заедницата.
„Социјалните претпријатија претставуваат важен дел од светската и европската економија, бидејќи тие вработуваат 11 милиони луѓе во Европа, што е околу 6,7% од вработените во ЕУ. Само задругите како форма на општествено здружување, од кои 240 илјади се регистрирани во ЕУ, директно вработуваат 4,7 милиони луѓе и имаат 143 милиони членови. Истовремено, здравствените услуги и услугите за социјална заштита што ги обезбедува социјалната економија опфаќаат 120 милиони корисници, се наведува во Компаративниот преглед на македонскиот Парламентарен институт.
Донесувањето на Закон е потребно и заради економскиот развој
Усвојувањето на законскиот документ во македонски услови ќе донесејасна дефиниција за социјалното претприемништво, ќе се изработи регистар на социјални претпријатија, а ќе се обезбедат и даночни бенефиции и квоти во јавните набавки.
Кај нас сè повеќе иницијативи се фокусираат на рециклирање, обновливи извори на енергија и еко-туризам, а ќе се обезбеди пристап до регионалните мрежи, со оглед што проектите како RISE, EU4Social, Social Economy Europe помагаат во размена на знаења и пристап до пазари во ЕУ.
Не помалку важно е што ќе се обезбеди дигитализација во работењето, со оглед што онлајн продажбата и маркетингот стануваат клучни за одржливоста, особено по пандемиското искуство.
„Во Македонија подолг период е потребен ваков закон и се надевам дека конечно ќе биде донесен и ќе биде од корист за сите инволвирани и заинтересирани, затоа што треба да ја олесни работата на социјалните претпријатија од повеќе аспекти. Прво, од финансиски аспект ќе им помага да можат полесно да дојдат до финансиски ресурси и да бидат препознаени од претпоставените и од луѓето што ја водат државата. Второ, ќе се зголеми идејата за социјално претприемништво затоа што тоа може да биде од најголема помош за маргинализираните групи со кои работи социјалното претпријатие.
Битно е овој закон дефинитивно да биде донесен и имплементиран во животот на социјалните претприемачи. Тогаш сите ние ќе го увидиме бенефитот од него, а сите негативни аспекти што ќе бидат забележани од наша страна ќе можеме после да сугерираме да бидат променети. Значи, тоа ќе биде полесниот дел од работата, а најважно е законот што побргу да биде усвоен“, заклучува Сократ Манчев од Покров.
Според предложеното законско решение што чека на усвојување во Собрание, до крајот на секоја календарска година Владата треба да донесе Годишна програма за поддршка и развој на социјалните претпријатија за наредниот едногодишен период. Програмата треба да ја изготви Министерството за социјална политика, демографија и млади по претходно мислење од Националниот совет за социјално претприемништво.
Во рамки на Програмата се определуваат средствата за финансиска поддршка како неповратна помош, односно почетен грант за основање и почнување со работа на социјалните претпријатија и субвенција на придонесите на социјалните претпријатија. Исто така, се определува надоместокот по основ на договор за социјално работно ангажирање, субвенција на плата и придонеси на плата, поддршка на социјалните претпријатија за социјална реинтеграција и работно ангажирање и социјалните претпријатија за работна интеграција, грантови за развој и проширување на социјалните претпријатија и грантови за социјални иновации.
Предвидено е и кофинансирање на обуки за професионален развој на вработените и ангажираните лица, во првите три години по стекнување на статусот на социјално претпријатие.
Со оглед што средствата за спроведување на Годишната програма за поддршка и развој на социјални претпријатија се обезбедуваат од државниот Буџетот, но и од фондовите на ЕУ, вклучително и претпристапната помош и други меѓународни инструменти за помош, како и од средства остварени по основ на меѓународна билатерална и мултилатерална соработка на програми, проекти и други активности во областа на социјалното претприемништво, останува дилемата зошто се пролонгира донесувањето на Законот.
* Сашко Тодоров е граѓански активист во здружението „Ековита“ од Неготино
** Тони Ајтовски е новинар